-И после ланската најдобра година во последната деценија, Македонска берза и во 2025-та функционира доста добро. Вкупниот промет до крајот на септември изнесува околу 100 милиони евра, цените на акциите бележат умерен пораст од 2,5 проценти, а индексот МБИ10 е за 125 отсто повисок во споредба со предпандемиската 2019 година. Со тоа, Македонска берза останува со најдобри статистички перформанси во регионот на Западен Балкан“, изјави главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев од 24- годишна конференција на Македонската берза која се одржа последниот септемвриски викенд.

 

Во таа пригода Штериев кажа дека од почетокот на годинава на берзата се истргувани акции во вредност од 100 милиони евра, што е слично како ланскиот најдобар резултат во изминатата деценија. Напомна дека од 90 котирани фирми се тргува со акциите на 20-30 фирми и дека  околу 80 отсто од прометот е сконцентриран во 10 компании, што е слична ситуацијата во сите помали земји, па дури и во тие од ЕУ.

 Ваквата слика ја потврдува и најновиот преглед на Македонска берза, која ги објави девет месечните финансиски резултати на котираните друштва распределени според дејности. Од вкупно 92 котирани друштва за овие три квартали нето добивка оствариле 66 друштва, 20 оствариле загуба, едно друштво не објавило финансиски биланс, а пет се долгорочно суспендирани друштва.  

 Според објавените финансиски биланси 66 -те друштва оствариле добивка од 311.897.995 евра, што претставува позитивна разлика од 2,98 проценти во однос на истиот споредбен период во 2024 година.

Банкарскиот сектор во кој се вбројуваат седум котирани банки всушност оствариле најголема нето добивка во однос на другите групирани сектори во износ од над 10.106.408.069 денари. Оваа добивка во основа е помалку за 2,98 проценти во однос на остварената добивка во истиот период од минатата година. Според неревидираните биланси на банките само две бележат раст, а останатите пет имаат намалување на добивката во однос на истиот  лански период. Меѓу нив  Стопанска банка Битола (која сега веќе е дел од Алта групација) има најзабележителен раст од 15,14 проценти, Стопанска банка Скопје е со позитивна промена од 2,78 отсто,а УНИ банка од само 0,90 отсто. Централна кооперативна банка има најголема негативна промена од 39,35 отсто во однос на минатогодишната добивка.

Во групата градежништво на македонскиот пазар на капитал котираат две компнии, Гранит и Фабрика Карпош од Скопје и двете бележат раст на нето добивката од 20,80 и 30,46 порценти соодветно. Вкупна нето добивка во градежниот сектор изнесува 214.668.169 денари, што е за 22,70 отсто повеќе од  минатогодишната добивка.  

Петте компании во секторот земјоделство во овие три квартали забележале раст од 59,83 проценти во однос на 2024 година со реализирана нето добивка од 224.206.000 денари. Меѓу нив ЗК Пелагонија ад Битола, бележи  значителна позитивна промена од дури 445,31 процент.

Секторот индустрија е најброен, има  35 котирани компании кои оствариле вкупно 2.843.276.345 денари со негатива од 1,48 проценти во однос на минатогодишната добивка, но во секој случај најголема добивка по банкарскиот сектор.  Највпечатлив раст на добивката од дури 304,33 отсто бележи „Неметали огражден“ ад Струмница, потоа следи „Димко Митрев“ ад Велес со 284,44 отсто и „Макстил“ со позитива од 93,69 отсто.  

 Според финансиските неревидирани резултати  во секторот осигурување, двете компании: „Македонија осигурување“ ад Скопје – Виена Иншуренс Груп и „Триглав осигурување“ ад Скопје реализирале добивка од 164.892.006 денари со позитивна разлика од 636,55 отсто во однос на истиот минатогодишен период.

 Во секторот трговија каде котираат 12 компании, нето добивката е намалена за 79,34 отсто, односно остварена е нето добивка од 75.237.654 денари. Меѓу нив само „Макотекс“ реализирал раст од 519,93 проценти, еден дел имаат негативна разлика, додека кај повеќето компании нема процентуална разлика поради порамнување на негативата од претходната година.

„Макпетрол“ ад Скопје и „ОКТА“ ад Скопје, двете компании од секторот трговија со нафтени деривати  бележат раст од 46,37 проценти во однос на минатогодишната добивка во истиот период, односно оствариле нето добивка од 1.366.530.873 денари.

Четирите компании котирани од секторот угостителство за овие девет месеци оствариле 243,743,520 денари, што претставува раст од 13,22 отсто во однос на минатогодишниот споредбен период.

 И 16-те друштва од секторот услуги имаат позитивни квартали. Тие во овие девет месеци оствариле нето добивка од над 2.225.480.000 денари што покажува позитивна промена од 13,12 отсто во однос на истиот лански период. Меѓу нив најголема добивка реализирал „Македонски Телеком“, а најголем процентуален раст бележат: „Патнички сообраќај Транскоп Битола“ од 572,77 отсто и „Дебарски бањи Цапа“ од Дебар, 220,07 отсто.  

 Двете компании од делот на фармација, „Алакоид“ и „Реплек“, кои  конитинуирано имаат позитивна промена, за овој деветмесечен период оствариле позитивна промена од 13,83 проценти во однос на споредбениот лански период, односно реализирале 1,726.641.019 денари .

АрцелорМиттал (ХРМ) АД Скопје, Благој Туфанов АД Радовиш, Трудбеник АД Охрид, Тајмиште АД Кичево и Агромеханика АД Скопје се долгорочно суспендирани од котација.

Новитет и перспектива за Македонска берза оваа година претставува нејзиното вклучување во новиот интеграциски проект на пазарите на капитал, заедно со земји од Централна и Источна Европа, под покровителство на ЕБРД и со силна поддршка од Европската Комисија ( како единствена берза од земја која не е членка на ЕУ).

 Ова, според директорот на Берза е признание дека и малите пазари може да бидат дел од големите приказни, кога има јасна стратегија и континуирана работа.