Финансиските пазари повеќе не се исти. И додека сите сè уште сме клиенти на традиционалните банки, сè повеќе почнуваме да користиме други платформи за нашите финансиски потреби. PayPal се користи долго време, плаќаме преку  телефонски апликации на Apple Store или Google Play, а нашите современици во земјите на ЕУ и повеќето земји на глобално ниво имаат пристап до уште поголем број сервиси кои, за жал, кај нас сè уште не се достапни, пред се  поради регулативата и познатиот закон за девизно работење.

Бидејќи големите технолошки компании преземаат сè повеќе сегменти од услугите за нашите потреби, прашањето што овде се поставува е дали големите технолошки компании ќе станат наши банки?

И додека индустриските или технолошките револуции го достигнаа 5.0 стадиум, банкарството и финансиите влегуваат во Banking 2.0. Очигледно е дека големите технолошки компании во своите стратешки планови  се подготвуваат да ја преземат оваа банкарска револуција во нивните P&L извештаи.

Се поголеми вложувања

Извештајот на CB Insight покажува дека вкупните инвестиции на големите технолошки компании во финтек компании минатата година биле околу 2,2 милијарди долари само во Америка, додека само во првиот квартал од оваа година вкупните инвестиции на средствата во финтек компаниите биле на ниво на 22,8 милијарди долари, што е речиси 100 постотен раст од квартал во квартал. Расте трендот на инвестирање во финтек компании. Причините лежат главно во примената на API кои го направија многу лесно интегрирањето на финансиските услуги во кој било производ што се нуди во дигиталниот свет. Дополнително на ова, очигледно е дека големите технолошки компании сакаат да ги искористат своите економии во обем и нивната огромна база на корисници и податоци за нив за да им понудат и финансиски производи кои најмногу им одговараат.

Facebook, Amazon, Apple

Facebook одамна воведе неколку начини на плаќање преку своите апликации Messenger, Instagram и Whatsup и на тој начин стратешки се фокусираше на финансиски услуги и формирање на посебен Facebook Financial сегмент којшто треба да развие стратегија за плаќање на нивните платформи. Во меѓувреме, Facebook Pay и P2P трансфер на пари беа лансирани во Индија и Бразил, каде WhatsApp е најзастапен.

На пример, Амазон ја лансираше услугата Amazon Pay во Индија, а потоа и Amazon wallet. Исто така, во партнерство со ICICI Bank ја лансираше својата кредитна картичка и со тоа влезе во сегментот на осигурување и можноста за тргување со злато.

Третиот гигант кој се движи во насока на дигитални плаќања е Apple. Apple Pay е одамна достапен, а со купувањето на Mobeewave се движи во насока на овозможување плаќања само со допирање на два телефони со помош на едноставна NFC технологија.

Проценките се дека потенцијалот за е-трговија на Facebook и Instagram е над 30 милијарди долари, а овие платформи својот понатамошен развој го засноваат на обезбедување финансиски услуги за своите корисници без да ја напуштат апликацијата.

Google

Google исто така се впушти во е-трговија преку партнерство со платформата Shopify преку која ќе нуди производи директно на своите платформи како што се Maps, Youtube, Search. За да ја комплетира улугата, Google лансира алатка за вештачка интелигенција (Shopping Graph) која собира информации од веб, блогови, видеа, податоци за производите со цел да ги обезбеди сите релевантни информации за своите купувачи.

Овие примери јасно покажуваат дека големите технолошки компании сакаат да ги комбинираат своите кориснички бази, е-трговија и финансиски услуги за да го зголемат својот профит и да ги искористат предностите на економиите во обем што го имаат.

Порано Амазон беше една мала онлајн книжарница со скромни приходи и негативен финансиски резултат. Можеше ли некој да претпостави каде ќе биде денес? Кога се знае дека Амазон е веќе присутен на финансискиот пазар преку депозити, кредитни картички, заеми, осигурување, а веќе има сервис за кредитирање на мали и средни компании. Чекор од кој може да се заклучи дека полека но сигурно се движи кон формирање на сопствена банка. И други технолошки компании го најдоа својот пат до банкарството преку партнерства. Преку партнерства со Visa и Western Union, Google влезе на пазарот на дознаки од 470 милијарди долари. Се очекува до крајот на оваа година преку Google да може да се испраќаат пари во над 200 земји во светот.

Кој е вишок

Apple ја лансираше услугата Apple Card Fammily, која им овозможува на повеќе членови на семејството да имаат заедничка Apple Card, а Facebook се подготвува да лансира сопствена криптовалута.

Значи очигледно е дека големите технолошки гиганти влегуваат на финансискиот пазар или преку своите производи или во партнерство со традиционални финансиски институции. Засега овие партнерства се заемно корисни, но прашање на денот е кога банките и финансиските институции ќе станат вишок, а тие денови се се поблиску бидејќи банкарството станува се подигитално. Можеме да се очекува дека технолошките гиганти нема да попуштат под притисокот и дека традиционалните банки се дефинитивно загрозени. Либерализацијата на регулативата и отворените банкарски стандарди само уште повеќе ќе ја забрзаат оваа трансформација. Останува да видиме како традиционалните банки ќе одговорат на ова прашање што им тропа на врата.

 Марко Марковиќ, партнер на Egzakt Advisory (Bonitet)