Под слоганот „Соработка за интелигентно доба“  денес започнува Годишниот состанок на Светскиот економски форум (WEF) кој ќе трае до 24 јануари. Во  швајцарскиот град Давос е најавено присуство на околу 900 извршни директори и 60 шефови на држави и премиери.

Како што е објавено на веб-страницата на СЕФ, меѓу политичките лидери кои учествуваат се новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој ќе учествува преку видео врска, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, германскиот сојузен канцелар Олаф Шолц и српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Годишниот состанок за 2025 година ги свикува светските лидери за да се справат со клучните глобални и регионални предизвици. Ова вклучува одговор на геополитичките шокови, стимулирање на раст за подобрување на животниот стандард и управување со праведна и инклузивна енергетска транзиција – според веб-страницата на Светскиот економски форум.

Oсновачот и претседател на одборот на директори на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, наведува дека Давос е единствен по тоа што обединува речиси 3.000 личности од светот на политиката, бизнисот и граѓанското општество „за да се соочат со предизвиците на светот во длабока трансформација."

– Годишниот состанок во 2025 година ќе поттикне дух на соработка и конструктивен оптимизам со цел да се обликува претстојната интелигентна ера на поодржлив и инклузивен начин – смета Шваб.

Како што е наведено, 55-тиот годишен состанок на Светскиот економски форум ќе се фокусира на пет основни, меѓусебно поврзани тематски области, од кои секоја е клучна за одржлива, инклузивна и просперитетна иднина.

-Тематската единица „Повторно размислување за растот (Reimagining Growth) ќе истражува нови можности за економски раст, вклучувајќи ги и иновациите водени од технологијата.

-Индустриите во интелигентното доба (Industries in the Intelligent Age) ќе испитуваат како бизнисите можат да се движат со технолошките промени и новата динамика на индустријата.

-Инвестирањето во луѓе (Investing in People) ќе се интересира за потребата за развој на работна сила, преквалификација и создавање работни места во секторите во развој.

-Заштитата на планетата (Safeguarding the Planet) ќе се фокусира на зголемување на климатските и природните решенија и унапредување на напорите за декарбонизација.

-Блокот наречен Повторно градење на довербата (Rebuilding Trust) ќе работи на поттикнување на глобалната соработка и издржливост во сè повеќе поделениот свет.