Дегустација на вина од македонски семејни винарии, секој четврток во јуни за љубителите на вино во THE HOUSE food&wine restaurant. Приказната за винска дегустација е иницијатива на Независна угостителска комора за промоција и поддршка на вината од малите семејни винарии и можноста гостите и угостителите да се запознаат со квалитетот, вкусот и понудата на истите.

 

Дегустација на вина од македонски семејни винарии

Вински традиционални вкусови

Тамара Накова, менаџер за винските настани за дегустација на вината од мали семејни винарии, а воедно и носител на концептот и идејата за промоција и запознавање на овие вина, вели: „Се започна по изјавата на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, кој неодамна најави дека оваа година семејните винарии ќе бидат основа на туризмот во Македонија. Тој повика на подготовки во овој сектор, затоа што очекуваат дека винскиот туризам ќе има енормен подем.

Семејните винарии ќе бидат основа на туризмот во Македонија

Имајќи ја во предвид оваа најава од една страна, а од друга, како угостителски сектор согледавме дека во земјава цело време се фаворизираат големите винарии, а малите се некако подзаборавени. Оваа вистина е поткрепена со актуелната состојба во која се наоѓаат малите семејни винарии. Тие, немаат моќ самостојно да излезат на пазарот, да бидат присутни во угостителскиот сектор, да се промовираат на начини како што тоа го прават бренд-винариите. Пред се поради капацитетите кои ги имаат и специфичните услови за работа.

Факт е дека дел од овие семејни винарии се организирани во некое нивно здружение и имаат одреден начин на делување. Но, тоа ни од далеку не е доволно за тие да бидат застапени во угостителството и угостителските објекти во земјава.“

Согледувајќи ги овие факти НУК ја иницираше приказната за дегустација на вината од македонските семејни винарии. Односно, како што вели нашата соговорничка, -идејата беше да им помогнеме на бизнисите кои се зависни од угостителската индустрија, а кои како сектор на мали производители беа многу погодени од пандемската криза.

-Затоа одлучивме поддршката на  македонските семејни винарии да ја реализираме во локалот каде е сместена и нашата Комора. И така основната дејност на  THE HOUSE food&wine restaurant е да биде место каде луѓето ќе можат да консумираат традиционална македонска храна- сирења, кашкавали, сувомеснати производи во комбинација со локални вина. А, за тоа во моментот ги одбравме малите семејни винарии заради разновидноста и спецификата под која се произведуваат.

Регистар и на вината од малите винарии

Во Македонија во последните две години според регистарот од Министерство за земјоделство како добавувачи во угостителството официјално се регистрирани околу 40 мали семејни винарии кои произведуваат по неколку сорти вина.  Моментно на пазарот се достапни преку 150 видови на вино од овие семејни винарии. Но, малкумина од угостителската фела и љубителите на вино го знаат ова.

Според досегашното искуство во угостителските објекти гостите најчесто нарачуваат вина од познати брендови на вино. А, од Македонија најбарани се вината на Тиквеш, Стоби, Бовин, Камник, Попова кула. Другите винарии се речиси непознати.

Практично, целта на Комората е преку организација на дегустација на вината во локалот каде е сместена да им излезе во пресрет на малите семејни винарии. Дегустацијата се реализира во текот на овој месец, секој четврток со цел гостите и претставници на угостителите да ги запознаат вкусовите што тие ги нудат. Воедно да им овозможи во иднина да вршат снабдување на вина од повеќе винарии на едно место. Со оглед дека секоја од тие винарии има своја приказна повеќето од нив може се раскажани или не, ама не се групирани и се уште се непознати за јавноста.

И во утрешниот и во наредните настани за дегустација во принцип ќе се вкусат околу 20 различни вина. Крајната цел е во текот на овој месец преку настаните за дегустацијата да ги презентираме сите мали винарии. Да се  попишат и секоја да ја пренесе својата приказна.

Комората со регистарот што го презеде од Министерството за земјоделство, има намера покрај регистрација на винарии да направи и регистар и попис на вината од семејните винарии.

 

Што значи дегустација, а што консумација за да гостите не се најдат затечени -Кога имате тикет за дегустација, вината се дегустираат и тоа од неколку различни видови. Но, кога сакате да консумирате вино од еден вид во поголемо количество тоа не е влезено во дегустација. Целта на дегустацијата е да се пробаат и запознаат што повеќе видови на вино.

Секој четврток во јуни дегустација на нови вина

Дегустацијата што ја започна Комората како презентација е всушност интересна приказна, раскажува Тамара Накова. Тоа го потврдува и првиот настан кој  како пилот-проект, со помалку маркетинг имаше одличен одзив меѓу винариите. „Присуствуваа 10-ина винарии со 22 различни етикети на вина и околу 60 гости кои ги дегустираа.

„Во принцип на една дегустација предвидени се да бидат изложени 20 –до 25 етикети заради запазување на протоколите и условите и капацитетот на угостителскиот објект.“ вели Тамара.

Поддршката што ја спроведува комората е наменета за малите семејни винарии кои се регистрирани како поединци со мали капацитети. Крајната цел е гостите да ги запознаваат вината кои немаат можност да ги набават во слободна продажба. Ќе се обидеме во иднина покрај можноста за дегустација да има и онлајн набавка на  изложените вина.

Нашиот концепт е во насока на запознавање на туристите со сите 150 видови вина од семејните винарии на едно место. Идејата е туристите кои ќе дојдат во Македонија, а немаат доволно време да ги посетат сите винарии, сепак да добијат можност да ја запознат нашата винска култура и да вкусат повеќе вина.

Тамара објаснува дека кога ќе завршат со настаните за дегустација, како прв циклус од запознавањето со малите домашни вински производители, ќе поканат експерти за квалитет на вино и врвни готвачи. Нивната задача ќе биде да подготват специјални понуди, така што со секое вино ќе следува соодветно мени со македонска храна.

Настанот, да повторам се одржува секој четврток од 16 до 22 часот. Поделен во два дела за да можат посетителите да го искористат терминот што им одговара, во зависност од слободното време до 20 часот или подоцна. На настанот луѓето кои имаат резервација за дегустација можат и да го дегустираат и ако им се допадне одредено вино да го консумираат.

Првиот настан  во знак на винариите од Кавадарци и Неготино

На првата дегустација претежно се дегустирале вина на винарии од Кавадарци и Неготино. Практично се презентирале вината на оние кои најбрзо реагирале на поканата од НУК. Тоа се винариите: Јаковлевски; Захарчев; Винарија Ивица Златковиќ; Ерос; Подрум Параџик; Винарија Кувин; Брзанов; Софра Вељанов; Подрум Попови и Винарија Пешков.

Овие 11 винарии учествувале со 22 видови вина. Односно секоја од нив со по едно бело и едно црвено или розе, без разлика дали произведуваат повеќе видови.

Тамара вели дека од присутните вина на претходниот настан, гостите најголем интерес покажале за вкусот на Темјаника од групата на бело вино. Додека од црвено вино, најбарани биле брендовите од Вранец и Кабернет Шевињон.

-Имаше голема заинтересираност и за нареден настан. Гостите посебно беа изненадени дека во Скопје можат да најдат нешто поразлично. Нешто што не е само забава, што не е само диџеј музика, туку можност да се запознаат со нешто поинакво. Бизнис, забава, дегустација, размена на идеи, ставови и мислења за  вкусовите на македонските вина, се на едно место.

Дегустаторите покрај автентичноста на вината биле радознали и околу  производителите: колку години постои винаријата и која е нивната приказна, што ги натерало за започнат со овој бизнис,  кои вина ги произведуваат.

Генерален заклучок, како одговор на овие прашањата беше впечатокот дека сите тие располагаат со големи лозови насади,  имаат голем род што не можат да го пласираат. Поради тоа првенствено сите започнале производство на вино за сопствена домашна употреба и како услуга за блиски пријатели.

Утре, покрај вино и првата бренд -ракија

Тамара најави, на утрешната винска дегустација, за прв пат ќе се проба и првата брендирана ракија В’К  ракија(со акциза).  Ракија од првата мала семејна легална  дестилерија.

„За да бидат собрани на едно место сите овие автентични приказни за 40-те мали семејни винарии, планираме да отвориме youtube канал. Секоја недела ќе емитуваме кратка презентација за одредена винарија. Ќе гостуваат претставници од винариите. Тие ќе ги пренесат своите стории, искуства, предизвици, карактеристики на процесот на винификација и надежи што и како понатаму.

Закуп на вински сефови

THE HOUSE food&wine restaurant  е прво винско депо во Скопје во коешто овозможивме гостите да си закупуваат вински сефови. Идејата е да донесат сопствени вина каде ќе можат да ги складираат и да ги консумираат бесплатно доколку се членки на локалот. Депото располага со 100 вински сефови за фирми или физички лица кои можат да ги чуваат своите вина.

„Важно е што ние на странците, кои немаат можност да ги посетат македонските винарии и да се запознат со винската култура и видовите што се нудат на нашиот пазар, им нудиме на едно место да вкусат повеќе вина. Тоа досега никој не го понудил, ниту угостителски објект ниту специјализирана продавница. Ова е основната поента на депото на вина, “ заклучува Тамара.

Нашиот концептот се заснова на идејата, туристите кои ќе дојдат во Македонија, а кои немаат доволно време да ги посетат сите винарии да можат на едно место да ги запознаат и да изберат вино од сите 150 видови од семејните винарии. (досега регистрирани).

М.Балдазарска