Цените на градежните материјали се највисоки во последниве 20 години. Гадежниците се во паника од новите цени на градежните материјали. Тие велат дека сега над нив виси нова опасност од застој на градежната идустрија поради неможноста инвеститорите да ја платат таа нова цена на производите што лежат по градежните плацеви.
Цените на градежните материјали се највисоки во последниве 20 години
„Како резултат на глобалните движења во индустријата, состојбата на снабдување со суровини за производство во моментов е многу тешка и некои суровини можат да се набават само по многу високи цени, вели за Анторис Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија, член на Управниот Одбор на ГД Гранит АД Скопје.
- Градежните материјали се драстично поскапени на пазарот. Што е причината?
-Производството на градежни материјали (од челик до дрвена граѓа) беше сериозно погодено од почетокот на пандемијата, при што одредени производни капацитети беа во целосен прекин, а други се соочија со значително намалување на нарачките од деловните партнери. По повторното отворање на економиите, компаниите се трудат да го достигнат нивото пред пандемијата и се соочуваат со предизвици, обидувајќи се да одговорат на зголемената глобална побарувачка. Зголемените трошоци за репроматеријали на светските берзи и проблемите при транспортот во глобалните синџири за снабдување предизвикаа раст на цените на градежните производи.
Антикризни мерки за поддршка на градежништвото
- Дали тоа ќе се одрази на градежната динамика?
-Како резултат на глобалните движења во индустријата, состојбата на снабдување со суровини за производство во моментов е многу тешка и некои суровини можат да се набават само по многу високи цени. Поскапувањата на производите директно влијаат врз исплатливоста на реализацијата на проектите што се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба. Особено во доменот на јавните набавки, каде што се случува одредени договори да се склучени пред пет и повеќе години, а денес да се изведуваат според цените што важале во моментот на склучување на тие договори. Поради тоа, со оглед на тоа што градежниците се обидуваат да ги почитуваат роковите и да ја одржат динамиката на реализација на проектите, Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите веќе побара сет антикризни мерки за поддршка на градежништвото. Очекува дека надлежните институции ќе ја препознаат важноста да одговорат на барањата на секторот кој е од витално значење за домашната економија.

Времето на испорака е значително зголемено кај сите добавувачи
- Што се предвидува за движењето на цените во блиска иднина?
-Градежните компании се надеваат на стабилизирање на состојбите. Меѓутоа зголемувањето на цените е особено изразено во последните месеци и сè уште не се гледа крај на поскапувањата. Истовремено, времето на испорака е значително зголемено кај сите добавувачи.
Овие чести и непредвидливи промени во понудата на репроматеријали директно влијаат врз производствените трошоци. Иако производителите во нашата држава преземаат мерки што се во нивна моќ да ги амортизираат поскапувањата, неизбежно е зголемувањето на цените на одредени градежни производи. На пример, според нашите анализи во периодот 03/2020 – 03/2021 цената на челичните профили и цевки пораснала за 33 %; во периодот 03/2021 – 06/2021 за дополнителни 33 %, а до крајот на годината покачувањето, според најавените движења, се очекува да достигне и до 95 %.
Очекувањата, се дека поскапувањата од почетокот на пандемијата до крајот на 2021 година кај отплатата ќе достигнат до 55 %, кај геокомпозитот до 57,5 %, кај термоизолацијата ESP до 61,3 %, кај заштитните премази до 44 %, кај полимер-битуменот за асфалт до 47 %, а кај металните профили до 52 %.
- Дали треба да се почека со градба, што не е едноставна одлука?
-Цените на градежните производи и на работната рака според компаниите упатуваат дека во моментот е најскапо да се гради анализирано во последните дваесетина години.
Бране Стефановски