Банките најпрофитабилни лани меѓу котираните компании на берзата. Минатата година меѓу 73 од вкупно 94 котирани компании на Македонска берза, кои работеле со добивка, дури три банки се меѓу петте најдобри. Листата на профитабилни компании лани е збогатена со уште осум компании за разлика од 2020 кога профитирале 65 компании. Зголемувањето на профитабилната работа ја придвижила во позитива и вкупната добивка за 22 отсто, односно котираните друштва во 2021 година оствариле добивка од над 273 милиони евра.

Банките најпрофитабилни лани меѓу котираните компании на берзата

Според листата за финансиски резултати на котирани друштва што ја објави Македонска берзата од 94 компании, три немаат доставено финансиски извештај за минатата година, а само 18 компании оствариле негативен финансиски резултат, за разлика од 2020 година кога во групата на загубари имало 26 компании.

 Топ пет

Меѓу петте најшрофитабилни компании, убедливо најголем профит од постигнатите резултати во 2021 година оствариле три банки ( меѓу котираните компании не се наоѓаат сите банки кои работат во Македонија), кои ги следат Телеком и „Алкалоид“.

Стопанска банка АД Скопје е на врвот на листата според остварениот финансиски резултат од 2.465.956 илјади денари или 40,1 милиони евра. Таа лани ја зголемила добивката  за 25,99 отсто споредено со нето добивката остварена во 2020 година.

Со фантастични финансиски резултати, нето добивка од 2.328.320 илјади денари или 37,9 милиони евра на второ место се позиционира Комерцијална банка  АД Скопје.  Добивка која претставува раст од 20,07 отсто во однос на претходната 2020 година.

Третата позиција на најуспешни котирани компании и припаѓа на НЛБ Банка АД Скопје. Таа минатата година остварила добивка од 2.219.107 илјади денари или 36,1 милиони евра, што претставува зголемување за енормни 30,21 отсто во споредба со претходната година. Всушност таа процентуално бележи највисок пораст на добивката меѓу петте најпрофитабилни компании за 2021 година.

Првата петорка на најпрофитабилни котирани компании ја надополнуваат Македонски Телеком АД Скопје и „Алкалоид„ АД Скопје.

Телеком бележи добивка од 1.591.293 илјади денари или 25,9 милиони евра, што е благо намалување  од 0,74 отсто на добивката споредена со  годината пред неа.

„Алкалоид“ АД Скопје оствари нето добивка во износ од 1.304.988 илјади денари, односно 21,2 милиони евра, што претставува раст од 11,77 проценти во однос на 2020 година.

Повеќецифрен раст на добивките

Според  податоците на берзанската листа кај некои од котираните компании се забележува и повеќецифрен раст на добивките. Во тоа особено предничи „Фершпед“ АД. Кај оваа компанија лани  добивката скокнала за дури 12 787, 18  проценти во однос на претходната споредбена година. Односно од 577.000  пораснала на 74.359.000 денари.

Внимание привлекува и кратовската компанија „Силекс“, која минатата година остварила добивка од 159 милиони денари. Сума која споредено со претходната 2020 година е поголема за 3903,62 отсто. Во оваа група со рапиден раст на добивката од 2 250,06 отсто се вбројува и „Технокомерц“ кој од 4.359.000 денари во 2020  напластил добивка од 102 милиони денари.

Од другите компании исклучително добри показатели имаат „Макстил“ АД Скопје, чија добивка во 2021 година порасна за 931,42 отсто и достигнала 850 милиони денари.

Воочлив е  растот на добивката и кај „Макпромет“ АД Штип  од  632,56 отсто, потоа кај  Кланица со ладилник АД Струмица со раст од 527,27 отсто.

Раст на добивките од над 300 проценти бележат и Тутунски комбинат Прилеп од 334,48 отсто, Стопанска банка Битола од 323,73 проценти и „Макпетрол“ АД Скопје со 304, 30 отсто повисока од 2020 година или поголема за 23 милиони евра.

Загубари

Меѓу 16 компании загубари најголем пад од -97,18 отсто на годишно ниво е забележан кај „Современ дом“ АД Прилеп. Намалување од  89,76 отсто лани во однос на претходната година бележи и ДС „Смитх“ АД Скопје  и Рудници Бањани АД Скопје  од 84,42 проценти. Поголеми процентуални загуби се регистрирани и кај  „Жито Полог“ АД Тетово од 75,31 отсто и кај „Либерти“ АД Скопје со пад од 58,22 отсто.