Во неделата во која го одбележавме денот на нашиот македонски јазик (5-ти мај), и во месецот кога го славиме Денот на сесловенските просветители – Свети Кирил и Свети Методиј (24-ти мај), со Дарко Гавровски разговаравме за неговото најново дело „Тетовскиот говор“, која на 26-ти мај ќе биде промовирана во Белград, но и за дузина активности кои тој со децении наназад ги прави во чест на неговиот роден град Тетово...

Кога некому што не те познава и не следи она што го имаш направено би требало да те претставам, би му кажал дека си човек кој е бескрајно фасциниран од својот град Тетово. Од каде таа фасцинација?

- Љубовта кон своето родно место и корените секогаш е најискрената љубов. Фасциниран сум од минливоста на животот и живеењето на моите предци по истиве овие сокачиња и калдрми по кои чекориме денес и ние. По потекло сум од стара градска тетовска фамилија и од страната на мојот тако и од страната на мојата мајка и сметам дека мојот труд е само оддолжување на генерациите кои биле овде пред нас. Велат „каменот е најтежок кај што му е местото“. Тоа мое место е Тетово кое и со мани и предности, сепак оставено ни е во аманет да го чуваме.


Во моментов е актуелна твојата книга „Тетовскиот говор“, која за кратко време постигна неверојатен успех. Од каде идеја да се нафатиш за таква, обемна работа?

- Во јануари од печат излезе мојата втора книга „Тетовскиот Говор – Енциклопедиски речник и граматика на тетовскиот градски говор со историски и етнолошки осврти“ во репрезентативно и луксузно издание во боја на 650 страници, со детална граматика, со 9169 одредници (зборови) во речникот. Одредниците се со толкување, етимологија, фреквенција на користење во последниве 100 години, но и со историски или етнолошки осврт поврзани со секој збор. Богата е со слики, мапи, графикони, табели и врамени текстови.

Книгата е многу повеќе од лексикон за тетовскиот говор. Таа е бескрајно патување во историјата на твојот град. Зошто е Тетово толку посебно место?

- Како што споменавте, книгата е повеќе од лексикон. Работено е на неа 22 години од мои 44 или скоро половина мој живот. Навлезено е во неверојатна прецизност и водено е сметка за сите детали, слики, дизајн на книгата. Така е кога се работи од ќеиф и со мерак.

Тетово ја заслужи оваа книга, за да се обели образот како место на конфликти и лоши вести. Тетово има богата историја со која се гордее и која читателите на оваа книга може да ја забележат на секоја една страница во неа.


Претходната твоја книга, „Тетовски древности“, исто така доживеа голем успех и беше вовед во ова што сега се случува со Тетовскиот говор. Што е следно?

- Мојата прва книга од 2009 беше „Тетовски древности – Полог од праисторијата до 7 век н.е., со посебен осврт на тетовскиот крај“. Таа исто така е луксузно издание во боја, на 220 страници со над 400 фусноти и 600 книги цитирана библиографија, фотографии, мапи. Во неа, за првпат се преставени сите истражувања дотогаш објавени за Праисторијата и Антиката на тетовскиот крај, со сите археолошки наоѓалишта, племиња кои живееле тука, артефакти.

Имаш ли информација кои се луѓето кои пројавија интерес за „Тетовскиот говор“? Дали се тоа тетовчани, расеани по светот, или...?

- Моментално оваа книга е буквално бестселер за македонски услови, со продадени 1300 примероци за само 4 месеци, што е сигурно една од најпродавани книги во Македонија со оваа тематика од 1945 до денес.

Лично, бев затечен од огромниот интерес. Овие 4 месеци масовно тие кои ја купуваа, споделуваа слики гордо истакнувајќи дека и тие ја имаат, а оставаа и фантастични критики за истата. Доаѓаа луѓе кај мене да ја бараат книгата, велејќи „имам 2 деца кои ми се во странство и сакам 2 книги за да им ги оставам во наследство“. Ја купуваа луѓе како наследство, аманет и вреден имот кој треба да се остави во наследство. Ми се јавуваа тетовчани иселени во други градови низ Македонија, кои по читањето велеа дека плачеле на многу зборови кои не ги чуле уште од нивните баби. Или тетовчанка мажена во Струмица која ми рече дека ја чува секој ден блиску до себе и плаче со неа зашто ја потсетува на зборувањето на нејзиниот покоен татко.

Не верувам дека постоела друга книга досега која била поемотивно примена од публиката. Тетовчани особено беа трогнати. Кога мислеа дека сите дигнаа раце од Тетово – ете им го целиот спомен за Тетово и нивните предци во една книга.

Впечатливо е што ја купуваат многу читатели и од другите градови низ Македонија, кои немаат корени од Тетово, но кои се вљубеници во дијалектите, етнологијата и обичаите и локалните истории. Навистина многу книги испратив и по пошта во странство.

На 26 мај оваа година веќе имам добиено покана од Здружението на Македонци во Белград „Македониум“ по повод Деновите на македонската култура, тој ден да биде посветен на промоција на мојата книга во Белград, Србија.

Песната „Ја го љубим Тетоо“ (Јас го љубам Тетово), која ја испеа пред повеќе од една деценија, се уште е хит кај твоите сограѓани. Како хроничар на градот, кои се твоите најмили тетовски песни, за кои пошироката јавност не знае дека се тетовски?

- Песната „Ја го љубим Тетоо“ е прва песна за Тетово, ама на тетовски говор. Текстот, музиката и изведбата е од мене, а ја промовирав на 19 ноември 2010 како „роденденски подарок“ од мене за мојот град на денот на ослободување на Тетово. Еве веќе 11-та година е вистински хит меѓу тетовчани. Ја пеат на свадби и испраќања во странство, ја пеат деца во училиште, ја пеат на забави, ја имаат многу тетовчани како ринг-тон на своите мобилни.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=cDLFlmF8YcY[/embed]

Тетово е познато по свои староградски песни. Забележани се над 1000 тетовски песни во стари книги, но за жал голем дел од нив без зачувана мелодија и не се мелографирани. Оние тетовски песни кои мене ми се најмили за слушање се „Шеќерино малој моме“, „Сва ноќ ми биљбиљ пропеа“, „Биљбиљ пое у планина“, „Магла паднала“...  Зад сите нив се крие приказна за вистински луѓе и настани. Кога тие приказни се знаат, тогаш тоа не се песни за мене, туку расказ кој се пее...

Колку се Тетовчани, во глобала, горди на својот град? Верувам дека си со нив во постојан контакт, преку социјалните мрежи кои ги имаш активирано?!

- Тетовчани се трудољубив народ, внимаваат на образот и честа пред луѓе, домаќини се и водат сметка за тоа што останува зад нивното име. Весели, духовити и секогаш ценети во друштво со луѓе од други градови. Голем дел од старите тетовчани од различни причини го напуштиле својот град. Но и оние кои се останати и другите, се многу  горди на Тетово и своето минато. Имаат и зошто, знаејќи дека Тетово бил отсекогаш еснафски град со многу занаетчии, трговци, богати чаршии, над 30 различни хорови во последните 100 години, најстариот фудбалски клуб „Љуботен“ од 1919, роднен крај на композиторот Тодор Скалоски, режисерот Бранко Гапо, на врвни глумци, оперски пејачи, сликари, професори и академски граѓани кои ја обележале македонската историја.

Јас, секојдневно ги промовирам тетовските вредности на мојата Фејсбук групата „Го љубим Тетоо“ која е најстара за Тетово од 2009 и најголема со 10.000 членови, како и на мојата интернет страна исто уште од 2009 „Тајните ан Тетово“ на www.gavro.com.mk.

Те следи ли некој од другите македонски градови во твојата мисија, со желба да го направи истото за својот град?

- Со книгата „Тетовскиот говор“  за навек е овековечен еден од најубавите македонски говори и засега е најдетална и најлуксузна енциклопедија посветена на било кој говор од македонскиот дијалектолошки ареал. Граматиките на другите говори се опфатени, но ретко има и речници кои ја покриваат лексиката на другите говори.

Оваа книга веќе ја купија многу локални историчари од други градови и се надевам дека истата ќе преставува терк по која ќе се направат вакви дела и за останатите македонски говори. Засега Тетово со „Тетовскиот говор“ е прво вакво сеопфатно дело во Македонија. Останува ентузијасти од други градови да побрзаат да ги впишат зборовите од нивните говори додека се уште има доволно стари луѓе кои ќе бидат извор за истото. Во спротивно тие говори ќе останат само со сегашниот новоговор.

Што прави друго Дарко Гавро, кога не истражува за Тетово, не снима песна или пишува книга?

- Јас сум дипломиран правник. Последните 10 години работам како Осигурителен брокер. Сепак, за мене семејството секогаш е на прво место. Восхитен како историчар од минливоста на времето, јас го ценам секој миг поминат со мојот син Давид и сопругата Даниела. А набрзо, со господ напред, чекаме и уште 2 сина, близнаци. Сите ние за некого утре, ќе бидеме исто само историја. Се трудам мојата историја да ја поминам денеска што е можно посодржајно за да имаат тие што ќе останат по нас на што да се сетат. Сеќавањата и спомените се се. Колекционер сум на 2 работи: податоци за Тетово и спомени со фамилијата.


Постојат ли идеи за нови дела врзани за градот, или се е веќе кажано и напишано во твоите книги?

- Локалната историја е неисцрпен извор за истражување. Веќе подготвувам второ дополнето издание на „Тетовскиот говор“ и второ издание на веќе распродаденото „Тетовски древности“, заради побарувачката кај читателите. Во мојот комјутер имам близу 3000 страници необјавен материјал кој треба да се среди за нови книги. Планирам книги за тетовското средновековие како и османлискиот период, а предизвик ми е и книга за историјата на тетовските села. Вљубеноста во историјата на својот град е пасија и „вирус“ кој не поминува лесно. Тие проекти бараат време, посветеност и многу финансии, но меракот е поголем од се. Сепак се работи за „мое Тетоо, најубоо на свет“.