„Брако“ со „Грин Машинс“ учествува на ИФАТ саемот во Минхен. „Грин Машинс“, брендот на возила за одржување хигиена на надворешни површени на велешки „Брако“ се претставува на престижниот саем за еколошки напредни технологии ИФАТ во Минхен ,Германија. Тие, гордо ги претставуваат своите технолошки-иновативни решенија, застапувајќи ја еколошката програма на иднината за нула штетни емисии во воздухот, здрава и чиста животна средина.

 „Брако“ со „Грин Машинс“ учествува на ИФАТ саемот во Минхен

 

„Саемот ИФАТ во Минхен е најголемиот светски саем за еколошки технологии каде што најдобрите компании од целиот свет доаѓаат да ги претстават своите најнови достигнувања. Затоа за нас е големо задоволство и успех што сме присутни тука со нашите возила за чистење. Во последните две години „Брако“ вложи многу во развој на овие возила и како резултат на тоа денес имаме целосно еколошки штанд каде што претставуваме четири возила, од кои три се електрични, а едно на погон со хидроген и како такво се уште е единствено на пазарот и во таа смисла сме светски лидери во овој сегмент. Интересот за нашите возила на саемот е голем и засега имаме одличен одѕив од пазарот што е уште една потврда дека сме во чекор со светската конкуренција, а во многу сегменти, како што е на пример водородот, сме и чекор напред. На саемот со нас се присутни и претставници од ќерките фирми на „Грин Машинс“ од Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Германија и Холандија преку кои „Грин Машинс“ е застапуван и продаван во целиот свет“, вели Ангел Анѓушев, технички директор на „Грин Машинс“.

На велешкиот иновативен штанд од 80 метри квадратни „Грин Машинс" ги претставува своите револуционерни решенија имплементирани во четири најнови модели на возила од кои три се електрични, а едно е на погон на водород, кое е единствено на пазарот во светски рамки.

На саемот ќе биде претставен и највпечатливиот, GM955. Тој го обединува најдоброто, затоа што покрај капацитет од шест кубни метри, механичкиот дел од системот овозможува собирање на отпад од секаков вид и најразлични димензии и при тоа механичкиот принцип за собирање отпад е комбиниран со вакуум. Посетителите ќе имаат можност  одблиску да го простудираат и возилото GM400ze, кое важи за најдобриот свипер во својата категорија. Исто така ќе биде презентирана и новата верзија на GM500ze со поголем кабински простор, како и првото возило за одржување на хигиена на хидрогенски погон во светот, GM500H2.

ИФАТ ќе биде можност и за претставување на прототипот на новото возило, целосно дизајнирано и произведено во фабриката во Велес, GM720.