„Бум“ и „дум“ спаѓаат во видови зборови „извици“, во нашиот речник или жаргон „бум“ обично има позитивен контекст – на нагол успех, на сензација, а „дум“ на удар при паѓање, на тресок на удирање од земја.

Македонија, иако доживеала многу најави за „бум“, како економски, инвестиционен, образовен, инфраструктурен,  пробив до европскиот врв од кој цел свет ќе падне во несвес и ќе не стави на списокот на брзорастечките економии, од ниедна најава не се слушал некаков „бум“, туку само „пуф“ како пукање на балон на отовен простор, од чиј звук никој не се штрекнал.

Но сега, навидум е момент за нов почеток, за нов оптимизан, за нов „бум“, врз основа на ништо! Имено, веќе сме влезени во изборен период и „дум-от“ мора да се претвори во „бум“. Така, како ништо да не било, како да почнуваме од некој исконски прапочеток се најавува голем економски раст со следниве аргументи:  

1.  Дигитална политика! (светот живее во постдигитална  ера, нано технологија, роботика, вештачка интелигенција, а кај нас уште не проработе едношалтерскот систем.)

2.  Иновации во економијата! (според која теорија што не му е позната на светот? Кој е носителот на новата македонска економска наука?)

3.  Усогласување на економскиот потенцијал на земјава со паметни инвестиции! (дали досегашните инвестиции не се паметни, па нели сме регионални лидери во  инвестиции?)

4.  Примена на вештачката интелигенција! (каде?  најголем дел од македонските институции немаат клима уреди?)

5.  Враќање на инвестициите (признание дека сегашните не постојат или нема ефект од нив.)

6.  Улогата на дијаспората во националниот просперитет! (најзначаен придонес на нашата дијаспора се девизните дознаки што ги праќаат нашите сонародници кои се’ повеќе се зголемуваат поради големото иселување,)...

Сите ови сензационални „новости“ беа најавени на годинешниот самит „Македонија 2025“. Беше консатирано дека „напредната и просперитетна држава е делумно постигната:

- Развиена инфраструктура? (на која инфрструктура се мисли, веројатно не на железничката?)

- Сме имале квалитетно образование! (а, никогаш на време немаме учебници, нашите факултети, па ни УКИМ, ги нема ни меѓу првите 2000 на Шангајската листа, нашите млади, според оценката на меѓународните агенции, се меѓу најнеписмените, ако не и најнеписмени во Европа.)

- Добро здравство! (хахаха, да умреш од смеење.) 

- Владеење на правото и неселктивен пристап во борбата со корупцијата! (тоа што од носот ни го удираат сите европски дипломати што не молат да ги направиме според европската рамка за да не’ потурнат преку прагот на ЕУ.)

- Во последнава година економијата била стабилизирана и веќе се гледале резултати на подобар живот на граѓаните. „Но, луѓето биле нестрпливи и не било можно проблемите да се решат сега и веднаш“!? (Па кога, ако не сега? Ние сме дамнешните идни генерации за кои се кроеше убавата иднина, а веќе остаревме. На кои генерации сега се цели?) 

- „Македонија ПОВТОРНО ќе била реформски лидер!“ (Дали некој пемти кога била реформски лидер во нешто позитивно, во негативно – да: криминал, корупција, лоши патишта, некултура, жртви во сообраќајот, масовни трагедии, загаденост на земјата, на воздухот и на водите...) 

- Инвестирање во коридорите 8, 10 и 11, ќе донело многу профит за македонската економија! ( Кога? Во овој мандат сигурно не!)

Сето ова звучи како здодевен црцор на штурците по зајдисонце што тера на дремка, а кога ќе се разбудиш, една голема празнина и жал за младоста. Цел живот го слушаш, ама пак ти е пријатен за слушање, како рефрените за Чебрен-Галиште, Брод-Гнеотино, автопатот за Охрид, а најмногу за покачувањето на животниот стандард, сега, само што не дошол!  Еве го, чука на врата! Како можноста Македонија да испрати свој космонаут во некој од вселенските бродови на Илон Маск.

Се’ така некои фантазмагории за иднината, а никој не ја спомнува сегашноста – цените и кондицијата на примањата.  

Само аматер може да ветува таков раст, најголем во Европа, во време во кое носителот на растот го нема – населението! Нема раст без работна сила! Сите сме сведоци дека не може да се најде работник, дека невработеноста е намалена поради иселувањето, а не поради зголемениот број работни места. Инвестициите - најниски во регионов.

Впрочем, високит раст е карактеристичен за нискоразвиените земји, дали има некој паметен што ќе поверува дека македонскиот раст на економијата може да биде поголем од Швајцарскиот, од Герамнскиот, од Францускиот? Може, ама само во бројки, во зависност од споредбената основа, на пример: во една македонска фарма имало 2 крави, газдата купил уште 2 = 4, па тоа е раст од 100 проценти, во Швајцарија некој имал 2 илјади крави и купил уште 200, тоа е раст од 10 проценти, ете така се формираат високите проценти во неразвиеите економии, така се лажат лесноверните за некаков економки бум. Никој не сфаќа дека секоја бројка има своја заднина, бројките се само бројки, но секоја бројка има своја генеза.

Со оглед на состојбата на европскиот терен и на актуелните светски трговски односи, нарачките се намалуваат, а ние се фалиме дека тоа нам ништо не ни може, па и им пркосиме на проценките на Бретонвудските близнаци (ММФ и СБ) со надеж дека ќе ги изиграме нивните проценки за нашиот економскиот раст, божем сега ќе извадиме некој скриен адут од ракавот што не го знаат тие или што не и е познат на економската наука. Имено, ММФ  во последниот извештај ја изнесе проценката за растот на македонската економија за оваа и за идната година на 3,2 проценти. Но, нашата политичка проценка ја ревидира проценкаа на ММФ и тврди дека растот ќе биде 4 проценти, божем е некоја голема разлика, но, со оглед на сите показатели и сегашната позиција на македонската економија во однос на потенцијалниот домешен бруто прозивод, сепак е лажно ветување.  

Пред избор сме на нов гувернер на МБРМ. На листата на кандидатите доминираат имиња многу блиски до сегашната власт или до нејзината политичка матрица. Од тоа „мнозинство“ сигурно ќе биде избран новиот гувернер. Самиот избор на партиски гувернер ја губи довербата на независна монетарна политика. Ако веќе се посега со  политички лостови кон независноста на Македонската централна банка, многу е можно албанските партии да пројават интерес за рамноправна етничка застапеност и на гувернерската позиција, па многу е можно да се постави прашањето за уште една централна банка, како што беше со МАНУ. Ако владејачката политичка група има намера и ако ја одземе независноста и ја преземе контролата врз  Централната банка, а кон тоа оди работата, има опасност да предизвика голем „дум“ не само на економски план, туку и на демократски и во очите на Европа од која ние бегаме со недеж и со желба таа да се распадне. А што ако не се распадне?