Во ексклузивното интервју за Анторис, единственото кое периодов го имаат за некој македонски медиум, браќата Ратко и Радиша Теофиловиќ зборуваат за актуелниот албум „Елемент“, кој ги поместува границите и ги става на самиот врв на регионалната world music сцена, соработката со Croatia Records, искуствата кои ги имаат од дружењето со светскиот гитарист Мирослав Тадиќ и нивната вечна фасцинација од македонскиот мелос... 

Вашиот нов албум „Елемент“ неодамна се појави под етикетата на најголемата регионална издавачка куќа Croatia Records. Што ви донесе соработката со толку голема дискографска куќа? 

Ратко: Соработката со Croatia Records во секој случај ни донесе поголемо медиумско внимание во целиот регион, а со тоа го зголеми интересот на јавноста за нашата работа. Досега главно бевме самоиздавачи, а соработката со CR донесе полесна дистрибуција и на физичките изданија и јасна видливост на изданијата на музичките платформи. 

По што се разликува албумот „Елемент“ од вашите претходни изданија? 

Радиша: Албумот „Елемент“ исто толку се разликува од претходните изданија, колку е сличен и близок до нив. Записот е замислен како акапела проект, со тоа што јас свирам тарабука на три песни. Песните на нив се збир на нашето долгогодишно искуство, многу пати се испеани на концерти, а досега не биле објавени. Ние се менуваме со текот на годините, па гласовите и и пеењето ни се менуваат. Накратко, тоа би било резиме на она што го прави овој албум поинаков од претходните. И на овој албум е забележана и вашата фасцинација од македонските песни. „Калеш бре, Анѓо“, „Јано мори“... Има ли песна од Македонија што се уште не сте ја снимиле, а би сакале? 

Ратко: Покрај познатите песни, на ова издание е и бисерот од македонската народна песна „Многу ми го фалат бабо мори“, која своевремено ја испеа Александар Сариевски. Би сакале да ја снимиме и „Кога трнав в туѓина“, „Зошто ми се срдиш либе“, „Само седиш лично Стојне“, „Са ноќ седам Трено“, и многу други, кои одговараат на нашиот сензибилитет и двоглас. 

Вашите фанови беа пријатно изненадени од вистинската вокална посластица што се најде на „Елемент“ - култната ромска песна „Djelem, djelem“. Како дојдовте на идеја да ја снимите оваа песна? 

Радиша: Долгогодишното пријателство со Драгољуб Ацковиќ ја роди идејата песната „Djelem, djelem“ да ја обработиме на наш начин. Работниот век го поминал како главен и одговорен уредник на ромската редакција на Радио Белград. Господинот Ацковиќ е човекот кој ни помогна и не донесе во Радио Белград. Неговата желба беше да ја обработи химната на Ромите и тоа го направивме на обострано задоволство. Мислам дека ќе има посебен прием кај слушателите. 

Колку периодот на пандемијата ги промени вашите планови за иднината, особено за поголем ангажман и промоција во странство? 

Ратко: Пандемијата ги промени животите на целото човештво, но за жал музичарите се една од категориите на кои им се одземени активностите и плановите за иднината. И двајцата сме познати како концертни изведувачи и контактот во живо со публиката е она што најмногу ни недостасуваше нам и на публиката. Откажани се нашите концерти во Австрија, Хрватска, Германија..., а со тоа и нашата понатамошна промоција во странство. Се надеваме дека ова ќе заврши и дека, барем делумно, ќе ги надополниме откажаните концерти годинава. 

Пред неколку години ја снимивте „Видарица“, заеднички албум со Мирослав Тадиќ, со кој настапувавте заедно, како и со Влатко Стефановски. Дали има планови за продолжување на ваквата соработка? 

Радиша: Соработката со Мирослав Тадиќ никогаш не престанала. Мирослав живее во Америка и неговото физичко отсуство на некој начин ограничува заедничката работа на одреден број на настапи. Короната си го направи своето, па Мирослав речиси две години не доаѓаше ниту во Србија, ниту во Хрватска. Се надевам дека овој албум ќе ги иницира и организаторите на концертите по долго време да не поканат и повторно да се видиме заедно на сцената. На музичката сцена во регионот, a и пошироко, нема никој сличен на браќата Теофиловиќ. Дали недостатокот на конкуренција е предност или хендикеп во вашата работа? 

Ратко: Ваков дует досега не постоел во светот, така што ова е уникатен и автентичен феномен на музичката сцена, како што велат музичката критика. Од една страна тоа е предност затоа што си сосема поинаков, а од друга страна може да биде хендикеп, бидејќи не припаѓаме на ниту еден музички жанр. 

Одамна не сте биле во Македонија. Дали постојат некакви планови, навестувања...? Радиша: Навистина одамна не сме биле во Македонија. Албумот „Видарица“ кој го снимивме со Мирослав Тадиќ имаше концертна промоција во сите земји во регионот, освен во Македонија. Самиот албум има најмногу песни од Македонија, и искрено се надеваме дека публиката ќе има можност наскоро да не слушне, што ние тројцата со нетрпение го очекуваме.

Иван Беќковиќ фото: Небојша Бабиќ