Агенцијата „Banana & Salt“ е мултидисциплинарна платформа која има за цел да навлезе неколку слоеви подлабоко во структурата на забавата, музиката, уметноста и културата, во служба на музичките професионалци, креативните умови и уметниците. Агенцијата нуди услуги од програмирање и резервации на настани, консултации, менторски сесии, работилници. Меѓу нејзините цели се и поддршка и промоција на оригинални и уникатни автори и уметници со креативни и иновативни проекти.

„Banana & Salt“ започна со работа во јули 2021 година. Нејзин основач е Лина Угриновска, една од најплодните букинг агенти во Источна Европа. За професијата што ја работи, вели дека букинг агентот купува и продава. Агентот претставува артисти кои ги продава или букира артисти за некаков настан.

 „Сите мои блиски знаеја дека никогаш нема да имам нешто свое, бидејќи се сметав за многу добар асистент. Не влегов во индустријата за да имам своја фирма. Адреналинот во мене е многу јак кога треба да го направам со очекувања. Компанијата настана во моменти кога не знаев каде да го насочам тоа што мене ме занима, а не сакав да ги оптоварува другите, вели Угриновска која соработува со Дуке Бојаџиев, групата Фенг Шуи, Кирил Џајковски и многу други.

Животот во музичката индустрија 

Нејзините почетоци во музичката индустрија започнале на раните 20-ти години. За себе вели дека отсекогаш ја сакала музика, но не знаела од каде да и пристапи. Да биде отпозади сцената или на самиот подиум. Завршила средно музичко образование и продолжила во водите на саунд инженеринг. За себе вели дека тој пристап најмногу и одговарал бидејќи и тогаш и сега има проблем да биде во публика. По извесно време, за прв пат запловила во водите да биде букинг агент.

„Ја сакав третата страна во музиката, помеѓу публиката и артистот, меѓу организацијата и случувањето. Во тој момент во 2009 година имав доволно луѓе околу мене да ме упатат како се случува организација на настан. Со помош на неколку луѓе активни во таа сфера, ги сфатив основните работи. За ова што го работам нема факултет. Но, мора да има грешки по пат. Тешко ми е и после толку години да кажам дека сум букинг агент. Кога почнав да работам, сакав да видам во кој дел на карактерот најмногу ми одговара. Првите неколку години од првото појавување на „Пиволенд“ не знаев што правам. Кога ме зема темпото само работев иако не знаев што, се сеќава Угриновска. 

„Вудсток“ во Полска

На настанот „Creative Talks“ во организација на Европската куќа во Скопје, раскажа и една анегдота од нејзината работа.

„Кога завршува концерт, артистите се повлекуваат од сцена и останува отворен пултот со компјутерите. Јас одам, ги затворам ги ставам во ранец и ги оставам под пултот. На овој настан  шоуто заврши. Излегува директорот на фестивалот, се обраќа на публиката на полски јазик. Јас ништо не го разбирав. Додека тој збори, јас ги затворам комјутерите. Почнуваат да го враќаат пултот и се враќа Кирил Џајковски на бис. Кирил на бис, јас во пултот внатре,“ се сеќава Угриновска на еден од многуте настани во странство.

Пронаоѓањето во музичката индустрија 

Меѓутоа, како што вели Угриновска, ваквиот начин на брз живот и темпо ја одделил од нејзините блиски. Во првиот момент кога сфатила дека животот и се сведува на настани - многу музика, патување, концерти, решила да престане. Барајќи го значењето на убавината на музичката индустрија и зошто е тоа битно што го работи, дала отказ. Во 2015 година почнала да работи во туристичка агенција, во која издржала само два месеца. Работата ја опишува како досадна во здрава средина.

Потоа, заминала во Виена, каде повторно и се враќа на музичката индустрија, работејќи како букинг агент во Виена за пазарот во Источна Европа. На 26 години, била избрана за „Топ 10 нови букинг агенти“ во престижниот магазин „IQ“. Но, по извесно време, заминала и од Виена. Се вратила во Скопје во 2017 година и започнала кариера како копирајтер во маргкетинг агенција. Во 2018 година, решила да покрене иницијатива за лицата кои работат во музичката индустрија, отворено да зборуваат за менталното здравје. Во 2019 година, кога се случи пандемијата со ковид – 19, вели дека музичката индустрија заспала. Тоа е и причината за организација на мал број на настани, кои сепак ги опишува како полни со енергија.

Во средината на јуни, со својата фирма „Banana & Salt“ тргнува во индивидуален поход во музучката индустрија. Дел од артистите со кои работи агенцијата се Љубојна, групата Фенг Шуи, Ида Престер, Давид Мука, Рут Колева и други.