
Београдска филхармонија е основана на 13-ти јуни 1923 година, кога го имаше својот прв концерт под официјалното име - Београдска филхармонија. Нејзиниот основач, уметнички директор и шеф-диригент беше еден од најголемите српски композитори Стеван Христиќ, посебно сакан и почитуван во Македонија заради неговото дело „Охридска легенда“.
„Охридска легенда“ е единствениот балет на Стеван Христиќ, првпат изведен во Народниот театар во Белград, на 29 ноември 1947. Претходно, на 5 април 1933 година, беше изведен само Првиот чин. Авторот подоцна, во Москва, состави некои дополнителни, нови делови од балетот...
А,кога сме кај Београдска филхармонија, која за две години ќе прослави голем јубилеј - 100 години постоење, еден од неодамнешните успеси беше најголемиот концерт на класична музика на отворено на Балканот, одржан на 25 јуни 2017 година, на кој присуствуваа повеќе од 25.000 луѓе. Концертот го водеше главниот диригент Габриел Фелц, кој сега ќе го видиме и во Скопје, додека славниот Зубин Мехта настапи како специјален гостин.