„Предизвици на економските политики во 2023 година“ беше насловена денешната конференција во организација на Стопанска комора на Македонија.  -Целта на конференцијата, како што посочија од Комората, беше на едно место да ги обедини креаторите и носителите на економски политики и претставниците на бизнис заедницата, овозможувајќи јавно-приватен дијалог и презентирање на различните видувања и предлог мерки за креирање на ефиксни економски политики од страна на Владата за 2023 година, во услови на големиот број на економски и политички предизвици со коишто се соочува светот а амбиентот за стопанисување во РСМ станува се’ понеизвесен и поврзан со голем број на предизвици.

Но, и на оваа конференција како и на сите други, премиерот и претставниците на власта откако ги изложија своите согледувања и анализи, повторно по кратко време заминаа од конференцијата немајќи време да останат на вториот панел и да ги сослушаат  очекувањата за стабилност и растот на бизнис заедницата.   

Меѓутоа, Зоран Јовановски, советникот во Стопанската комора на првиот панел од конференцијата „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата“  порача дека бизнис заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции. Тоа според него значи не само закажување и одржување на заеднички состаноци, туку и сериозно земање предвид на аргументите кои ги изнесуваат и посочуваат компаниите. Односно јасно да кажат дали се согласуваат или не со ставовите кои им ги предлагаат стопанствениците.

Според Јовановски, четирите клучни „Предизвици на економските политики во 2023 година“ ќе бидат буџетот на државата, инфлацијата, ценовната конкурентност и екстерната побарувачка за македонските производи и услуги.

– Во однос на очекувањата за 2023 година, би рекол, ентузијазмот кај бизнис секторот секогаш постои, само бизнис секторот не е еуфоричен, туку секогаш е умерен оптимист. Ќе повторам, бизнис заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции. Државна институција или Министерство ќе закаже состанок, состанокот ќе се одржи, ние ќе ги кажеме нашите размислувања, но работата ќе продолжи онака како што е примарно замислена од Министерството или институцијата и оди со објаснување дека „за ова е разговарано со Комората“. Всушност, тоа мора да се замени со „ова е усогласено или не е усогласено со Комората“. Владата ќе носи одлуки како смета, но ако влегуваме во размена на аргументација, убаво би било аргументите да бидат соодветно третирани, истакна Јовановски.

Тој укажа и дека бизнис заедницата бара респонзивност, посочувајќи го притоа како пример законот за заштита на потрошувачи во кој, како што рече, има многу нејасностии.

– Испративме допис до премиерот и до министерот за економија. Очекуваме одговор. Бизнисот сака да работ согласно законите, но има потреба нејасното да се разјасни, подвлече советникот во Комората.

Јовановски се осврна и на најавеното зголемување на минималните плати.

– Минималната плата ќе се зголеми, но не е прашањето дали компаниите може да се справат со трошокот од зголемување на минималната плата, туку кога ќе се покачи минималната плата се набива структурата на плати во фирмите и целата таа структура мора да се подигне нагоре, укажа Јовановски.

Пред него на панелот насловен „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата“ зборуваше министерот за финансии, Фатмир Бесими кој најави дека годинава ќе има раст повисок од 2022-ра. Растот, нагласи Бесими, може да се реализира преку реформи и зголемување на инвестициите.

Говорници се и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи.

Конференцијата, која ја организира Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора, ја отворија премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Советот Глигор Бишев. Ковачевски во обраќањето уште еднаш порача дека бизнис заедницата има сериозен партнер во оваа Влада. Тој повтори и дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата.

Кризата и ќе ја преживееме и ќе ја надминеме само со заедничка работа, поддршка на најранливите категории граѓани, зачувување на работните места и задржување на ликвидноста на компаниите, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања Глигор Бишев, од своја страна порача дека во тековните услови и предизвици бараат мудри и добро осмислени економски политики. Политики, како што рече, што на краток рок ќе ја стават инфлацијата под контрола без да се поткопаат долгорочниот капацитет за економски раст и трансформација на економијата.

-Кажано со микроекономски јазик, да се собори инфлацијата, а истовремено да се одржат компаниите во кондиција, да инвестираат, да воведуваат нови иновации и технологии, да одговорат предизвиците на новото време, рече Бишев.