Во Белград, на Ада Циганлија, се одржа свечена проекција на дигитално реставрираната копија на филмот „Бал на вода“ од 1986 година, еден од 100-те најдобри југословенски филмови на сите времиња. Иницијативата за настанот ја покрена Југословенската Кинотека од Белград.

Во таа чест, на настанот присуствуваа Гала Виденовиќ, главната актерка во филмот, Даница Максимовиќ, која ја толкуваше улогата на „шверцерката Рада“, а од познатиот веслачки четверец присуствуваа: Драган Бјелогрлиќ, Срѓан Тодоровиќ и Горан Радаковиќ. Сите освен Небојша Бакочевиќ.

- Ова што се случува е прекрасно. Овој филм е вклучен меѓу сто најдобри во југословенската кинематографија, и јас сум бескрајно среќна. Имав 15 години, го снимавме цело лето 1985 година - изјави Гала Виденовиќ, која ја играше главната женска улога - Мирјана Живковиќ, познатата Естер, во која, според сценариото, сите беа вљубени. Токму таа улога ја вивна до sвездите...

Дејствието на овој култен филм е сместено во педесеттите години од минатиот век и тој претставува една од првите критики на тогашното социјалистичко општество.

- Се чини дека овој филм му одолева на времето. Кога се појави, тој беше иновативен и прв зборуваше за периодот од друга страна. Излезе за време на социјализмот и беше фина критика на тоа време. Кога го работевме, не бевме свесни дека ќе биде нешто толку значајно и големо, а беше најгледан таа година во Белград - изјави Драган Бјелогрлиќ.

И Срѓан Тодоровиќ се присети на тоа прекрасно лето кога снимаа...

- Не знаевме дека станува збор за критика на режимот. Бевме деца, пресреќни што професорот Влада ни дозволи да го поминеме целото лето на снимање по првата година на Академијата. Прво научивме веслање на Ада. Ништо не ни сметаше, само требаше да бидеме природни. Филмот го завршивме во Пула и тоа за нас беше феноменално...

Ова е 19-ти по ред реставриран филм кој е дел од проектот А1 Кинотека. Дигиталната копија за нов живот на филмот, за некои нови клинци...