Бизнис услугите за достава на храна – најбрзо растечки во Европа. Сектор во кој стартапите кои обезбедуваат услуги за доставување храна прават големи инвестиции.
Бизнис услугите за достава на храна – најбрзо растечки во Европа
Европската индустрија за доставување храна, која особено дојде до израз за време на пандемијата продолжува да расте. Тоа го потврдува и интересот на Venture capital (VC) фондовите во овој сектор. Неодамна, мноштво европски стартапи кои обезбедуваат услуги за испорака обезбедија мултимилионски инвестиции. Наменски средства што ќе се користат за зајакнување на растот, проширување на други пазари и обезбедување нови услуги.
Нови инвестиции во индустријата за достава на храна
Минатата недела германскиот Флинк зеде 240 милиони долари, додека турскиот Гетир подигна 555 милиони долари за нови инвестиции. Покрај нив, стартапот „Горилас“ објави планови за продажба на акции како дел од претстојната рунда на финансирање вредна милијарда долари, што може да ја зголеми вредноста на стартапот за шест милијарди долари.
Денес, младиот нордиски стартап Curb, кој работи во Шведска и Данска, најави инвестиција од 20 милиони евра.
На почетокот на годината, Deliveroo објави дека ќе го удвои својот бизнис, а шпанскиот Glovo исто така продолжува да се шири во овој регион.
Брза испорака
Во моментов, скоро секој Venture capital фонд во Европа внимателно ја следи сцената. Creandum, Index, Blossom, Northzone, Cherry, Heartcore и Target Global се меѓу попознатите фондови кои инвестираат во стартапи кои обезбедуваат услуги за испорака, пренесува Startit.
Ваквите стартапи им нудат на потрошувачите мноштво производи, кои можат да се нарачаат преку апликација и кои често пристигнуваат за многу кратко време, понекогаш за помалку од 15 минути. Оваа стока се чува во „темни продавници“ - мини магацини во центарот на градот - и се доставува преку сопствени возачи. Постојат и „темни кујни“ кои работат само за испорака. Фондовите се надеваат дека ќе ја искористат потребата на потрошувачите за оваа погодност, која привлече најмногу внимание за време на пандемијата, но и сега во порелаксирани услови овој сектор продолжува да расте.
Во Македонија
Онлајн продажбата на храна едноставно незадржливо расте низ целиот свет. Тренд во кој се чекори и кај нас.
Кризата од пандемијата наметна нов стил на пазарење, на кој поголемите трговски ланци брзо се адаптираа и го прифатија. Па преку свои брендирани возила ( Тинекс, Веро, Гранап, Рамстор, и други маркети) ги доставуваа потребните намирници до своите потрошувачи.
Паралелно се појавија и платформи на мали доставувачи на брза и ресторанска храна и достава со велосипеди и мопеди, како: Кликни Јади.мк; Пакет.мк; ХранаДоДома.мк; АпниСи.мк; ФудГуру.мк; Нарачај.мк.
