„Раде Кончар -ТЕП“ е етаблирана компанија во металопреработувачката и електро индустријата на домашниот и регионалниот пазар. Формирана е во 2006 година со откупување на хипотеката на „Раде Кончар- електрични постројки“ како дел од брендот на некогашниот гигант (над 70 години). Фабриката стартува со 22 вработени (сега се 80) и веќе втората година од своето работење влегува во 200 најуспешни компании во Македонија. Значи, во 2009 за 2008 година и 2010 за 2009 година – со голем пораст и профит.
Кој е концептот за да се успее на пазарот само со работа и без ниту еден државен тендер, и постојано да се биде меѓу најдобрите компании во Македонија и посакуван работодавец разговараме со генералниот менаџер на „Раде Кончар-ТЕП“ од Скопје, Горан Антевски.
*Неодамна, на еден панел кажавте дека не учествувате на државни тендери. Тоа е реткост во денешницава. Многу компании нудат многу ниски цени само да се најдат во барабанот на државна сигурност?
- Не работиме со државата, односно не конкурираме на државни тендери. За 17 години не сме сработиле ниту еден проект со државата, бидејќи таа бара секогаш најевтино решение. Плус со тендерите се случуваат различни манипулации. Ние не работиме евтини производи, туку квалитетни со коректна цена. Во принцип тимот на „Раде Кончар-ТЕП“ 80 отсто од работите ги реализира на македонскиот пазар. Секојдневно ја подобруваме работата на нашата компанија од секој аспект. Секоја година имаме голем раст, затоа што нудиме квалитет, а тоа се должи и на вложувањата во иновативен технолошкиот парк. Годишно вложуваме од 300 до половина, па и еден милион евра во нови машини, во нова опрема. Конкурентни сме на пазарот. Сега се подготвуваме за поголем извоз во делот на електроопрема, (и монтажа на опрема) за што купуваме и нови машини. Го искористивме ковид периодот за стекнување нови знаења. Како резултат на тоа добивме сертификати и станавме панел билдери на две големи светски компании. Тоа значи дека можеме да произведуваме и да монтираме опрема по нивен дизајн, да ја тестираме истата и да го продаваме нивниот бренд, со што ни се отворија сите светски пазари. Добивме сертификат од компанијата ABB за дизајн и производство на нивните ормари. И во тоа сме единствени во регионот. Се стекнавме со сертификат и за производите на словенечката компанија ЕТИ, која е позната на светските пазари и моментално стартуваме со Мицибуши. Со нив имаме добра соработка во последните две до три години во делот на роботика, во што максимално инвестираме.
Најевтината понуда не може да биде и квалитетна
*Имате интересно мото по кое се водите во компанијата: Успехот на нашите производствени решенија се должи на определбата, професионализмот и страста на нашиот тим!
-Затоа имаме успех. Концепт по кој се водиме од првиот момент не се македонските, туку јапонските и европски стандарди. Затоа и немаме реклами туку маркетингот доаѓа од задоволните корисници, кои ја пофалуваат нашата работа и не препорачуваат кај други корисници.
На пазарот настапуваме со најскапи понуди. На пример, последниве години, откако ќе аплицираме за изработка на некој проект, ја даваме понудата и кога ќе нѐ поканат на разговор најчесто со цел да се реализира попуст, не прифаќаме. Остануваме на нашата финална цена, за која гарантираме квалитет, наспроти конкуренцијата која работи и со 15 до 20 проценти пониски цени. Меѓутоа, неретко откако одредени клиенти ќе се изиграат со непрофесионалци, потоа токму тие се наши најголеми промотори. Во принцип договорените работи ги завршуваме не само квалитетно туку и предвреме. Тоа беше случај и со комплетно решение на електриката за „Сити мол“ за „Ист гејт мол“ и за штипскиот трговски центар. Завршуваме предвреме и после им помагаме на другите фирми да си ја завршат работата, што пак ни носи дополнителни финансии.
*Каде се движите, во кои насоки?
-Ние сега го правиме она што порано го реализираа странските компании во Македонија. Тие правеа инженеринг, во смисла доаѓа стручна екипа од машинци и електроинженери кои во основа беа носители на големата работа со нивните екипи, па ангажираа помали претпријатија, кои работеа за нив. Практично тие само со знаењето на инженерите ја изведуваа работата. Сега ние го работиме тоа. Нашата компанија сега располага со лиценцирани машински и електро инженери, кои имаат големо знаење. Освен со знаење можеме и финансиски да го поддржиме секој проект и дополнително соработуваме со кооперанти кои добро ги плаќаме. Сите кооперанти кои претходно работеа со странски компании не сакаат да ја продолжат соработката со нив туку сакаат да соработуваат со нас.
* Станавте прв избор за помалите претпријатија- кооперанти, односно го преземете приматот од странските компании?
-Странските компании исто како и Владата ја земаат предвид најевтината понуда од македонските компании. Но, најевтината понуда не може да биде и квалитетна. Ние што направивме? Ги поканивме сите македонски компании и заеднички формиравме цени, кои повеќе или помалку им одговараат на сите. Најдовме средина во ценовниците со договорен рок на плаќање од 15 дена. Односно исплата на секои 15 дена по дадена фактура за сработеното. Значи го ажуриравме начинот на исплаќање, независно од тоа дали ние сме исплатени. Така што сите компании кои работеа со нашите конкуренти сега сакаат да соработуваат со нас.
Инженерите на обука во Јапонија
* Со оглед на специфичната производна програма, потребен ви е и соодветен, стручен кадар, кој во последно време е дефицитарен? Како стоите на ова поле?
- Во принцип „Раде Кончар -ТЕП“ сам си го подготвува потребниот кадар. Имаме соработка со машинскиот и електро факултетот во Скопје, како и со неколку стручни училишта во градов од каде учениците и студентите си ги земаме од школските клупи уште додека се во ек на школување. Дуалното образование што сега се користи како термин, ние го практикуваме со години наназад. Тие почнуваат овде чекор по чекор да учат, и не само во струката, пристапот и рутината во работата туку се надградуваат и со нашиот дух, нашиот начин на однесување. Нашите стручни инженери и мајстори ги образуваат и обучуваат идните работници.
*Сами ги едуцирате вашите вработени кои работат по европски и јапонски стандарди- колку време ви требаше да изградите ваков тим?
- Уште првата година ги воспоставивме ИСО стандардите 9001 и 14001. Истиот момент, иако сме приватна фирма направивме и синдикат за благосостојба на луѓето. Затоа немаме проблем со вработените, бидејќи секогаш се трудиме да им биде подобро и така и ги задржуваме. Дел од стандардите се и обуките што јас како и поголемиот дел од моите колеги ги поминавме во Јапонија. (околу 10) Тоа многу ни ја олеснува работата затоа што сфаќате каде и која ви е целта.
Обуките се финансирани од Јапонската влада за прекугранична техничка соработка кај земјите во развој. Тоа е огромна можност за нас да учиме од Јапонците, бидејќи обуките се спроведуваа во Тојота, Нисан и во ред други најдобри јапонски компании. Всушност само преку оваа организација можете да влезете во нивните фабрики и детално да го учите занаетот директно од мајсторите. Јас на пример бев на обука во Тојота, Нисан, Хитачи, Панасоник, Омрон. Да влезете во најдобрите јапонски фабрики да ја почувствувате нивната култура, не се плаќа со пари. Принципот на работа, однесувањето, ставот, прецизноста, точноста, одговорноста. Значи не е во прашање само знаењето туку и начинот, процесот и процедурата како ќе го сработите и како тоа ќе го презентирате. Едно е да ви кажат или да го прочитате, а друго е да го видете процесот на работа на самото место.
*Колку време треба да работи еден инженер во вашата компанија за да добие можност за специјализација во Јапонија?
- Најмалку по три до четири години, инженер што покажал резултати, посветеност, одговорност, се испраќа на понатамошна едукација и специјализација во Јапонија. Тоа е како еден вид на награда, што ја посакува секој инженер. За специјализација за еден инженер, компанијата вложува околу седум илјади евра и со субвенцијата вкупниот износ за целата обука е околу 15 000 евра. И не само во Јапонија, сега ќе одат тројца инженери и еден мајстор на обука во Полска, за сервисирање на нова опрема. Вложувањето во кадарот и враќа на компанијата многу ако кадарот е совесен од една и задоволен од друга страна. Важно е што после тоа, ние како компанија не ги обврзуваме инженерите да останат во компанијата, или да ги вратат средствата за нивната обука ако си заминат. Тоа го оставаме на нивната совест.
Работиме по Каизен иако сме далеку од врвот на јапонските фабрики, но секогаш се трудиме да ги стигнеме. Значи Каизен е секојдневно подобрување, истото тоа го правиме со нашите вработени, со производство, секојдневно се подобруваме и може да се пофалиме дека сме еден убав светол пример во Македонија и на Балканот.
Нашиот раст како компанија не само од аспект на производство и профит, туку и во развојот на луѓето и во просперитет и на нашата држава го покажуваме на овој начин на соработката со јапонските компании.

Воведуваме повеќе роботика
*Вложувате во технологија. Колку во вашиот процес на работа дел од технологијата може да ја замени човечка рака во одредени сегменти на производството?
-Засега работат само луѓе, но целта ни е да воведеме повеќе роботика. Мануелна работа секогаш ќе има, но ние сакаме да го зголемиме знаењето на луѓето и за роботите, оти само така ќе напредуваме
Видете во 19 век се појави машинската револуција. Тогаш луѓето се плашеа од машините, а денес тоа е нормална појава. Потоа следеше интернет револуцијата, а сега следува роботиката и АИ индустријата. Ги образуваме луѓето да го прифатат тоа, да се стекнат со вештини за нивно користење. Веќе користиме машина која има подобар квалитет и заменува повеќе луѓе, но луѓето не ги отпуштаме, напротив вработуваме и нови, имаме потреба од нов кадар. Затоа што планираме зголемување на производството за другите пазари. Нашата цел е со воведување на новите софистицирани машини, да го зголемиме производниот капацитет и да ги намалиме трошоците за производство (што и го направивме со дел од новите машини) од една страна и да ослободиме дел од луѓето за да работиме во втора и трета смена, затоа што досега работевме само во една смена.
*За да успее една компанија што е најпотребно: план, стратегија, цел?
Треба љубов. Да ја сакате компанијата да ги прифатите работите такви какви што се, да ја набљудувате, секојдневно да ја нишкате како дете, односно да се радувате на секој позитивен чекор и да се заљубувате во неа, да ја сакате како жена и на секоја нова машина, инвестиција да се радувате како да ви е нова љубовница. Значи формулата за успешен бизнис е љубов кон работа, кон образованието, кон секој нов успешен чекор....