Иван Ивановски е ко-основач на апликацијата „Bike Computer“ и компанијата „Venikom Mobile“ која развива мобилни апликации за други етаблирани компании. „Bike Computer“ е најмногу симнуваната македонска апликација во моментот со преку два милиони корисници на Android или iOS телефоните. Наменета е за велосипедисти. Покрај стандардните опции за следење на рутата на возење, отчукувањата на срцето, апликацијата нуди и вградена безбедносна опција која може да помогне во случај на незгода.

Ивановски за себе вели дека порано немал пасија кон возењето велосипед. Меѓутоа, започнал, со единствена цел – да ги намали вишокот килограми. Така дошол до идејата да вози велосипед. Возеле група од повеќе луѓе кога во еден момент, една девојка паднала и изгубила свест. Ваквата немила случка го натерала Ивановски да размислува како на технолошки начин, со мобилна апликација да спречи некој да се најде во животно загрозувачка состојба.

„Дискутиравме во компанијата како може да детектираме пад, додека некој вози велосипед. Ни требаше тест период од четири месеци. Ние успеавме да направиме алатка на која потоа се засноваше „Bike Computer“ – се викаше „чувај ме безбедно“. Кога го активирате „чувај ме безбедно“, ако паднете од велосипед, на контактот за итни повици што го имате претходно зададено, ќе испрати порака со локација и со која брзина е паднато за да повика помош. Кога ја претставивме оваа аплијација, почнаа да не контактираат од многу медиуми бидејќи се случуваат многу несреќи и станавме популарни на јутуб“, раскажува Ивановски.

Така, од една секојдневна случка, идејата технолошки ја реализирале во продукт. Тој раскажува и како течел процесот на развивање на апликацијата.

„Купив стар велосипед. Го стававме телефонот, го пуштавме низ удолница да се движи и откако ќе падне, ги вадевме податоците од телефонот и ги обработувавме, вели Ивановски.

За тоа како „Bike Computer“ стана најмногу симнувана македонска апликација, вели – сосема случајно. Започнале со стандардни реклами на популарните мрежи како Јутуб, Фејсбук, но и рекламирање преку инфлуенсери. Тоа и не довело до голем резултат. Но, како што вели Ивановски, една ситница може да го промени текот на работењето.

„Седејќи во фирмата, еден од вработените предложи да им пратиме на корисниците по еден држач за телефонот. За возврат, да ги замолиме да ни стават пет ѕвезди во делот за оцена. Тоа е надвор од политиката на „Епл“ и „Гугл“ и може да не банираат. Размисливме и рековме – и да не банираат што ќе изгубиме. Кај и да е за три месеци ќе банкротираме секако. Ајде да пробаме. Нарачавме од „Али експрес“ околу 500 држачи и на сите им пишав мејл дека во замена за пет ѕвезди, ќе им дадеме бесплатно држач. Наеднаш, почна да има навала од добри коментари. „Гугл“ помисли дека апликацијата е многу добра. Не стави на прво место во сите држави“, раскажа Ивановски како еден трик им помогнал во огромно зголемување на видливоста, кое сега се мери во милиони симнувања.

За крај, како совет за сите оние кои сакаат да пробаат во светот на бизнисот, развивајќи старт ап, им порачува дека не постои лоша идеја. Дури и ако нештата се забранети, нема причина да не пробате како ќе профункционира.