Анета Антова Пешева (МАСИТ):

„Недела неработен ден – бргу ќе се укине“

Од 1. јануари, неделата официјално станува неработен ден и во трговијата, со исклучок на моловите и неколку други дејности.

Собранието, завчера со 59 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас „против“ ги изгласаа и измените на Законот за трговија со кои се регулира како ќе функционира оваа дејност во неделите.

Анета Антова Пешева генералн менаџер на „Ultra Unet Group“ и претседател на МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии и почесен амбасадор на Канада во Македонија, за Анторис, предвидува дека „ова решение нема да го издржи тестот на реалниот живот“ и дека ќе „падне“ за неколку месеци.

Анета Антова Пешева (МАСИТ): „Недела неработен ден – бргу ќе се укине“


  • Граѓаните, особено во градовите, имаат навика на достапност на трговијата и во неделите, па дури и во подоцните вечерни часови. Особено град како Скопје, со толкав број жители, има потреба од продавници речиси во секој дел од денот и во неделата. Дали е ова уназадување на навиките или е навистина со желба за заштита на работните способности на работниците?



  • Навистина многу е тешко да се одговара на прашања кои во својата основа немаат никаква врска ниту со економските законитости ниту со реалните состојби во кои се наоѓа нашата држава. Уште на самиот почеток на заговарањето на оваа идеја остро се спротивставивме на мерката која е демагошко флертување на владата и на синдикатите во услови кога земјата се наоѓа во тешка здравствена и енергетска криза, а се плашам дека тоа ќе премине и во тешка економска криза во периодот што следи. Решението не кореспондира со ништо. Ниту со економската состојба на компаниите, ниту со вистинските потреби на вработените, а се повикува на правила на однесување кои одамна се минато за современите општества, особено во државите кои имаат потреба за брз економски раст, како нашата. Мислам дека многу брзо, можеби не подолго од неколку месеци, ова решение нема да го издржи тестот на реалниот живот.



  • Дали ќе донесе загуби во приходот на фирмите?

  • Кај некои компании многу, кај други, кои и сега не работат во неделите, а ги има многу, не толку. Но, Законот дефинитивно наметнува комплетно погрешна пресија на веќе со години воспоставените навики. Ќе ја направи државата неатрактивна за викенд посетителите кои изминатиов период беа присутни во голем број, особено во урбаните и во туристичките места во државата. За некои компании тоа значи 1/7 помалку работни денови, особено за тие што имаат производен процес континуирано седум дена во неделата.

  • Дали е мешање во работата на стопанствениците, бидејќи законодавецот вели дека ова ќе донесе релаксација на приватниот живот на сопствениците на фирмите?

  • Јас би сакала да ги замолам законодавците да не се грижат за нашите приватни животи. Нека се концентрираат на поважни теми, како на пример подобрување на деловната клима, олеснувањето на проблемите кои настанаа заради кризите, зашто ако тоа не се случи - ова наше кревко презадолжено стопанство ќе биде удавено во неможноста да ги врати кредитите од банките. Дури тогаш ќе биде неработна, не само неделата, туку и секој друг ден од неделата, зашто голем дел од компаниите се во опасност да престанат со работа.

  • Дали измените се во корист на работниците?

  • Мислам дека тоа е привид и демагогија. Во услови кога финансиската состојба на семејствата е слаба, не може да се зборува за вистинско одмарање, особено ако тоа се претвори во седење дома. Не ми е јасно како тоа испадна дека правото на одмор е посилно од правото на работа. Прашајте некој невработен, на пример, што му значи да одмора во недела кога цела недела се борел за гола егзистенција. Мислам дека ова е увертира во процесот на работа на црно и работење по скришни места, по дома и слично.

  • Дали ќе биде „зголемена продуктивноста на работниците, по неделниот одмор“ (Шахпаска)?

  • Јас мислам дека ако ова го изјавила министерката, и таа самата во тоа не верува. Или можеби има малку практично искуство во тоа што реално се случува во компаниите.


Демагошки и неекономски мерки



  • Колкав е уделот на стопанските комори во донесувањето на измените?

  • Никаков. Повеќе од три години се бориме против вакви демагошки и неекономски мерки и ништо. Треба да дочекате да им се удрат од глава на компаниите, на отпуштените вработени, па и на самиот буџет ако сакате. Мислам дека е контрапродуктивно и да се разговара за тоа. Тоа ви е разговор од типот: вие кажувате, тие ги затвораат ушите и ви велат „не слушам и не сакам да слушам“!

  • Каква е врската на овие мерки со Зелената агенда на Владата?

  • Аааа може да има. Особено ако се сложат тие што ќе одмораат во недела, заради рекреација да насадат по некое дрвце низ државата, или ако почнат во дворовите да си прават мали градини за одгледување овошје и зеленчук. И одгледување цвеќе не е лоша идеја!

  • Како се однесуваат измените конкретно на ИТ-секторот?

  • Конкретниов закон прави голем проблем во ИКТ индустријата. Дали знаете дека 88 проценти од ИТ компаниите работат за странство. Еве, како ќе го решите проблемот на компаниите што работат за Емиратите? Тие сега работат во недела, а не работат во петок. А тие што работат со Израел? - Израелцитеие работат во недела, а не работат во сабота. И да не редам... Замислете да застанат да работат телекомуникационите мрежи и клауд-системите во недела поради вакви недоречени закони без направена сериозна анализа. Ако не можат компаниите да интервенираат, поради тоа што им е забрането со законот, ќе имаме комплетен информациски и телекомуникациски мрак. Само замислете си во недела да ви е исклучен телефонот или да не можете да се приклучите на интернет. Но, кај нас законите не кореспондираат ниту со светските текови, ниту со реалната состојба во која се наоѓаме, туку само чист популизам.

  • Дали во развиените земји постои сличен Закон, „неработна недела“?

  • Да секако постои и по некоја држава во Европа во која ова се применува. Тоа се обично најразвиените и најбогатите земји. Тоа нивно неработење, во недела, многу нивни соседни држави го имаат искористено за да си ја подобрат економијата. Секоја недела граѓаните од Австрија, Швајцарија и др. одат во соседните земји на неделен шопинг, во кои нема таков закон. Мислам дека не постои држава како нашата која се бори за преживување и која е на самото дно по конкуретноста и продуктивноста, а си прави вакви чудни експерименти.

  • Уште една економска мерка на властите е интересна за коментирање од аспект на работодавачите, а тоа е одредувањето минимална плата. Како ги поднесувате вие работодавачите ваквите мерки, иако се во функција на заштита на животниот стандард на работниците?



  • За ИТ индустријата не постои категорија минимална плата за ниеден од нашите вработени. ИТ секторот е еден од најплатените и најбрзорастечките сектори. Кај нас на природен и на економско издржлив начин им се зголемуваат платите на вработените.


 

Бране Стефановски