Царинска управа во мај наплати приходи во износ од 177,3 милиони евра ,што е за 7,3 проценти или 12,1 милиони евра повеќе од истиот период лани. Притоа раст на приходите има по секоја основа. Приходите од данок на моторни возила бележат раст од 16,7 проценти, од царина за 22,7 проценти и од акциза за 5,2 проценти.
Растот на приходите како што објaсни директорот на Царинската управа Бобан Николовски на денешната прес - конференција, - се должи на зголемениот пријавен увоз на тутунски производи, каде е забележан раст на приходот од 31 отсто повеќе од лани. Исто така, и зголемената пријава на увоз на автомобили, што резултира со 20 проценти повисоки приходи во однос на минатата година.
Зголемените контроли на увоз на автомобили и предкривичните истраги за сторени кривични дела со употребувани возила што резултираше со 41 кривична пријава поднесена од страна на Секторот за контрола и истраги, и тоа само годинава, го дадоа својот ефект, преку зголемен пријавен увоз на возила и зголемена наплата на приходи по овој основ, истакна Николовски.
Директорот на Царинска управа нагласи дека се исти причините за раст и на кумулативно ниво.
-Од почетокот на годината заклучно со мај, вкупно се наплатени 847,6 милиони евра или 38,6 милиони евра повеќе од истиот период минатата година, при што најголем раст на приходите се забележува пред сѐ од зголемен пријавен увоз на тутунски производи од кои се наплатени 11 милиони евра повеќе од лани, или вкупно 70 милиони евра.
И вториот сегмент кој најмногу влијае на зголемените приходи се од зголемен пријавен увоз на возила, по кој основ се наплатени 82 милиони евра или 8,5 милиони евра повеќе од лани“, образложи Николовски.
Поголемата ефикасност и професионалност на Царинската управа, како што нагласи Николовски е повеќе од видлива. „Ваквите успешни резултати значат побезбедно општество, и секако повеќе пари во Буџетот на државата кои ќе се користат за општа добросостојба на населението, како за изградба на нови училишта, нови градинки, болници, автопатишта, повисоки плати и пензии.“