Овој петок (30-ти јули), овогодишното 42. издание на „Скопско лето“ ќе се затвори со концерт насловен „Вода“, зад кој стои македонскиот музичар Давор Јордановски, кој гради успешна кариера во Канада и во целиот свет, и неговите соработници: Алек Секуловски – тапани, Огнен Георгиевски – електричен бас, Оливер Јосифовски – контрабас, Сања Шуплевска – Виолина, Орце Зафировски – фагот, Александар Јовевски – Кавал, тамбура. Специјални гости се Љубојна и Васил Гарванлиев.

Музиката на „Вода“ е вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии со џез, фанк, класични и рок стилови, а концертот кој ќе се одржи во Куршумли ан со почеток во 21 часот претставува негова концертна премиера.


- По речиси цела деценија откако е создадена, „Вода“ конечно концертно во Скопје. Радоста е голема што, макар и во вакви, пандемиски услови, успеавме да смогнеме сили и со помош на Министерството за култура и „Скопско лето“ успеавме да ја донесеме „Вода“ во Македонија, изјави Јордановски за Анторис.

Познатиот пијанист, композитор и продуцент, Давор Јордановски, кој деновиве освои престижната Marty Award за најдобар инструменталист, и неговата група „Вода“, го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Покрај разновидноста во инструментацијата и интелегентно распоредените ритмички варијации, музиката на „Вода“ се одликува и со динамична и течна инструментација и звук. „Вода“ се храни од својата околина и зазема форма во контекстот на она што се изведува, отелотворувајќи, истовремено, спокој, чистота, промена, моќ и бес - исто како и самата вода.


Давор е роден и пораснал во Македонија, живее во Канада, а поминал и неколку години во Либија, како дете. Впечатоците од живеењето во таа култура останауваат со него додека расте во неговиот роден град Скопје, каде е под влијание на музиката од Балканот и Европа. Во Канада, синтезата на музичките култури во музиката на Давор еволуира во уникатен стил, „world fusion“ што успешно обединува бесконечен спектар на разновидни звуци, инструменти, аранжмани и чувства. Давор своето класично музичко образование го продолжува и надградува со истражување на разни музчики стилови, како поп, џез, R&B, музика за филм, jazz fusion, амбиентална, како и музика за симфониски оркестар.