Денеска се одбележува Меѓународниот ден на планетата Земја. Ден на кој од  22 април 1970 година, милиони луѓе од целиот свет се собираат да го прослават движењето за заштита на животната средина, за зачувување на природата, акција за спречување на лошиот однос кон планетата. Оваа година акцентот е ставен на темата „Ден на планетата без пластика“, како и на заштитата на бебињата.

 
Ќе успееме ли да ја спасиме?

Иницијативата за Денот на планетата Земја, чија главна цел е да ја подигне свеста кај луѓето за заштита на животната средина и зачувување на планетата, го креирале американскиот сенатор, Гејлорд Нелсон и екологистот Денис Хејс од Универзитетот Харвард.

Како активисти, загрижени за зачувување на животната средина, особено по истекувањето на големи количества на нафта во Калифорнија во 1969 година, тие сакаа да ја вклучат јавноста во грижата за нашата планета.

Секоја година експертите предупредуваат дека голем број растителни и животински видови низ светот се на работ на истребување, што доведува до сериозно нарушување на целиот екосистем и биолошка разновидност. Живеалиштата исчезнуваат, шумите се расчистуваат, воздухот е со сè полош квалитет, а глобалното затоплување се шири. 

Активности за Ден на планетата земја

Темата на овогодинешната прослава е „Планета против пластика“, со желба да се укаже на штетата што пластичната загаденост ја нанесува на здравјето на луѓето и планетата.

Научниците веруваат дека микропластиката во нашите тела може да биде одговорна за сè, од рак до аутизам до Алцхајмерова болест, вродени дефекти и плодност.

Инаку, во текот на оваа година се очекува усвојување на договорот на ОН за пластиката, која е се поголем загадувач на планетата. Повеќе од 50 земји, вклучително и Велика Британија, побараа да се стави крај на загадувањето со пластика до 2040 година.

Но, организаторите на Денот на планетата Земја сакаат да одат подалеку и да бараат намалување на производството на целата пластика за 60 отсто до 2040 година.

Што се е постигнато 

Во рок од неколку години од првиот Ден на планетата Земја во 1970 година, беше основана американската Агенција за заштита на животната средина и беа донесени неколку закони за животната средина - како што е Законот за чист воздух.

Во поново време, беа засадени милиони дрвја, земјоделците беа поддржани во нивните одржливи земјоделски практики и беа започнати проекти за климатска писменост низ целиот свет.

Годината е климатски невообичаена, топла со уривање 100-годишни температурни рекорди, снегот едвај покри некои делови од светот, и имавме жешко лето во април.

 Европа е континент кој најбргу се загрева

Според извештајот на службата за климатски промени Коперник, Европа од 2023 година се смета за континент кој е најмногу подложен на климатските промени. Екстремните временски услови, вклучувајќи ги поплавите, шумските пожари и топлотните бранови, го земаат својот данок врз животната средина. Коперник известува дека смртните случаи поврзани со глобалното затоплување во регионот се зголемиле за околу 30 отсто во изминатите 20 години.

Климатските промени во Европа варираат, при што некои држави како Шпанија имаат екстремно високи температури, додека други области како што се Скандинавските држави,  се подложни на обилни врнежи. Разликата може да се види и во делови на Грција, Франција и Португалија каде што има разорни шумски пожари.

Истражувачите кои се занимаваат со климатските  промени, предупредуваат дека ваквите настани ќе бидат се позачестени.

Според извештајот Европа е континент кој најбргу се загрева во споредба со другите, па според тоа ја става прва на листата со највисока стапка на глобално затоплување.