Римскиот император Марко Аурелиј, кој важи за еден од најголемите, ако не и најголем интелектуалец меѓу римските императори, во својот дневник уште пред 2 илјади години има запишно: „Најтешка зараза е корупцијата, полоша од која и да е инфекција, затоа што доживотно ги загадува луѓето.“ 

Ден денас корупцијата цвета во светот.  Сите го знаат тоа, но никој не се зафаќа во решителна и последна борба притив оваа краста. Тоа значи дека корупцијата на светот, односно на „некои“ во светот, им е потребна и наместо да ја сосечат, тие ја толерираат, па и ја стимулираат. Дека се „негува“, може да се препознае во премолчниот принцип на владејачките структури кој гласи: „Процент за мнистерот мора да има“!

Според Transparency International основната цел на корупцијата е јавните средства да бидат пренасочени во  приватни џебови, со што се урива меѓусебната доверба,  слабее демократскиот систем, забавува економскиот развој, се фаворизира нееднаквоста, се зголемуваат социјалните поделби и сиромаштијата и влијае и на еколошкото уназадување на средината.

На корупција се подложни јавните службеници, политичарите, спонзорите, роднинските контакти и секако компаниите заради својот пазарен интерес.    

Без исклучок се јавува секаде кај што циркулираат пари и интереси што овозможуваат под одредени околности да се прелеваат јавните пари кај приватните лица на власт.

Парите се тука, само што не се правилно распределени. Така се создаваат класните разлики, а во високата социјална богаташка орбита се лансираат довчерашни копуци кои сега од високо гледаат на сиромаштијата во чие содавање системски или со свое залагање учествувале.

Борбата за освојување на власта во Македонија е борба за државниот буџет и за можноста за изигрување на законите за јавните набавки; кој ќе го грабне во свои раце, ќе  манипулира со парите и тоа во 99% од случаите - законски. (Во поново време од македонската историја имаше случаи кога ноќе собранието донесуваше закони за да овозможи некоја сомнителна зделка, а на утрешната седница тој закон се укинуваше за да не може друг да ги искористки неговите погодности, односно да се елиминира конкуренцијата.) 

Корупцијата се одвива во сенка, тајно, скришно, матно,  пред очите на политичарите, бизнисмените, на медиумите, на адвокатите, на институциите за слењење на движењето на парите.

На корупција оди 5% од светскиот БДП. Економските и здравствените кризи, војните ... се идеални услови за цветање на корупцијата. Тогаш доаѓаат до израз немањето  морал, немањето чувство за успех на целата држава, себичноста, лакомоста, злобата, грабањето, без обѕир на потребата на болните, на сиромашните и на гладните.

Вкупната сума што и’ ја плаќа светот, како рекет, на светската мафија изнесува 2 600 милијарди долари годишно. (Извор - World Economic Forum)

За споредба - светскиот просек во издвојувањето за образованието изнесува 4,2% од светскиот БДП. Што значи дека на корупцијата годишно одат повеќе пари отколку на образованието на сите деца во светот.

Цел свет го знае ова, но никој не реагира. Тоа значи дека изгледа корупцијата на светот односно на „некои“ во светот им е потребна. „Процентот за мнистерот никогаш нема да умре“!

Илузија е дека моќта на еден поранешен функционер престанува со неговиот мандат. Не, тој останува влијателен и е корисен за други „проекти“ многу често што ги креира неговиот довчерашен смртен политички непријател. Тој е одлично запознаен и навлезен во сите пори и финти и е корисен за сите. Така, тој продолжува да ги полни сопствените бисаѓи за наслесдство за неговите поколенија.

Така се создаваат олигархиите и калсите. Така во Македонија се создаде огромната неправлилна распределба на капиталот – 1% несфатливо богати, 10% супер богати, 10% богати, 60% сиромашни и 19% луѓе што гладуваат.

Последниот државен „проект“ на законско корумпирање на своите граѓани лежи во начинот на вадење лични документи „по брза постапка“.  Државата ги тера сосила граѓаните да се однесуваат коруптивно кон неа, да плаќаат за исмислена брза потапка! Не може ли секоја постапка да биде брза?  Не е ли можно сите граѓани брзо да ја завршат работата? Вака, огромени пари се земаат од скромниот паричен фонд на граѓаните и одат во буџетот, а од таму кој знае каде.

Овој вид корупција може да се смета за ендемски македонски вид кога државата ви дава до знање дека може да ја заврши брзо работата, но таа ја врши бавно, за да платитие за брзата услуга. Отворено, законски државата му нуди на граѓанинот да ја корумпира, таа му се нуди, а од друга страна според законите против корупција, тој што нуди мито е еднакво одговоен и за него има предвидени казнени одредби.

Хаосот што го предизвика имеративот за вадење нови лични документи, поради промената на името на државата, е друга тема, за која се кажаа безброј оправдани критики на име на организацијата на таа работа. Но, да се класифицира постапката на брза и бавна – тоа би го жигосал и Марко Аурелиј кој живеел пред 2000 години и кој, уште тогаш, дал перфектна дефиниција дека најтешка зараза е корупцијата, која во Македонија има системска поставеност. А, штом е нешто системски, тоа е вечно и непобедливо!