Во Австралија започнува забраната за користење на социјалните мрежи за лица под 16 години, поради што се очекува стотици илјади профили да бидат затворени. Мета почна да ги отстранува профилите на австралиските деца под 16 години од Инстаграм, Фејсбук и Тредс, една недела пред да започне официјалната забрана на земјата за социјални медиуми за тинејџери.

Технолошкиот гигант минатиот месец објави дека почнал да ги известува корисниците на возраст меѓу 13 и 15 години дека нивните профили, сметки ќе почнат да се затвораат од 4. декември.
Се проценува дека ќе бидат засегнати околу 150.000 корисници на Фејсбук и 350.000 профили на Инстаграм. Тредс, сличен на платформата X, може да се користи само преку Инстаграм налог.
Забраната за социјални медиуми во Австралија (прва во светот) започнува на 10 декември, а компаниите се соочуваат со казни до 49,5 милиони австралиски долари (односно 33 милиони САД долари) ако не преземат „разумни чекори“ за да спречат лицата под 16 години да имаат лични сметки.
Портпаролката на Мета изјави за Би-Би-Си дека „почитувањето на законот ќе биде континуиран и повеќеслоен процес“. „Иако Мета е посветена на почитување на законот, веруваме дека е потребен поефикасен, стандардизиран пристап којшто ќе ја зачувува приватноста“, рече таа.
Владата треба да бара од продавниците за апликации да ја потврдат возраста на корисниците при преземање апликации и да бараат родителска согласност за лицата под 16 години, наведуваат од Мета, бидејќи тоа би ја елиминирало потребата тинејџерите да ја потврдуваат својата возраст во различни апликации.
Минатиот месец, Мета објави дека корисниците што ги идентификуваше како помлади од 16 години ќе можат да ги преземаат и зачувуваат своите објави, видеа и пораки пред да им бидат деактивирани профилите.
Тинејџерите кои веруваат дека биле погрешно означени како под 16 години можат да побараат преглед и да достават „видео селфи“ за да ја потврдат својата возраст. Тие исто така можат да достават возачка дозвола или друг државен документ за идентификација.
Покрај трите платформи на Мета, други платформи на социјалните медиуми погодени од забраната се YouTube, X, TikTok, Snapchat, Reddit, Kik и Twitch. Владата вели дека забраната има за цел да ги заштити децата од штетните ефекти на социјалните медиуми, но критичарите велат дека овој потег би можел да изолира одредени групи кои се потпираат на платформите за поврзување и да ги турка децата во помалку регулирани делови од интернетот.
Министерката за комуникации Аника Велс во средата изјави дека очекува проблеми во првите денови и недели од забраната, но дека се презема сè за да се заштити Генерацијата Алфа - секој под 15 години - и идните генерации.
-„Со еден закон, можеме да ја заштитиме Генерацијата Алфа од тоа да биде влечена во „чистилиште“ од предаторски алгоритми што човекот што ја дизајнираше функцијата ги опиша како кокаин за однесување“, рече Велс.
Таа ги опиша младите луѓе како зависни од „инфузија на допамин“ од моментот кога ќе добијат паметен телефон и профили на социјалните медиуми. Велс, исто така, рече дека внимателно ги следи помалку познатите апликации како Lemon8, направени од тимот зад TikTok, и Yope, за да види дали децата се префрлаат на тие платформи по забраната.