„Србија како рударска колонија на Западот? Е насловот што Томас Росер, дописник на виенскиот весник Die Presse од Србија го објави врз основа на извештајот  за реакциите кои уследија по потпишувањето на Меморандумот за стратешки суровини меѓу Европска Унија  и Србија.

„Таблоидниот печат којшто наводно е под контрола на Владата на Србија е воодушевен. Независните медиуми, аналитичари и екологисти се згрозени од договорот за литиум со Европската унија: ги обвинуваат Берлин и Брисел дека сакаат да ја претворат земјата во суровинска колонија на ЕУ“, пишува дописникот на најчитаниот австриски весник на почетокот на неговата статија, пренесува N1.

Тој оценува дека „брзите посетители од Берлин и Брисел“ одамна го напуштиле Белград, но дека потпишувањето на „литиумскиот договор“ продолжува да предизвикува „голема медиумска врева“ во Србија.

Два спротивставени ставови на потпишаниот Меморандум се илустрирани со насловите во српскиот печат: „Србија скока во иднината со литиум“ (српски телеграф) и „Рудникот Јадар ќе и донесе милијарди на Србија“ (Информер) од една страна и „Србија се претвора во рударска колонија“ (Нова) од друга страна.

Росер укажува и на изјавата на Владета Јанковиќ дека посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц „не е знак на благодарност, туку смртен бакнеж за Србија“.

Дописникот на австрискиот весник пишува дека „во една длабоко корумпирана земја, помало е прашањето кој ќе има корист од ветените милијарди отколку грижа за резервите на подземни води, што со години ги натера еколозите да го напаѓаат контроверзниот проект“.

Тој, исто така, укажува на обвинувањата на опозицијата дека Шолц не дал „никакви конкретни гаранции“ за усогласеноста со еколошките стандарди на Европската унија во Србија, како и на зборовите на професорот од Грац, Флоријан Бибер дека ЕУ и Германија „ја замениле демократијата, владеењето на правото и перспективата на ЕУ за литиум за Западен Балкан.“

„Во Србија нема независни институции и „никаква гаранција“ дека рударскиот проект ќе биде усогласен со домашните, па дури и со стандардите на ЕУ“, пишува дописникот на австрискиот весник Die Presse.