Белград овие четири дена е главен град на виното бидејќи ваква манифестација на ваков начин во овој дел од Европа досега не се одржала, тоа е нешто што го прави посебен поради големиот број винари и клиенти, смета Чадеж.

На манифестацијата ќе има околу 350 излагачи на вино и околу 40 дестилерии од 22 земји. „Ова е голема работа за Белград и Србија да бидат домаќини на саемот“, рече Чадеж.

Чадеж истакнува дека е горд на фактот што повеќе од 100 големи купувачи, дистрибутери, луѓе кои продаваат вина ширум светот се обезбедени да дојдат во Белград и да склучат нови договори.

Имаме и посебна платформа, каде клиентите- купувачи можат да видат што се нуди, какви вина се тие и да закажат состаноци, зборуваме за големи клиенти од целиот свет, вели тој.

Саем на вино

На „Винска визија на отворен Балкан“ како што вели Чадеж денеска ќе се организираат 420 средби меѓу откупувачите и винопроизводителите и истите ќе продолжат.

 „На овој начин, додава тој,- се создава можност за производителите на вино и за перцепцијата на Србија и регионот - како вински регион. Кога купувачот доаѓа од САД и Кина, тој не навлегува дали виното доаѓа од Србија, Албанија или Северна Македонија, туку го гледа регионот како вински регион, така сакаме да го претставиме, многу повеќе од виното. Виното на некој начин ги отвора вратите и за добар туризам и гастрономија“, вели Чадеж.

 Економска и политичка соработка

На иницијатива на претседателите на Србија и на Северна Македонија и премиерот на Албанија Саемот на виното се организираше во рекордно време.

Во рамки на настанот ќе се одржи и Лидерскиот самит на кој покрал лидерите на трите земји кои беа иницијатори за оваа манифестација ќе присуствуваат и премиерот на Црна Гора, шефовите на дипломатиите на Унгарија и Турција и претседавачот со Советот на министри на БиХ.

Виното отвора простор и за добри односи во регионот, утре е самитот на регионалните лидери.

Според Чадеж, иницијативата Отворен Балкан раѓа нов вид доверба меѓу политичките лидери. „Видовме во различни појави, како во Брисел, каде што тројцата лидери можат да најдат заеднички интерес за нив, за регионот и да го бранат како таков - тоа е она што го немавме како квалитет во претходните години, дури и во претходните иницијативи“, подвлече Чадеж.

Оваа иницијатива дојде од самите лидери, не беше наметната, тоа е еден вид соработка меѓу луѓето овде, она што економијата го цени и поддржува со години е соработката да се проширува, изјави претседателот на комората.

Потребно е да се премине од политички на ниво на економски интереси, кои се интересите како ќе живеат граѓаните.

Безбедност на храната – цел на регионот

Чадеж посочува дека најважната работа на самитот е безбедноста на храната - договорот за механизми за обезбедување на безбедноста на храната во регионот, што ќе биде потпишан утре.

 „Кога ќе видиме какви се резервите на храна, што се случува на глобалниот пазар, дека можеме да си помагаме, дека можеме да предвидиме како ќе се одвиваат работите меѓу нас - тоа зборува за довербата на политичките лидери дека заедно можат да направат повеќе отколку секој од нив поединечно“, истакна Чадеж.

Тој смета и дека имаме обврска да ја ослободиме слободната циркулација на земјоделски и прехранбени производи и секоја земја се обврзува да не ги реизвезува овие стоки, туку да создадеме капацитети за складирање. А паралелно да ја зголемиме инфраструктурата потребна за непречено снабдување со храна.

Во рамки на саемот „Винската визија на Отворен Балкан” ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022. Натпревар со меѓународно жири што се очекува да прерасне во традиција.

„Вкуси го животот“

На Саемот за вино, храна и туризам под слоганот „Вкуси го животот”, Македонија ќе се претстави со повеќе од десет производители на храна кои ќе ги претстават автентичните вкусови на македонската кујна.

Македонската туристичка понуда на Саемот ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.