-Гаранцијата што Македонија ја добива од Обединето Кралство за кредитирање, значи многу за општата стабилност на државата и за регионот, бидејки Обединетото Кралство се значаен фактор во светот и на политички и на економски план. И ваква една земја да гаранатира за одредени средства за нашата држава значи дека застанува зад нас и тоа е значаен поттик за политичко средување на состојбите а и за економската активност. На економски план, секоја инвестициона активност за нас е добредојдена бидејќи без нејзе не може да се остварат двете начела на бизнисот, а тоа се компаните да остварат профит, а граѓаните да го зголемат животниот стандард, вели претседателот на Стопанска комора Бранко Азески во ставот искажан за инвестициската клима.

 

Претседателот на Комората, става акцент и на капацитетот на државата да ги искористи парите понудени согласно гаранцијата, но и за капацитетот на домашните компании да се вклучат во инвестициските активности. Тој посочува дека Стопанската комора во овој период е целосно насочена кон тоа да им помогне на компаниите да ги оспособи непречено да се вклучат во таа работа и дека за секој нов проблем со кој фирмите ќе се соочуваат Комората ќе се вклучува во изнаоѓање решение.

На пример за заедничкиот настап на компаниите за учество на меѓународните тендери градиме конзорциуми и иницираме формирање конзорциуми, вели претседателот Азески, а кај образованието за потребите на бизнисот работиме на формирање на кадар онаков како што бараат компаниите. Работиме и на поддршка на компаниите за заеднички настап на трети пазари, заедички производи, на извозната активност. 

Железницата е рак рана на македонската инфраструктура а ние се наоѓаме на коридор кој има транзитна позиција и е значаен за поврзување на Централна Европа и Медитеранот со Блискиот Исток. Само ние уште имаме повисока цена на траспорт со камионски превоз од железнички, вели претседателот на Стопанската комора.

А дека ставот и идеите на Азески се во интерес не само на македонските компании  туку се влијателни и за регионалниот економски развој потврдува и признанието што тој го доби „Менаџер на деценијата во коморскиот систем“ 

„Менаџер на деценијата во коморскиот систем“

Претседателот на СКСМ и потпретседател на КИФ Бранко Азески е добитник на наградата „Менаџер на деценијата во коморскиот систем" - Златна плакета за исклучителен придонес во развој на коморскиот систем, јакнење на регионалната соработка и бизнис без граници, што ќе му биде врачена на Гала свеченост на 03.07.2025 година, во хотелот Холидеј Ин во Сараево.

Претседателот Азески ќе присуствува и ќе зборува и на Форумот „Вештачката интелигенција во бизнисот", што истиот ден ќе се одржи во Сараево.

Претходно, во 2013 година, тој е прогласен и за „Менаџер на годината", а СКСМ за „Најкомора во регионот".

Овие награди, секоја година, ги доделува Европската независна агенција за избор и промоција на најуспешните деловни лугје и компании во регионот, како поттик и признание на бизнисмените за регионалниот развој.