Компанијата „Ананас“ e-трговија, која е во сопственост на холдинг групацијата „Делта“ на српскиот бизнисмен Мирослав Мишковиќ, има намера да ја купи македонската платформа за е-трговија Групер (grouper.mk).
Српската компанија, како што пренесуваат медиумите, веќе ја известила Комисијата за заштита на конкуренцијата за концентрацијата со која стекнува целосна контрола врз македонската компанија Webspot, која е сопственик на Grouper, како и врз платформата за електронска трговија „Pao Pao“ (pao.mk ).
Ananas E-Commerce на почетокот на годинава објави дека има планови да се појави на пазарите во целиот регион, вклучително и во Северна Македонија.
„Во овој момент сме во фаза на исполнување на условите за реализација на трансакцијата на овој пазар. Кога ќе имаме повеќе детали, со задоволство ќе ја информираме јавноста и сите актуелни и потенцијални клиенти и партнери за тоа“, се вели во соопштението за медиумите.
Уште една аквизиција
„Групер“ е една од првите и најпознати платформи за електронска трговија во Македонија. Доколку се реализира продажбата, тоа ќе биде втора аквизиција на „Групер“ за помалку од година и половина. Имено, во мај минатата година, Paiten, која е дел од полската групација Asseco SEE, го презеде Grouper со купување на 100 процентна сопственост.
Патем, Ananas (ananas.rs) претставува платформа за е-трговија, првенствено присутна на српскиот пазар, но која уште на самиот старт (2020 година во Белград) најави дека својата активност ќе ја прошири на регионалниот пазар, односно на пазарите во Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.
Во интервју дадено за „Светот на банкарството и инвестициите“ во декември минатата година, Рајко Мандиќ, генерален директор на компанијата, изјави дека планот е Ananas оваа година да стане регионална компанија. „Сепак, за ова ќе биде потребна нова организација, софтвер кој мора да се прилагоди на секоја земја, како и бизнис модел и начин на работа. Затоа не можеме да почнеме да работиме истовремено во сите земји од регионот. Планот е да одиме таму каде што можеме да обезбедиме најмногу, каде што има најголем потенцијал да растеме, а потрошувачите да уживаат и да го зголемат квалитетот на животот. Нашата конкуренција оди одлично, но се обидуваме да се погрижиме Ананас да ги освои срцата и умовите на потрошувачите“, рече Мандиќ.
Екс сопственичката на „Групер“ на висока позиција во „Ананас“
Паралелно со оваа информација деновиве и Нина Ангеловска, која на овдешната јавност и беше позната по тоа што беше сопственичка на компанијата за онлајн трговија „Групер“ на својот профил на бизнис мрежата Linkedin објави дека е пред нов возбудлив предизвик, односно дека е среќна што се приклучува на Ananas e-commerce, како менаџер за интернационален бизнис развој, или како што напишала INT Business Develomement Manager. Многу веројатно Ангеловска да работи и на воведување на платформата во Македонија.
„Ананас“ е дел од холдинг групацијата „Делта“, која е една од најголемите српски компании. Покрај во Србија, присутен е и на голем број пазари на земјите членки на ЕУ, како и на пазарите во Швајцарија, Русија и Белорусија. Компаниите од холдинг групацијата Делта вршат дејности од областа на земјоделското производство, производството на храна, извозот, увозот, застапувањето на странски компании, дистрибуцијата на стоки за широка потрошувачка, продажбата на автомобили, развојот на недвижности и развојот на нови технологии.