На јубилејната прослава, со пригодна програма и свечена академија, беше истакнат квалитетот на долгогодишниот образовен процес од еден век.

Училиштето беше истакнато и како место на најубави спомени за детски творби, спортски игри, воспитување и општествена социјализација на многу генерации.

На празнувањето му се придружија и Агенцијата „Елита“ од Скопје и Ѓорги Чачкиров, сообраќаен инженер – професионален пилот во пензија, наставник по моделарство, како и инструктор и испитувач за основната обука на пилоти. Агенцијата и Чачкиров на училиштето му подарија 100 книги, со насловите „Со малку труд многу радости“ и „Како летаат авионите“, чиј автор е самиот Чачкиров.

По завршувањето на зимскиот распуст, ООУ „Св. Климент Охридски“ организира едукативна работилница под наслов „Направи сам“, со активно учество на ученици од шестото одделение. Тие изработуваа макети на објекти, според книгата и непосредните насоки на нејзиниот автор и гостин. Учениците пројавија голем интерес за тоа што им го презентира Чачкиров, поставувајќи му прашања и добивајќи одговори за неговата професионална пилотска кариера, за погледот од авион над градот Скопје и над останатите региони, за неговите моделарски почетоци во основното училиште, како и за неговите спортски достигнувања на тоа поле. Едночасовната работилница заврши со презентирање и разгледување на изработените макети и во духот на насловот на подарените книги - „Со малку труд - многу радости“.

За непосредната организација и реализација на оваа едукативна работилница во училишните простории се погрижија Наташа Старделова, библиотекар, наставничката по техничко образование и Валентина Терзиева, со целосна поддршка на директорката на училиштето, Елена Симоновска. Тие, во име на ООУ „Св. Климент Охридски“, му доделија посебна благодарница на гостинот, г. Ѓорги Чачкиров, со желба за натамошна едукативна соработка.