Народна банка го објави редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција во првиот квартал од 2025 година.

 

Бруто надворешниот долг, во првото тримесечје од годинава, како што стои во соопштението, изнесува 12.117 милиони евра и забележа квартално намалување од 203 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се намалија за 204 милиони евра и изнесуваат 7.487 милиони евра. При истовремено намалување на обврските и побарувањата во речиси идентичен обем, кај нето надворешниот долг бележиме минимално квартално зголемување, така што на крајот на март 2025 година тој изнесува 4.630 милиони евра.

Негативната нето меѓународна инвестициска позиција (побарувањата од и обврските кон нерезидентите врз основа на финансиски инструменти на одреден датум), на крајот на март 2025 година, изнесува 8.960 милиони евра, или 54,9 проценти од проектираниот БДП за 2025 година.

Најголемиот дел од овој износ, или 94 проценти, се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 69 отсто се врз основа на сопственички капитал 

Бруто надворешен долг

На крајот на март оваа година, бруто надворешниот долг изнесува 12.117 милиони евра (или 74,3 проценти од проектираниот БДП) и бележи квартално намалување од 203 милиони евра (или за 1,7 отсто). Доколку се изземе влијанието на специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка врз долгот, бруто-долгот бележи квартално намалување од 99 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на намалениот јавен долг (за 87 милиони евра) и приватниот долг (за 12 милиона евра).

Кварталното намалување на јавниот надворешен долг е резултат главно на падот на долгот на јавните банки и јавните претпријатија (за 70 милиони евра), на секторот „држава“ (за 13 милиони евра) и на централната банка (за три милиони евра).

Падот на приватниот долг се должи на намалениот долг на приватните банки (за 105 милиони евра), при зголемени обврски на небанкарскиот приватен сектор и капитално поврзаните субјекти (за 57 и 36 милиони евра, соодветно).

Бруто надворешни побарувања

На крајот на првиот квартал од 2025 година, бруто надворешните побарувања изнесуваат 7.487 милиони евра (или 45,9 проценти од проектираниот БДП) и забележаа квартално намалување од 204 милиони евра (или за 2,6 отсто). Доколку се изземе влијанието на специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се намалени за 161 милион евра и изнесуваат 7.442 милиона евра. Оваа квартална промена е резултат на намалените јавни побарувања за 326 милиони евра, при зголемени приватни побарувања за 165 милиони евра.

Кварталниот раст на надворешните побарувања кај приватниот сектор е резултат на зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 170 милиони евра) и небанкарскиот приватен сектор (за 40 милиони евра), во услови на намалени побарувања на приватните банки (за 45 милиони евра).

Нето надворешен долг

Заклучно со март оваа година, нето надворешниот долг изнесува 4.630 милиони евра (или 28,4 проценти од проектираниот БДП) и не бележи значителна промена во однос на минатиот квартал. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67,9 проценти.

Меѓународна инвестициска позиција, нето

Во текот на првиот квартал од 2025 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) изнесува 8.960 милиони евра, што претставува 54,9 проценти од проектираниот БДП за 2025 година.

Кварталното зголемување на негативната нето МИП произлегува од намалените средства (за 121 милион евра) и зголемените обврски (за 72 милиона евра). Гледано по инструменти, кварталниот раст на негативната нето МИП за 193 милиони евра во целост произлегува од зголемените нето-обврски врз основа на сопственичките инструменти.