Во чест на почетоците на музејската дејност во Македонија кои датираат од 1924 г., овој месец го посветуваме на неколкумината истакнати научници кои со голем ентузијазам иницирале формирање на музејска установа во Скопје, во која ќе се собираат, чуваат и презентираат археолошки предмети.

На фејсбук-профилот на Археолошкиот музеј на Македонија пишува дека еден од најистакнатите меѓу нив бил д-р Никола Вулиќ (Скадар, 1872 – Белград, 1945), кој уште во јануари-февруари 1924 г. напишал: „Културната историја на Скопје треба повторно да забележи еден важен настан... Таа установа сега навистина постои: има своја зграда, своја збирка, свој управник, свој буџет. Сегашната збирка ќе биде сместена во Куршумли ан ... кој може убаво да се употреби за сегашната музејска збирка, која главно се состои од поголеми камени споменици.“, за понатаму да истакне: „Предисториските, грчките и римските старини во скопскиот музеј ќе заземаат многу видно место. Да се надеваме дека таа збирка ќе биде една од најзначајните такви збирки...“

Никола Вулиќ бил класичен филолог, археолог, историчар, професор на Белградскиот универзитет и член на неколку академии на науки, доживотен претседател на Меѓународната унија на академии, кој целиот свој живот го посветил на проучувањето на античкиот период во Македонија и во Србија. Во текот на повеќе децении вршел „истражувачки патувања“ низ целата територија на Македонија и собирал камени споменици, кои „по службена должност“ се носеле во Куршумли ан во Скопје, каде што се чуваат и денес.

Во периодот од 1930 до 1939 г. Вулиќ заедно со Миодраг Кокиќ, кустос во Музејот во Скопје, вршел ископувања на некрополата кај Требениште. Ексклузивните гробни наоди пронајдени во текот на овие истражувачки кампањи беа дел од изложбата „100 години Требениште“, која беше поставена во Археолошкиот музеј во 2019 г. како заеднички проект со Народниот музеј во Белград и НАИМ при БАН од Софија.

Од 1935 до 1939 г. го ископувал античкиот театар во Скупи, а архитектонските елементи кои биле пронајдени биле пренесувани во Куршумли ан.

Како дел од европската научна елита, Вулиќ зад себе оставил повеќе од 550 трудови посветени на историјата на Балканот од предисториските времиња до крајот на антиката и важел за еден од главните пропагатори на историјата како наука.

(Фотографијата е дел од приватната колекција на проф. Александар Недок)