Бизнисите треба да креираат добро поголемо од профитот, поголемо од вредноста на парите, ако сакаат да бидат релевантни во следните 10 години. Во моментов сме во фаза на трансформација, бизнисите и кои не сакаат се приморани да ги откријат начините како да бидат поодговорни, социјално активни или еколошки свесни. Ако сте стартап и креирате нешто ново, изберете да бидете пионер, а не жртва на таа трансформација, -вели Бистра Кумбароска, една од 100 највлијателни жени во социјално претприемништво во Европа, според Euclid Network.

Кумбароска е основач на Heartbeats innovation & Communication и потпретседател на Националниот стартап на ФИТР.

„И благодарам на мрежата Еуклид за ова прекрасно признание денес! Светот не е лесен за менување, но гледајќи ги овие 100 жени на листата, ми дава надеж дека секој ден сме поблиску до еден подобар свет! Нема откажување“. Напиша Кумбароска.

За тоа како една Македонка се најде меѓу 100 највлијателни жени во социјално претприемништво во Европа, за занчењето на социјалното претприемништво воопшто и за социјалниот импакт што овие жени го оставаат врз општеството каде делуваат, Кумбароска говори во ексклузивното интервју за Анторис магазин.

Женското лидерство игра голема улога во социјалното претприемништво


 

-Г- ѓа Кумбароска што значи за вас и како се најдовте на листата меѓу 100-те највлијателни жени во социјално претприемништво на Еуклид?

-Социјалното и еколошкото претпримништво се во центарот на мојата кариера веќе повеќе од 10 години. Но би рекла, дури и пред да го откријам концептот на социјално претпиемништво, голем дел од мојата младост ја посветив на барање начини и концепти како да се комбинираат мисијата на невладините организации и долгорочниот раст на бизнисите. Или како профитабилноста како таква да се стави во полза на пошироката заедница, во полза на човековите права или општественото добро.

Денес се радувам на секоја можност кога социјалното претприемништво добива внимание од институциите, универзитетите, бизнисмените, невладините организации или младите.

На почетоците од мојата кариера концептот на социјално претпримништво постоеше, но до некаде моравме да се движиме низ една непозната околина. Тоа што во 2021-та година, за 8. март, мрежата ЕУКЛИД, преку процес на номинација и селекција кој траел пет месеци, одлучија да ги издвојат 100-те највлијателни жени во социјалното претприемништво - е голем знак за напредокот на ова поле.

И морам да признаам, во социјалното претприемништво, женското лидерство игра особено голема улога - затоа е битно да се следат и препознаваат жените од целиот свет кои работат на ова поле. Лично се чувствувам почестена од ваквото признание, истовремено многу радосна што голем дел од избраните жени се во мојот круг на соработнички. Свесни сме уште колку многу работа не чека, така што ова признание е само еден мал допринос и некаков доказ дека сме на правиот пат.

- Кои се критериумите и услови да се учествува на еден ваков престижен избор ?

-Жените кои се најдоа на оваа топ 100 листа морало да се предложени од минимум пет различни луѓе. Па, преку процес на номинација кој се одвивал на светско ниво онлајн, во текот на три месеци. Потоа, сите квалификувани номинации биле дел од процес на селекција и оценување од интерна жири комисија во мрежата ЕУКЛИД.

На 8. март за прв пат беше објавена финалната листа, и дента толку бев изненадена што веднаш почнав да се распрашувам кој ме номинирал. Не беше лесно да откријам, но успеав да разберам за четири соработници од Англија, Белгија, Јужна Африка и Австрија кои ми пишаа дека ме номинирале. Длабоко сум благодарна што преку мојата работа сум успеала да допрам до луѓето на таков начин - и сум благодарна што моето име се најде на оваа листа.

Исто така, навистина ми беше драго што од регионот на Централна и Источна Европа, како и Западен Балкан, имаме неколку социјални иноваторки кои се на листата.  Браво за нашиот регион!

Вредност се креира и преку профитабилни активности


- Колку долго се занимавате со социјално претприемништво и што всушност претставува тоа?

-Социјалното претприемништво е моја пасија повеќе од 10 години. Во овие десет години, имав можност да учам и да го развивам своето знаење во сферата во Словенија, Австрија, Уганда, Руанда, Сингапур, Канада и Јужна Африка.

Во сите овие земји, социјалното претприемништво се восприема и дефинира поинаку. Но, интересно е што поради тие разлики, успеав да создадам една многу прецизна но и широка пракса за социјалните бизниси. И тоа стекнато знаење да го пренесувам не само во Македонија туку и во целиот регион на Централа и Источна Европа, каде најмногу сум активна.

Социјалното претприемништво милувам да го дефинирам како форма на бизнис и форма на активизам (во исто време) во која преку профитабилни активности се креира вредност. А, таа вредност не се мери само преку профит туку и преку други социјални или еколошки индикатори. Едни од најинспиративните примери за социјални бизниси од регионов може да ги најдете на последната конференција која ја организиравме заедно со Младиинфо, Вишеград фондот и Централно Источната Иницијатива, нареченa Back to the Future with Impact. Ќе забележите дека бизнисите кои ги посетивме во оваа вуртуелна тура се поделени во три категории, така што изборот е навистина разновиден и многу инспиративен. Снимките од настанот се достапни тука.

- Кои активности, консултации, обуки им ги пружате на своите клиенти преку својата компанија ?

-Мојата експертиза и пасија се социјалните иновации, со особен фокус на социјалните бизнис модели и мерење на импактот. Истовремено, голем дел од моето време го поминувам во креирање иновативни, искуствени настани кои се круцијални за учење, дружење и креирање социјален капитал.

Во моментов нашата компанија работи со клиенти низ 20 локации во светот, и обуките кои ги организираме не би ги нарекла баш обуки туку повеќе искуствени работилници или академии.

Нашата уникатна вредност лежи во комбинацијата на многу меѓународни умови и искуства, кои ги комбинираме во секој настан, обука или работилница која ја организираме.

Тематски, ги покриваме сите фази на развој на социјални и зелени бизниси, особено љубиме да работиме на креирање одговорни комуникациски стратегии. А, изминатавa година беше особена битна бидејќи моќта на вмрежувањето и учењето моравме да ја пресликаме во онлајн светот. Дел од мојата консултантска работа е баш во таа сфера, и во моментов работам со две светски мрежи за социјални промени.

Подготвуваме светски настани за повеќе од 1000 луѓе низ  пет временски зони, со фокус на design thinking, методологијата и нејзината примена во светот на општествени промени.

Регенерација што ќе го пренасочи или редизајнира капитализмот


-Колку има интерес и колку се применува социјалното претприемништво на нашите простори и какво е искуството со другите земји?

-Интересот постојано расте - особено откако климатската криза, како и кризата на економските системи, стануваат се повидливи.

Пандемијата дава можност за многумина од нас да застанат, да паузираат, да земат здив, да се ресетираат и, се надевам, да смогнат сили за нешто поинакво. Како што вели Ото Шармер, „Пандемијата во суштина не соочува со изборот: (1) да се замрзнеме, да прекиниме да гледаме кон другите, да се грижиме само за себе или (2) да се свртиме кон другите за да ги поддржиме и утешиме оние на кои им е потребна помош“ .

Тој избор помеѓу дејствувањето од точка на его или дејствување од екосистемска свест е оној со кој се соочуваме секој ден, секој час, секој момент.

И социјалното претприемништво е само еден од начините да почнеме да ја практикуваме таа екосистемска свест во тоа како работиме, како создаваме богатство, како создаваме вредност која не се мери во пари. Секој поединечен чекор што го правиме мора да биде цврсто вкоренет во сегашноста, сочувството и заедништвото, не само помеѓу луѓето, туку заедништво со сите останати видови на живот. Должност е на нашата генерација да најдеме заедничка култура на регенерација што ќе го пренасочи или редизајнира капитализмот во нешто што ќе им служи на сите луѓе и форми на живот, долгорочно.

- Кој е бенефитот од примената на социјалното претприемништво за стартапите?  

-Ако сакате да бидете релевантни во следниве 10 години, вашиот бизнис мора да креира некакво добро кое ќе биде поголемо од вредноста на парите и профитот. Ако сакате вашиот производ или услуга да бидат купувани и континуирано потребни - вие мора да им понудите на купувачите нешто кое вреди да се купи, но не само во квалитет туку и во мисијата, во вредностите. Во моментов сме во фаза на трансформација, бизнисите и кои не сакаат се приморани да ги откријат начините како да бидат поодговорни, социјално активни или еколошки свесни. Ако сте стартап и креирате нешто ново, изберете да бидете пионер, а не жртва на таа трансформација.

-Што е она што најмногу ве исполнува  во вашето работење?

-Луѓето со кои работам, чија смеа, загриженост, па дури и страв, само ми потврдуваат колку сме во центарот на непознатото. Секој ден учам нешто ново, и во учењето нешто ново, сфаќам колку уште не знам.

Проблемите на денешницата се толку големи што индивидуалната имагинација не може да ги реши. Ако порано моравме да научиме да го откриеме и следиме својот сон, сега е време кога мора да научиме како да сонуваме заедно.

Само преку креирање системи на заедничко растење и учење, ние како човештво ќе можеме да се издигниме над проблемите кои се пред нас. Мојата работа е да одиграм една мала улога во креирањето на тие системи, и да овозможам што повеќе луѓе да бидат дел и креираат такви системи.

Бизнисите треба да креираат добро поголемо од профитот

Овој петок-Национален стартап самит


- И секако не можам да го одминам фактот што вие сте потпретседател на Националниот стартап совет на ФИТР. Која е вашата улога во оваа приказна?

-Преку работата на ФИТР, стартап заедницата во моментов ја добива една од најголемите институционални поддршки во Северна Македонија. И креирањето на Стартап Советот беше само уште еден чекор во приближување на потребите на македонските стартапи до потребни законски промени. Така би можеле да го отвориме системот и инспирираме што повеќе иновации во секоја смисла на зборот.

Работата на Стартап Советот се насочи баш во таа насока, и предлог промените ќе ги презентираме во форма на еден Policy Paper како дел од првиот Национален стартап самит, кој ќе се оддржи на 28ми мај, неделава, во петок.

-Колку успевате да им помогнете, да ги подржите и да ги внесете новите стартап компании во социјалното претприемништво?

Социјалното и зеленото претприемништво добива се поголемо внимание во државата. Горда сум што уште пред седум години успеавме да ја донесеме лиценцата за една од младинските програми за поддршка на социјалното претприемништво СИА - и благодарение на Шпаркасе и Ерсте Фондација секоја година неколку младински идеи добиваат и финансиска но и менторска поддршка.

Благодарение на тимот на Бизнис Импакт Лаб, Сеавус Акселератор и УНДП, годинава се лансира и една друга програма за поддршка на бизниси кои се поврзани со целите за „Одржлив развој“, Accelerate 2030.

Ваквите програми се особено битни за развојот на социјални и зелени стартапи. Зашто истите даваат пристап и до многу меѓународни можности за вмрежување, бизнис и секако, финансирање. Секогаш со особено задоволство сум вклучена во ваквите програми, и обожавам да работам со македонските претприемачки и претприемачи поради нивната особено видлива пасија и упорност!

- Што би им порачале на младите претприемачи?

Антоан де Сент-Егзипери рекол: „Ако сакате да изградите брод, не ги терајте луѓето да собираат дрва, да ја менаџираат работата и да даваат наредби. Наместо тоа, научете ги да копнеат по огромното и бесконечно море.“

Начинот на кој ја толкувам неговата порака е дека претприемништвото е да научиме да ги оствариме нашите соништа. Убедена сум дека длабоко во нас лежи еден колективен сон да живееме и создаваме една емпатична и инклузивна цивилизација. А, за тоа да се случи, треба да преземеме акција и покрај нашите согледувани недостатоци и ограничувања.

Социјалното претприемништво не е форма на конкуренција; тоа е движење за промена. Придружете се храбро, и верувајте во вредностите кои уште како дете го правеле вашето детско срце да бие посилно.

Македонка Балдазарска