Најавеното повеќекратно намалување на цените на катастарските услуги кое треба да стартува од септември, а кои претходната власт во февруари ги зголеми дури за 300 насто, е уште еден обид на актуелната власт за олеснување на граѓанските давачки кон државата со што ќе се заштити и нивниот стандард. Според граѓаните, иако катастарските услуги не се услуги од секојдневна нужност, сепак нивното вреднување по некои пристојни цени и тоа како е важно за скромниот македонски семеен буџет.

 

Инаку, како што веќе е познато, премиерот вчера најави враќање на стариот Тарифник за катастарски услуги, односно како што беше до февруари годинава кога Агенцијата одлучи да ги поскапи своите услуги дури за 300 насто. Сега, уписот на стан и сите придружни елементи, како квадратура, земјиште, заеднички простории, гаражи ќе се врши одеднаш и тоа ќе чини 1250 денари. Во последниве седум месеци за овие услуги граѓаните плаќаа најмалку по 3.750 денари. Оваа промена ќе се однесува и на наследство и подарок, со дополнителни попусти за купување на повеќе недвижнини.

Со ова поевтинување се очекува дека повеќе од еден милион евра ќе останат во џебовите од граѓаните, потоа ќе се забрза процедурата за добивањето на овие документи, а ќе им се стави крај и на корупцијата и криминалот во овој сектор

Со доаѓањето на новото раководство, Катастарот исто така сведочи на забрзано решавање на предмети кои претходно биле заглавени. Од 5.500 предмети, веќе се завршени 2.200, а се очекува дека остатокот ќе биде решен до крајот на месецот.

Оваа ефикасност е дел од поголемите реформи кои целат да ја искоренат корупцијата во институцијата, како што нагласи премиерот.

И според експертите за недвижности овие промени се значајни не само за намалување на трошоците за граѓаните, туку и за подобрување на транспарентноста и ефикасноста во работењето на катастарот.

„Намалувањето на цените и оптимизацијата на процесите се клучни чекори кон модернизација на системот за недвижности и создавање на поповолна клима за инвестиции“, објаснуваат експертите.

Со овие реформи, катастарот се стреми кон поголема отчетност и интегритет, што ќе придонесе кон зголемување на довербата на граѓаните во институциите.