Неретко ќе ја слушнете од постарите генерации и родители фразата дека децата во Македонија не си ја знаат државата. Дека не знаат дури ни на карта да покажат каде се наоѓа некој од помалите градови во државата, како Крушево, Берово, Радовиш и други. 

А токму овие градови некогаш биле на мапата во образовниот систем за нивна посета во неколкудневни екскурзии во детските одморалишта. Но, некогашните одморалишта изградени во социјализмот, кои служеа за летен и зимски одмор на учениците, настава во природа и спортски натпреварувања, денеска зјаат руинирани и празни. Детските одморалишта беа изградени од придонесите што се уплаќале за детска заштита и образование и беа во општествена сопственост. 

Сега, во недостиг на вакви објекти, училиштата организираат еднодневни или дводневни екскурзии за учениците надвор од државата. 

Државата реши да продаде голем дел од детските одморалишта преку нивно приватизирање. 

Во продолжение е листа на продадени објекти на детски одморалишта

- Детско одмаралиште Асамати- Ресен

- Детско одмаралиште Македонија- Тиват, Црна Гора

- Детско одмаралиште Висока Чука- Гевгелија

- Детско одмаралиште „Шула Мина„ Крушево

- Детско одмаралиште Мите Богоевски- Претор

- Детско одморалиште „Голак„ Делчево

- Детско одморалиште „Михајлово„-Кавадарци

- Детско одморалиште„Пљачковоца„ Радовиш

- Детско одморалиште„„Попова шапка„ Тетово

-  Детско одморалиште„ Ѓуриште„ Св.Николе

Во 2011 година продадено е детското одморалиште „Шула Мина“, како и одморалиштето „Македонија“ во Тиват во Црна Гора. Две години подоцна се продадени „Голак“ во Делчево и „Михајлово“ во Кавадарци, а во 2015 и 2016 година сопственик добиле одморалиштата „Шула Мина“ и „Ѓуриште“, додека детското одморалиште на Пелистер не е продадено и е оставено да пропаѓа. 
Одморалиштата што се оставени на забот на времето 

Според одговорите кои ги добивме од Министерство за труд и социјална политика, детските одморалишта на кои институцијата има воспоставено корисничко право, не се во употреба.

- Детското одморалиште „Пелистер” Битола, не е во функција од 2015 година, се обезбедува од чуварска служба. Потребно е реконструкција и санирање на дотраените капацитети во комплексот. Неговата површина изнесува вкупно 836 м2.
-Детското одморалиште „Мајски Цвет” Струга, не е во функција до 2022 година, се обезбедува од чуварска служба. Потребно е реконструкција и санирање на дотраените капацитети во комплексот.

- Детското одморалиште „Илинден” Гостивар, е во релативна добра состојба но потребно е реконструкција и санирање на дотраените капацитети во комплексот. Не е во функција од 2013 година. Со него управуваа директор има вработени и  ангажирани чувари.

- Детското одморалиште „Малешево” Берово, повеќе години не е во функција. Потребно е реконструкција и санирање на дотраените капацитети во комплексот. Детското одморалиште  е запишано  во ИЛ 5359 и се состои од згради, посебни делови од згради и други објекти. Неговата површина изнесува 4001 м2.

- Детското одморалиште „Николиќ” Дојран, не работи повеќе години истото е руинирано. По ИЛ 394 КО Николиќ има  седум објекти и тоа: зграда 1  со 1478 м2  (приземје ) зграда 2 со 997 м2(приземје и кат 1) зграда 3  со 883 м2(кат 1) зграда 4 со 890 м2(приземје и кат 1) зграда 5 со 883 м2, (приземје и кат 1) зграда 6 со 883 м2(приземје и кат 1) и зграда 7 со 75м2(приземје)    или вкупно 6089 м2.

- Детско одморалиште „Суви Лаки” Струмица, повеќе години не е во функција, истото е руинирано.

- За детското одморалиште „Мајски Цвет” во Струга во моментов се прават напори да се стави повторно во функција.

„Целта на Министерството за труд и социјална политика е детските одморалишта повторно да се стават во функција согласно намената“, велат од МТСП, иако такви потези во јавноста не се забележуваат.   

Според информациите, четири одморалишта каде на имот лист стои корисничко право на Министерството за труд и социјална политика биле предмет на продажба во неколку наврати. Но, одморалиштата не се продадени од причина што се проценети со голема вредност, а главно се нефункционални и за да бидат ставени во функција и неопходно е да бидат реновирани.