Австриската компанија „Инфинеон Технолоџис“ (Infineon Technologies AG – www.infineon.com) обезбеди 135 развојни плочки за потребите на студентите во настава и истражувачка работа на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ. Целта на поддршката е да се подобри квалитетот на наставниот процес за студентите и нивната практична работа.

Соработката меѓу компанијата и Факултетот се базира на долгорочна основа, вели професор д-р Катерина Ралева од Институтот за електроника при ФЕИТ.

„Со „Инфинеон Технолоџис“ соработуваме околу 10-тина години, кога наши студенти почнаа да одат на пракса во компанијата во Австрија. Она што нам ни е важно е дека нашите студенти добиваат квалитетна настава и можност да се снајдат во реални компании и со реални задолженија. Со тоа се зголемува нивната конкурентност и се докажува дека и нашиот факултет создаваат квалитетни и конкурентни студенти кои може да се носат со светските предизвици во електрониката“, вели Ралева.

За Стојан Матески, вработен во „Инфинеон Технолоџис“, оваа позната компанија помага и дава поддршка на квалитетните студенти на ФЕИТ. 

„Речиси 15 наши колеги беа практиканти во „Инфинеон Технолоџис“, а повеќето од нив веќе денес работат во компанијата. Поради ова, компанијата го прифаќа овој модел на соработка како плодна почва за инвестирање и оваа поддршка е само првиот чекор. Сите ние кои работиме надвор од Македонија, знаеме дека е потребна ваква соработка и поради тоа сакаме да инвестираме и да вратиме на нашата заедница“, вели Матески.

Во иднина, врз база на меѓусебен договор, оваа соработка меѓу „Инфинеон Технолоџис“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе се зголемува.