Од иселувањето на населението од Македоија имаме само еден ќар, а тоа се девизите што влегуваат во земјава или преку формалните канали (банки, транскациски сметки итн.) или преку кешот што го носат в џеб нашите кога доаѓаат во замјава и им го продаваат на банките или на менувачниците. Така, таканаречените дознаки се значителен и битен извор на средства во тековната сметка на платниот биланс и придонесуваат за одржување низок дефицит на тековната сметка.

Пред десетина години, вкупната годишна сума на дознаките изнесуваше околу милијарда евра, а до денес таа сума се има двојно зголемена и се движи околу 2 милијарди евра. Односно, уште во 2022 година, дознаките достигнаа близу две милијарди евра или околу 15 отсто од БДП. Нашата земја е втора по големина по вредноста на личните трансфери, пред нас е Косово, од каде што иселувањето исто така има историски размери, чии лични дознаки изнесуваат 17,2 отсто од БДП.

Овие приливи економиститие ги сметаат за релативно стабилен извор на девизи и во просек, во периодот 2005-2022, изнесувале околу 14% од БДП.

Во 2020 година, поради пандемијата и ограничените можности за патување, приватните дознаки се намалиле. Но, по стивнувањето на пандемијата, девизниот прилив расте, па во 2021-2022 година има зголемувањсе од 35% годишно. Нето-приливите во периодот јануари-септември 2023 година изнесуваат 1.557 милиони евра и се повисоки за околу 6,5 отсто во однос на истиот период од претходната година, информира Народната банка.

– Споредбено со годишниот износ на нето-приливи од странски директни инвестиции, нето-приливите од приватни дознаки се повисоки. Имено, за периодот 2005-2022 година, нето-приливите од СДИ во просек изнесуваат околу 3,5 отсто од БДП.

Сепак, иако Народната банка инфрормира дека оваа категорија девизен прилив е со висока стабилност, една сериозна економија не треба многу да се фали со тоа, затоа што, како што рековме погоре, тие средства доаѓаат од нашите луѓе кои побегнале од сопствената земја за да најдат подобар живот, што го немале дома. Се разбира дека овие средства се добредојдени за оддржаување на девизниот курс на денарот, но и тоа не е за фалење, бидејќи на тој начин кусот се оддржува на вештачки начин, а не преку извозот и побарувачка на нашата валута. Сериозна економија, каква што никогаш не сме биле, мора да работи на реализација на долгорочни цели, а тоа е висока продуктивност, висок процент на вработеност, високи плати, голем извоз, ако сака да се пофали со стабилен курс на својата валута - денарот.    

На крајот на јуни 2024 година, официјалните девизни резерви изнесуваат 4.337,5 милиони евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 44 милиони евра, што се смета за сигуран зона.

Но, сегашната економска ситуација наметнува голем број прашања. Едно од тие, можеби и главно, е - што ако странските компании што работат во ТРЗ-овите, и што го прават најголемиот извозен процент, во скоро време дигнат сидро и ги преселат своите производни капацитети на некоја друга дестинација. Дали и тоагаш и во недоглед ќе може да се држи вештачкиот курс на денарот?  

Од овие причини, македонската економија е соочена со опасни закани, ако брзо не се консолидира, не ги убеди  странските големи инвеститори да го донесат своето име и производство на наша територија на високотехнолошки производи за потребите на сепосовремната автомобилска и информатичка индустрија. Државата треба веднаш да се вклучи во изградба на брзи пруги и квалитетни патишта, како Србија. Фала му на бога, земјоделците пројавија иницијатива за окрупнување на земјоделските површни, откако сфатија дека секој сам за себе не претставува ништо и дека со нивните производи откупувачката мафија си игра мајтап.

Потоа, дали и личи на една сериозна држава за четири години (2018-2022) да наплати само 45 милиони евра од концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини од 257 концесионери кои поседуваат 348 концесии. Концесионерите доцнат со уплата на надоместоците, а дел од нив самоиницијативно ги прошириле границите на концесиските површини.

Вака економијата не може да напредува, туку само да паѓа  до многу ризичните граници на банкротот. Владее впечатокот дека приходната страна на буџетот е се поскудна, а расходната се полакома, со што се трасира патот кон неиздржлива задолженост над економски дозволениот процент. Сега задолженоста изнесува над 61% од БДП.  

Дури и гевернерката на НБРМ во едно свое неодамнешно обраќање рече дека, „иако постои чувство на оптимизам, сепак условите и натаму се неизвесни и сѐ уште има ризици за светската и за домашната економија на краток и на среден рок“.

Некои светски економисти прогнозираат дека во 2026 година не чека најголемата економска криза од крајот на Втората светска војна.

Затоа, ако некој навистина сака да го зголеми животниот стандард на своите граѓани, мора веднаш максимално да се фокусира на соодветни економски мерки, а не да оди во недоглед со инаетењето со своите политички ривали, да му покаже на граѓаниот дека политичкиот занес може да биде  многу поштетен во одреден временски период, дека го одвелкува од желбата за поубав живот и само го доведува до мачното прашање - дали ќе се преживее утрешниот ден.