Уште точно еден месец е отворен повикот до потенцијалните иноватори, оние кои имаат свој бизнис или инвеститори, да се вклучат во најдолгата 30 часовна бизнис презентација на 90 старт-апи, подвиг со кој би се урнал Гинисовиот рекорд. Презентацијата на бизнис идејата на најдобрите пет идеи може им донесе инвестиција вредна 25 000 евра. 


Организаторите и партнери на настанот се „Networker“, „Monday“ и „Widnet Solutions“. Тие ќе им помогнат на победниците да развијат демо на нивниот продукт, да добијат повратен одговор и можност да ги прилагодат идеите на пазарните потреби. 


Настанот е наменет за секој што сака да има сопствен бизнис. За оние кои имаат идеја, а не знаат како да започне со реализација, немање доволно пари, немање соодветно искуство и пристап до менторство. Паралено, на настанот можат да бидат дел и оние кои веќе имаат свој бизнис и сакаат да го претстават во јавноста. Односно, да се запознаат со потенцијални клиенти. Последно, но, не и помалку важно се инвеститорите кои сакаат да запознаат старт-ап таленти, да ги дознаат трендовите за инвестирање и да ги поддржат младите претприемачи во државата. 
 

Право на учество ќе има секој кој смета дека има иновативна идеја. Без разлика дали веќе почнал со развој на бизнисот. Иноваторите ќе имаат можност од 10 минути презентација пред стручна комисија. Комисијата, пак, брои шест члена и е составена од независни експерти и претприемачи. Откако ќе се изберат најдобрите пет старт-апи, во рок од пет месеци победниците ќе работат на процесот од идеја до реализација со помош на Google Design Sprint работилници. Ова ќе се случува под менторство на компанијата „Networker“, која ќе им помогне на старт-апите да учат од пазарот, да го прилагодат својот бизнис и да го генерираат првиот приход. 
 

Сања Митровска е основач и главен извршен директор на „Networker“. Според неа, покрај досегашните уривања на Гинисовите рекорди во Македонија со пивтии и ора, овој пат, најавува уривање на Гинисовиот рекорд со интелект, со бизнис и иновации. 


„Лично сум среќна бидејќи во „Networker“ дојдовме до следниот заклучок, за кој ни беа потребни три години работа. Потоа, илјадници убиени идеи и повторно изградени со 50-тина дизајн спринтови. Заклучокот е многу едноставен и навидум тажен. А тоа е дека нашата држава има многу инвестициски капитал. Но, не и доволно идеи спремни за инвестиција. Кога ќе кажам спремна за инвестиција, мислам на идеја која има некакво демо и истата е тестирана на потенцијални клиенти надвор од нашите пријатели и роднини. Тажниот дел од приказната е што можеби имате генијална идеја, но, немате доволно средства за истата да ја развиете. Затоа решивме да им пријдеме на старт-апите од друга страна“, вели Митровска.  
 

Настанот под името „Longest pitch marathon“ официјално се лансираше во јавноста на крајот на март. Досега, како што објавија организаторите, половина капацитет веќе е пополнет.