Компанијата за обука, тренинг и консалтинг „Талент Бизнис Инкубатор Step-up“ се состои од искусни професионалци од областа на управување со развој на луѓе, млади таленти и управување со човечки ресурси. Основач на компанијата е Дарко Петровски, дипломиран машински инженер и магистер по деловна администрација на Факултетот за економија во Љубљана.
Идејата за бизнис инкубаторот за започнал во 2016-та година со основна цел да им помогне на македонските компании во привлекување на таленти и нивен развој. Во текот на изминатите 6 години, компанијата го развива нивното портфолио континуирано.
Главен фокус, како што вели Петровски се луѓето во компаниите, да им помогнат во организацијата, да се зацврстат внатрешните капацитети во менаџирањето на процесите и во зајакнувањето на своите човечки ресурси.
„Развивањето на своите бизнис процеси во компаниите го правиме преку различни софтвери кои се во делот на работа со луѓе. Посебна услуга која ја воведуваме сега и е интересна за новите компании, пред се стартапи, кои заради својата големина не можат да изградат внатрешни ресурси кај себе е за менаџирање на луѓето. Вие ги добивате сите услуги од областа на организацискиот менаџмент. Тоа не се големи издатоци, знаеме колку е тешко за стартапи да обезбедат и пари во нивниот развој. Од таа причина воведовме нова услуга и за младите претприемачи“, објаснува Петровски.
„Step-up“ врши и препознавање на таленти, нивно привлекување на одредени позиции, селекција, проценка на кандидатите. Компанијата работи и на кариерно советување на сите млади луѓе кои не знаат во која насока да ја развојат кариерата. Воедно, им помага на работодавачите во градењето на плановите во организцијата, давајќи надворешна поддршка за креирањето на кариерниот развој. И не помалку важно, градењето на брендот на работодавачот по кој се препознаени на пазарот.

„Работиме тренинг програми со вработени во компаниите за личен развој. Тука спаѓаат деловните и меките вештини. Силна страна ни е менторирањето и учењето на сопствениците на компаниите. Имаме развиена програма за развој на деловните вештини, работиме преку работилници и работиме и отворени обуки. Го опфаќаме делот за комуникациски вештини, претприемачки вештини и критичко размислување, потоа за деловен развој, подготовка на кандидати за нивни апликации за интервјуа, како и тимската работа“, вели Петровски.
Програми за стипендирање и практиканство
Компанијата има развиено и продукти кои досега покажале голема успешност. Се работи за програми за стипендирање и практиканство. Присутни се на саеми и на факултетите каде ги презентираат програмите за практиканска работа, во делот на селекција на кандидатите за нивните клиенти.
„Имаме 4 генерации на таленти кои поминаа на оваа програма, Веќе имаме студенти кои се дел од комапниите кои ги стипендираат. Стипендиите ги обезбедуваат самите компании. Регрутацијата на самите таленти го правиме ние, преку самостојно развиена методологија за избор и селекција по одредени критериуми, кои сметаме дека се релеванти. Сето искуство досега имаме извонреден успех. Најприсутни сме на техничките универзитети. Но, програмата е адаптирана за секоја област. Не само што студентите добиваат финансиска поддршка во процесот на студирање, тоа што е позитивно е што самите таленти поминуваат низ процес на обуки и работилници каде работиме на деловни и практични вештини. Паралелно со тоа имаме и менторирање од самите комапнии и нашата страна што е од голема помош за учесниците во програмата“, објаснува Петровски.
Стипендистите секоја година нивната практична работа ја реализираат кај самата компанија и на тој начин имаат можност да ги совладаат работните процеси во компанијата и да ги запознаат луѓето. По завршувањето на програмата за стипендирање, веднаш може да влезат во процесот на работа.
Она што го сподели како новитет за компанијата, е што како стартап успеале да развијат и програма за превенција на дефекти во делот на енергетиката. Документирано и во рана фаза ги утврдуваат понтецијалните дефекти. Во последно време им пристигнуваат и барања во областа на фотоволтаичните електрани, каде ги детектираме дефектите и ги спречуваат штетите кои можат да настанат поради тоа што одредени панели се неисправни.