Претставници на 25 австриски и на 60 македонски компании денес во Стопанската комора на Македонија одржаа бизнис средба на која што ги разгледуваа можностите за проширување на меѓусебната соработка и за зголемување на инвестициите. Австрија во Македонија е втор по големина странски инвеститор, а вкупната трговска размена меѓу двете земји изнесува околу 300 милиони евра, што претставува добра основа за натамошно унапредување на економските врски меѓу двете земји, посочија од македонска и австриска страна.

 Претставниците од австриските фирми гледаат потенцијал во македонската економија.

-Дојдовме со намера да ги зајакнеме стопанските врски и стопанската соработка меѓу двете земји. Ние сме најголемиот инвеститор во Северна Македонија, а тука се и две фирми кои веќе изразија подготвеност да ги прошират своите инвестиции во секторот автомобилски делови и телекомуникации, изјави регионалниот менаџер за Југоисточна и Источна Европа и за Централна Азија, Рихард Бандера пред форумот.

Тој посочи дека Австрија е најголемиот инвеститор во Македонија и дека две фирми изразиле спремност да ги прошират своите инвестиции во секторот автомобилски делови и во секторот за телекомуникации.

Јирген Шредер, трговски советник во австриската амбасада за Северна Македонија, со седиште во Белград, укажа дека претставниците од 25 австриски фирми се присутни во земјава со цел да воспостават контакти со македонски фирми.

„Ако ме прашате како една мала земја како Австрија е толку успешна во инвестициите, прво тоа е затоа што имаме меѓусебни историски врски, но исто така и поради фактот што австриските фирми многу брзо го увидоа потенцијалот кој што постои овде во економијата на Северна Македонија. И како што кажа мојот претходник, ние сме горди со тоа што може да се пофалиме дека сме најголемиот инвеститор овде“, рече Шредер.

Тој додаде дека во земјава има околу 60 австриски фирми кои што инвестирале и кои што имаат своја филијала и во кои имаат отворено околу 10 илјади работни места.
„ ЕВН, А1 или Шпаркасе се инвеститори и фирми кои што се водечки на пазарот овде и кои што се активни веќе многу години наназад“, рече Шредер.
Тој посочи дека австриските инвестиции во земјава се приближуваат до износот од една милијарда евра.

-Извозот од Австрија лани беше околу 160 милиони евра, додека увозот околу 140 милиони евра. Вкупната размена достигна околу 300 милиони евра, информира советникот.

Како што изјави извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев, Австрија е на 20. место во трговската размена на земјава.

-Пред две години Австрија беше вториот најголем инвеститор кај нас во неколку битни сектори како телекомуникациите, банкарството, трговијата со електрична енергија, градежништвото,… Австрија е наш докажан партнер, но лани, за жал, Северна Македонија бележи негативна размена, за 70-на милиони помалку извезуваме од што увезуваме. Тоа е сигнал дека треба да се поработи во делот на инвестициите кои ќе имаат излез на австрискиот пазар. Затоа форсираме ситуација во која наместо австриските фирми да доаѓаат тука да инвестираат директно, инвестираат преку „joint venture“ со наши компании, нагласи Пешев.

Делегацијата што денеска беше на форумот во Комората, беше речено, е најголемата досега што ја постила земјава.