
Во чест на Аки Рахимовски, денес (четврток, 27-ми јануари во 15 часот), во време кога во Загреб ќе се одвива церемонијата на испраќањето на Аки, шест македонски радио станици во исто време ќе го емитуваат последниот сингл на „Парни ваљак“ - песната „Поново“, последната песна на Аки Рахимовски.
Меѓу одбранире радија е и интернет радио Анторис, што претставува посебна чест.
Croatia Records и „Парни ваљак“ во спомен на Аки ја покренаа иницијативата преку која, на посебен начин, се простуваат од неповторливиот пејач. Повеќе од 150 регионални радио-станици во исто време ќе го емитуваат синглот, и на тој начин, ќе испратат последен поздрав до музичкиот великан.

Синглот „Поново“, авторско дело на Хусеин Хасанефендиќ Хус, требаше да претставува најава за новиот албум на Парни ваљак, и за нивната скорешна голема турнеја...
- Најзначајниот рок бенд на нашите простори со песната „Поново“ се збогува со човекот чиј живот беше музиката, кој со својата неуништлива енергија стана синоним за врвен фронтмен и пример за генерации. Аки наеднаш не напушти, но неговиот дух и глас ќе останат засекогаш впишани во сите нас кои пораснавме со „Парни ваљак“, се заљубивме, се смеевме и плачевме - се вели во заедничкото соопштение на Кроација рекордс и на „Парни ваљак“.
фото: Марко Шолиќ