Позитивни сигнали за раздвижување на берзанскиот пазар покажуваат главните акценти од првото полугодие на оваа година. Пазарната капитализација од 280.530.289.358 денари што претставува раст од 28,17 отсто во однос на првата половина од 2023 година. Прометот зголемен за 46,22 отсто на 3.881.963.875 денари, бројот на трансакциите од 10.210 покажува раст од 70, 22 проценти, или едноставно раст во речиси сите сегменти од берзанското тргување покажува полугодишниот статистички билтен на Македонска берза.
Секако во структурата на прометот најголемо учество со 72,43 отсто имаат трансакциите од Официјалниот пазар на кој се свртени 45.655.318 евра (или 2.811.853.743 денари). Редовниот пазар има минимално учество од 0,17 отсто на кој е остварен промет од 108.704 евра. Со блок трансакциите е реализиран промет од 16.926.459 евра што претставува 26,8 4 отсто учество во прометот и јавните берзански аукции за големи пакети учествуваат со 0,55 отсто, или со промет од 348.830 евра.
Најтргувани акции кои го сочинуваат индексот
Комерцијална банка Скопје со 3 572 трансакции преку кои остварила промет од 20 758 384 евра е најтргувана акција во составот на МБИ 10, а и најтргувана на Официјалниот пазар. Таа со својот промет има 41,23 процентно учество во вкупниот берзански промет.
На второ место како најтргувани акции во групата на МБИ10 со 1702 трансакции и промет од 8.868.290 евра се акциите на „Алкалоид“ кои учествуваат со 17,61 отсто во вкупниот промет. Трета најтргувана акција во оваа десетка е акцијата на НЛБ Банка со која се реализирани 1369 трансакции преку кои е остварен промет од 6.351.794 евра, што претставува 12,61 отсто учество во вкупниот промет.
Голем удел во вкупниот промет со 10,27 проценти зафаќа и прометот на Макпетрол од нешто над пет милиони евра што беше реализиран преку 632 трансакции.
Инаку во групата на акции кои се составен дел од МБИ 10 се и акциите на Гранит Скопје, Македонијатурист Скопје, Стопанска банка Скопје, Македонски Телеком Скопје, ТТК Банка Скопје и УНИ Банка Скопје. Сите заедно реализирале 9 006 трансакции преку кои се истргувале 488 434 акции во овој полугодишен период, и со кои оствариле заедничка капитализација од 200.779.670.425 денари.
Акции со најголем раст
Во овој полугодишен период најголем раст од 60 проценти во однос на истиот период лани бележи акцијата на Адинг Скопје. Таа од просечната цена од 1000 денари во првата половина од 2023 достигнала просечна цена од 1600 денари во овие шест месеци. И во оваа група акцијата на Комерцијална банка има воочлива промена од 52,53 проценти на цената на акцијата во споредба со ланскиот период. Таа на просечната ланска цена од 14.226,83 денари по акција, во овие шест месеци надгради просек од 21.699,66 денари.
Меѓу петте акции кои забележаа најголем раст во оваа полугодишна објава во однос на истиот лански период се и акциите на Раде Кончар Скопје кои пораснаа за 42, 86 проценти, РЖ Техничка контрола Скопје бележат раст од 36, 24 отсто и акциите на Македонијатурист пораснаа за 36,19 отсто.
Наспроти овие акции со најголем пораст се наоѓа петорката која бележи најголем минус во ова шестмесечје во однос на истиот период во 2023 година. Во оваа група најголемо опаѓање бележат акциите на Либерти Скопје со пад од 56,52 проценти, потоа ФЗЦ 11 Октомври, Куманово бележат пад од 45 отсто. Приоритетните акции на Скопски пазар опаднале за 29,39 отсто, додека на Стопанска банка Скопје, исто приоритетните акции имаат предзнак минус од 5,50 отсто. Оваа група ја затвораат акциите на Македонија осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп со пад од 2,99 отсто.
МБИ10
Вредноста на македонскиот берзански индекс на крајот на јуни изнесува 7.704,56 поени. Тој во однос на 30 јуни 2023 година бележи позитивна промена од 34,85 проценти. Максимумот од 7.845,68 поени во овие шест месеци го достигнал на 13 јуни, додека минимумот од 6.154,42 поени на втори јануари оваа година.