Кочанската Atom Steel Ltd е единствена компанија во Македонија која е специјализирана за изработка на челични арчови за потпора при изградба на тунели. Оваа локална компанија, со своите патентирани арчови-латис гиртес, прерасна во препознатлив бренд за изградба на тунели на градежниот пазар во повеќе европски земји – Португалија, Германија, Швајцарија , Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.

 

- За време на својот развој, компанијата оствари големи успеси, изградивме голем број објекти и стекнавме партнери насекаде низ светот, вели нејзиниот менаџер Мишел Ѓорѓиев. Тој објаснува дека во последните десет години, тимот на Атом стил е фокусиран кон изработка на метални конструкции, изработка на архитектонски челични структури, производство на цистерни, автоклави, контејнери, силоси, челични мостови, опрема за рударство, изградба на тунели...

Компанијата, како што вели овој млад менаџер, и сега е ангажирана на изградбата на тунелите на патниот правец, Фариш –Дреново и на автопатот Кичево –Охрид. На овие патишта тие со специјални арчови учествувале и при решавање на проблемот со ископ на вода. А, со успешното завршување на еден од тунелите среде планинското езеро, било само уште една позитивна оцена во нивниот профил што им донело вклучување во изградбата на тунелите на коридорите низ Србија и Црна Гора, и во Бања Лука во БиХ.

 Нема конкуренција на Балканот во делот на челични арчови

Ѓорѓиев не крие дека е задоволен од тоа како напредуваат со работата. Тој објаснува дека на Балканот немаат конкуренција.

„Ги изградивме сите тунели на коридорите во Србија. Соработувам со руски компании кои беа вклучени за изградба на тунелите на РЖД Железница и

најново од се е потпишувањето на главен договор за изградба на тунелите во метрото во португалскиот град Порто. -  Пред еден месец ми ‘поклонија’ целосен договор за користење на нашите челични арчови за изградба на потпорите за целиот тунел во метрото. Тоа е голем успех за мене, иако можеби на обрт нема да е толку голем за почеток, но токму поради овој договор го проширувам и тимот и веќе имам оглас за 15 нови вработувања. И мислам дека сето ова ќе се прелее во следната 2023, која ќе биде доста интересна година“, задоволно објаснува нашиот соговорник.

Бизнис зделката со португалските партнери е од големо значење за оваа македонска специфична метало - браварска компанија, дотолку повеќе што договорот поминал по реализација на тест периодот. Всушност, како што појаснува, Ѓорѓиев „работата ја добивме по изминувањето на пробниот период – тест камион каде ги инсталиравме нашите челични елементи. Градителите беа зачудени од квалитетот во работата, од една мала компанија што доаѓа од исто така мала земја. И, да не бидам скромен, оваа успешна работа секако се должи на искуството на екстерниот инженеринг. Луѓе – мајстори во својата класа, кои ме поддржаа и во мене видоа авторитет и иднина, и прифатија да ми помогнат користејќи го своето стекнато знаење и искуство.“

Практично, Atom Steel Ltd располага со обучен тим инженери за изведба на челични греди и носачи на греди, челични плочи, конструкции на згради и монтажa... „А, благодарение на татко ми, проектиравме машина која може да свива специјални У профили – хебови до хеб 300.“

Во моментот  „Атом стил“ се во преговори околу потпишување на договор за испорака на големи, потпорни траки, ковеори за тунели во Швајцарија.  Во основа инженерскиот тим работи по готов проект, ги разработува цртежите, ги изработуваат прстените, ги пакуваат во специјални камиони и ги доставуваат до локацијата каде се вградуваат, но инсталацијата ја реализираат други компании. „Всушност, вели Ѓорѓиев,- при изградба на подземни градби нашиот тим е главен и одговорен во делот на челични елементи, поседувам ЦЕО ознака – сертификат за извоз во Европа.“

 Технолошко доопремување на погонот

Увереноста дека компанијата се движи во добра насока ја потврдува и финансискиот успех од 2018/19 година, кога „Атом стил“ бил во топ пет компании во Кочанскиот регион. А, идеите за технолошко доопремување биле препознаени и од Фондот за иновации. Со нивна поддршка – кофинансирање, е набавен и современо, технолошко - компјутеризиран машински парк, а нивниот транспорт бил спроведен со посебен логистички процес (со затворени патни линии Гевгелија –Скопје и Скопје –Кочани со посебен режим на движење) за безбедно дистрибуирање. „И, како што раскажа Ѓорѓиев, само што ги сместиле машините, халата каде тие биле монтирани, била поплавена, така што целиот компјутерско -технолошки процес морало одново да се инсталира. Но, како и да е, по таа голгота, цела линија била успешно поставена.

Моментално во работилницата во фокус е заварување на електрични столбови. Тие се прва и единствената фабрика во Македонија која има 12 метарска преса од 1600 тони. Овој производен процес е во подготовка и треба да се докомплетира, да се направи дополна на линијата за автоматско заварување на бандери со доделените средства од Фондот за иновации. „Патем,-вели амбициозниот менаџер, - планирам да доставам и барање до Владата за воведување на акциза на увозните метални бандери за да го заштитат домашниот производ. Но, за сето тоа е потребно време и повеќе активности.“

Atom Steel Ltd нуди поширок спектар на специјални консултантски инженеринг и дизајн услуги за градење. Нови иновативни идеи интегрирани во планирањето, проектирањето, набавката и операциите на терен – сегменти кои се многу битни за успешно да се реализира одреден проект.
 
Од спорт во металско-челична работилница

Успесите кои денес ја красат оваа мала локална, а светска компанија започнале од една желба, една визија да се работи со тунели.

Татко му на Мишел ја купил фабриката уште во 2003 година, иако не бил во оваа дејност, туку во стакларската. Таа била стара браварска компанија која низ годините сменила повеќе називи „Авто атом“; „Атом миг“, „Атом метални конструкции“ и изградила многу метални конструкции низ Југославија. Но, како што вели нашиот соговорник, тие кога ја купиле, халата била празна, без машинскиот парк.

„Јас идејата ја преземав од татко ми. Тој имал замисла, целосна слика како некогаш ќе работи со тунели, поради што посетил и неколку слични фирми во соседни држави, се запознал со процесот на поставување на елементите во

рудник. Дури има фотографија од една таква акција – фотографиран е во Грција како учествува во поставување на такви елементи во некој тунел. Фотографија, чија автентичност многу ни помогна при добивањето на првата работа. Можностите за старт се појавија некаде во 2008 година – кога странска компанија побара такви елементи, и тоа токму во периодот кога се вратив од Германија, каде по една сериозна повреда морав да се откажам од фудбалската кариера. И така започнавме да формираме тим“, раскажува младиот менаџер.

Визија докажана со дела

„Уште од првото влегување во Атом,- замислував дека гледам плазми, ласери, компјутеризирана техника, како да има 20 вработени, како целиот погон да функционира беспрекорно, а бевме само пет луѓе. Но, во мојата визија го чувствував мирисот на челикот, ја гледав каде стои пресата, каде другите машини, но за да не бидам погрешно сфатен, решив мојата визија да ја докажам со дела. Инаку, мојот патриотизам го докажувам со вложувања на заработката во модернизирање на процесот на работа“, објаснува Ѓорѓиев. Визијата дека празната хала ја гледав како полна со машини, технологија и работници се оствари.... Знаев дека еден ден ќе функционира како препознатлива компанија.

Реална цел, реален проект....

Слушајќи ја приказната за градење на еден солиден бизнис неминовно се наметнува и прашањето - Кој е начинот или патот што треба да се изоди од празна гаража да се дојде до препознатлива компанија, да се реализира вредност?

 А, младиот перспективен Ѓорѓиев, без двоумење вели: „Верба во бог, истрајност и секако цел и план. Тоа е процес – за да ја достигнеш целата, мора да ја имаш визијата во себе... Во бизнисот мораш да си зацрташ реална цел, реален проект и реални луѓе кои ќе видат во тебе визионер кој ќе ја оствари целта. Кога ќе ја зацртате својата цел, мора да се направи правилен план. Што е потребно да има. На пример, оваа година кој профил на работници ви треба, што активности треба да се преземат за да се обезбедат условите за работа, комуникација со партнери,  набавка на репроматеријали, каков тип на веб-портал ви е потребен, кон што треба да се насочи маркетингот. Процесот е сраснат како едно дрво, само што сега наместо да се искачиш на дрвото оздола нагоре, поаѓаш од врвот, главната цел, па се симнуваш надолу за да ги обезбедиш сите потребни ресурси што ќе ја хранат главната цел“, категоричен е младиот стопанственик.

 
Број еден за успех е да се следи трендот

-Кога прв пат влегов во работниот погон немав поим за работата,-продолжи Ѓорѓиев,- љубовта кон металургијата ја гаев, ја раснев, го следев трендот во оваа индустрија.

Според мене, број еден за успех е да се следи трендот. Доколку се застане во место, со исти навики, без развој и промени, нема напредок. Тоа ти е исто како во фудбалот. Ако еден тим, еве на пример, Баерн Леверхузен во 2003 можеше да освои Лига на шампиони, и со истите играчи во 2008 да падне, значи не се следи трендот во здравјето на играчите, медицината, исхраната, континуитетот на вежби, итн.

Така и во бизнисот. Мора да се следи тој актуелен тренд од потреба, раритет, техника, машини. Всушност, јас во процесот на поставување на работата во нашиот погон ги користев идеите од организацијата на еден фудбалски тим –лидерство. Дека мора да има капитен, дека мора да има одличен терен за вежби-односно услови за работа, дека играчите, односно работниците треба да се стимулираат со премии. Едноставно спортските вештини, дисциплина и елан, односно логистиката и искуството од спортот во Германија ги искористив и спроведов во бизнисот. И секако кога ги почитувате правилата на игра , успехот не изостанува. Значи, од се треба да се користат само позитивните искуства“, заклучува амбициозниот менаџер.

И додава: „Навистина толку многу се заљубив во реализацијата на мојата цел што едноставно велам дека Господ ми ја даде оваа бизнис можност на реверс бидејќи виде дека се фокусирам за подобра иднина и на другите луѓе.

Мојата визија и идеја е да се развива компанијата, ама не само со мене туку и моите вработени да бидат среќни и задоволни личности –да постигнам стартна плата од 1000 евра. Тоа сега го поставив и на јавниот оглас за бравари, металостругари и заварувачи.“

Ѓорѓиев не заборави да спомне и дека поради короната бројот на вработени бил намален, но сега се околу 25-30, со интенцијата тој број да се зголеми до 50.

„И нема да биде претенциозно ако речам дека се сметам за успешен затоа што се задоволни и моите вработени. Летово повозрасен вработен дојде со нов мерцедес. Сакам да помогнам,- вели Ѓорѓиев, - но секако дека ми се потребни поддршка и лојални луѓе на кои можам да се потпрам, на кои можам да им верувам.“