Калина Трајаноска е една од ко-основачите на компанијата „Концептива“, која во слободен превод може да се каже дека претставува „Дуо линго“ за компаниите. Приказната започнала пред две ипол години. Идејата со ко-основачот Александар Ацковски не била да направат стартап. Таа била фриленсер, па работеле заедно во дигиталната агенција „Артистика“ на различни проекти за команиите. Александар решавал комплексни бизнис проблеми, а таа се занимавала со технички прашања.

Сега, работат заеднички во „Концептива“. Ја развиваат апликацијата „Couch“ преку која компаниите брзо, ефикасно и успешно ги обучуваат своите вработени.  Искуството е слично на „Дуо линго“ но, нивната апликација „Couch“ ги открива дупките во знаењето на секој вработен и им помага да ги надополнат.

„Има два типа стартапи – едни кои го решаваат својот проблем, а вторите го решаваат проблемот на другите. Ние сме тие вторите. Можеби за нас е потешко бидејќи решаваме друг проблем, но ,мора да детектираме некој проблем за да се најде добро решение. Тоа и се случи. Внимателно ги следевме проблемите во компанијата на клиентите, работите кои им одземаа пари и време и неефикасноста при работа. Ги третиравме сите проблеми што нашиот продукт ги решава. Моравме да поминеме низ процес на валидација, да видиме дали има маркет за тоа решение“, раскажува Трајаноска.  

Процесот на развивање на апликацијата траел подолго време, а при работењето на проектот со компанијата „Масерати“, ги дознале сите нивни проблеми. Дека вработените ништо не памтат, кога некој клиент сака да купи автомобил, се случува тој повеќе да знае од продавачот што се обидува да ја продаде. И како што вели, тоа резултира со лоша продажба. Понатаму, менаџментот нема никаков увид во знаењето на вработените.

„Самата идеја за „Couch“ бепе сколопена за две недели. Многу добро бевме пречекани од другата страна со нашето решение. Дури добивме и потврда од „Мерцедес“ дека би поддржале имплементација, но, поради сплет на околности со короната, пропадна проектот. Моравме да видиме колкав е проблемот, дали се случува само во „Масерати“ или и на други компании од други индустрии кои финансираат во тренинг програми. Откако направивме истражување на пазарот, сфативме дека вреди да продолжиме со развивање. Околу 200 експерти од индустријата ни кажуваа во кои делови може да се подобри решението и се отворија бизнис конекции“, објаснува Трајаноска.  

Според неа, битно е дека се добиле точките на валидација без оглед на тоа колку трае процесот. „Couch“ апликацијата има многу различни игри и доста голем систем. Ја лансирале апликацијата пред два месеци. Ја валидирале и пилотирале во различни околини.

„Сепак е апликација за учење и во образовен процес и во компании. Веќе сме во преговори и со домашни и странски клиенти за имплементација“, потенцира Трајаноска.