Саудиска Арабија ќе биде домаќин на Азиските зимски игри, кои ќе се одржат во пустината во 2029 година. Спортистите ќе се натпреваруваат во 47 спортови, од кои 28 на снег, а 19 на мраз.

 

 

Азиските зимски игри се одржуваат од 1986 година, а досега се одржаа во Јапонија, Кина, Јужна Кореја и Казахстан, земји каде има идеални услови за зимски спортови.

Но, овие зимски игри во Азија треба да се одржат во футуристички мегаград во пустина, чија изградба би чинела околу 500 милијарди долари. Според планот во рамките на градот постои можност за вежбање зимски спортови во текот на целата година.

„Пустините и планините на Саудиска Арабија наскоро ќе бидат игралиште за зимски спортови“, се вели во соопштението на Олимпискиот совет на Азија (ОЦА) за одлуката донесена за време на состанокот на генералното собрание во Пном Пен.

Саудиската понуда беше едногласно одобрена, се вели во соопштението, истакнувајќи дека мегаградот познат како НЕОМ покрај брегот на Црвеното море ќе биде првиот град од Западна Азија што ќе ја има привилегијата да биде домаќин на настанот.

Во јули, престолонаследникот Мохамед бин Салман ги откри плановите за проектот NEOM познат како „линија од два паралелни огледални облакодери“ што опфаќа 170 километри планински и пустински терен.

Азиските Зимски игри треба да се одржат во Тројана, област на НЕОМ, „каде што зимските температури паѓаат под нула Целзиусови степени и температурите во текот на целата година во просек 10 степени пониски од другите области од регионот“, се вели на веб-страницата на проектот.

„Тројена ќе биде место кое ќе го редефинира планинскиот туризам и еко-туризмот за светот, со нашите големи напори да ја зачуваме природата и да го подобриме квалитетот на животот на заедницата“, смета принцот Мохамед, претседател на Управниот одбор на NEOM.

Принцот е познат како личност која не жали за пари, понекогаш трошејќи ги на крајно необични проекти.

Така Бин Салман одлучил Саудиска Арабија да ги организира Азиските Зимски игри, а натпреварите за снег и мраз да се одржат во пустината. И тоа во град кој сè уште не постои.

Веднаш до градот има планински масив на кој Бин Салман има намера да го изгради ски-центарот Тројен, каде што патеките, благодарение на вештачкиот снег, ќе бидат отворени во текот на целата година.