- Во Скопје рели се возело уште во ’60-те. Многумина ќе бидат изненадени од фактот што две големи релија минувале низ Скопје, Монте Карло Рели и Рели Акрополис во 1960-те години. Релито понатаму низ годините се возело редовно низ Македонија. Токму тоа е појдовната идеја на „спектакл-мајсторите“ Игор Стефановски – Ила и Благоја Петровски, да го организираат „Бахус класик кар рели“.

На конференцијата за медиуми што беше одржана како завршница на подготовките за големиот автомобилски настан, првиот Бахус Класик Кар Рели, меѓу другото беше посочено и на два големи историски моменти од светот на релито.

Во 1960-те години, Скопје било одредиште на две големи релија, на Монте Карло Рели, како класика на т.н. концентрациски релија, и на Рели Акрополис. Постојат малку, но уште толку повредни фотографии, што сведочат за тие историски настани. Публиката што ќе дојде да посведочи на воведната етапа, што поаѓа од Плоштад Јадран, стотина метри подалеку од местата на коишто се одвивале историските настани, на денешна „Никола Вапцаров “и на самиот Плоштад Македонија, ќе го забележат паното на коешто ќе го препознаат историското Скопје.

Но, нивното внимание прво ќе го привлечат олдтајмерите што доаѓаат за релито во Скопје. Дваесетина тимови ги качија своите олдтајмери на шлепер за Македонија, за тие да бидат подготвени за големото рели, што опфаќа вкупна тура од преку 1.000 килоеметри. Се вози низ Македонија, по Винскиот Пат, релито понатаму води во Грција, до Халкидики, па назад до Битола, Охрид, Маврово и назад до поаѓалиштето. Настанот трае цела седмица.

Рутата, како што посочија, е внимателно избрана и поминува низ кањони, планини, езера и море, а вклучува и посета на винарии, дегустација на македонски вина и традиционална храна.

 - Се погриживме ова рели да биде на ниво на релијата што се случуваат во Западна Европа, како по формата, така и по начинот на организација. Возилата, во принцип се внимателно одбрани затоа што сакавме во Македонија да донесеме возила кои досега не се видени или ретко се видени така што има широк спектар на возила кои се примамливи за око, вели Игор Стефановски.

Како што најавија организаторите, Бахус класик кар рели е настан од тип што досега се нема одржано во Македонија, но и пошироко во регионот. 

На релито ќе присуствуваат автомобилисти од Германија, САД и ОК, Австрија, Швајцарија, Белгија, Луксеумбург и Франција. Меѓу возилата се Порше 356 СЦ (1966), Џенсен Хили 2000 (1966), Алфа Ромео ГТВ 2000 (1972), Волво ПВ544 (1962), македонски Морган Плус 4 (1975), Трајемф ТР4 (1961), Мерцедес-Бенц 230 СЛ Пагоде (1966), Џагјуар И-Тајп Родстер (1968) и уште бројни вредни историски автомобили.

Публиката ќе ги поздрави учесниците на релито на 27-ми септември, на Плоштад Јадран (Хотел Јадран) во 19 часот. Потоа ќе следи воведната етапа. Во недела, стартува и првата брзинска трка. За учесниците ќе биде посебен предизвик тоа што ќе мораат сами да ја наоѓаат точната рута.

Релито се враќа во Скопје на 2-ри октомври, околу 17 часот. Љубителите ќе имаат можност да ги видат возилата одблизу покрај во Скопје и во Штип и Охрид каде ќе бидат изложени.

Релито е впишано во календарот на Светската асоцијација на историски возила (FIVA) која обединува повеќе од 2,5 милиони љубители на олдтајмери од повеќе од 70 држави. Во календарот на (FIVA) има околу 20 настани од овој тип, а Бахус класик релито е едно од нив.

- Се надеваме дека ова прво издание ќе го отвори патот и Бахус класик релито ќе прерасне во рели од типот на Монте Карло и релито Акрополис контрол кои поминувале некогаш низ нашиот град. Скопје отсекогаш било дел од светски релија и ние сакаме да го вратиме Скопје на заслужното место, вели Благоја Петровски.

Партнери на релито се Classic Gala Schwetzingen каде за првпат беше промовирано релито во меѓународни рамки, а од домашните компании партнери се винариите Тиквеш и Бовин. Релито е круна на 20-годишната работа на Стефановски и Петровски кои познати имиња во македонската автомобилска сцена и организатори на повеќе собири и релија не само на олдтајмери, туку и на мотоцикли.

Нивното богато портфолио почнува во 2005 година кога го организираат првиот интернационален настан како Classic Car Rally со околу 100 учесници, a потоа продолжуваат со Concours d Elegance од 2007 година. Во 2016 година стануваат национални организатори на најголемиот добротворен настан за класични мотоцикли во светот The Distinguished Gentlemans Ride кој се одржува секоја година, а во последните четири години се организатори и на The Distinguished Gentlemans Drive. Од 2018 година го организираат и Skopje Classic Days.