Исхрана базирана на намирници со чие производство не се загрозува планетата може да помогне да се намали ризикот од смртност од повеќе животозагрозувачки болести (како рак, кардиоваскуларни болести и други хронични болести) за 25 отсто, велат истражувачите.
Стручњаците од американскиот универзитет Харвард, гледајќи ги податоците за навиките во исхраната на 100.000 луѓе собрани во текот на три децении, откриле дека оние кои консумирале повеќе растителна храна, како што се цели зрна, овошје, зеленчук и јаткасти плодови, имале помал ризик од смрт во споредба со оние кои јаделе помалку еколошки оброци.
Врз основа на наодите, презентирани на конгресот Nutrition 2023, годишниот состанок на Американското здружение за исхрана во Бостон, Масачусетс, истражувачите развија нов план за исхрана кој има позитивни ефекти врз здравјето на луѓето, како и врз животната средина.
Индексот на планетарна здравствена исхрана (PHDI) ги разгледува постоечките докази за влијанието на одредени планови за исхрана врз здравјето на луѓето и на планетата.
Индексот го зема предвид ризикот од хронични болести како што се срцеви заболувања, рак на дебелото црево, дијабетес и мозочен удар, како и влијанијата врз животната средина како што се употребата на вода, користењето земјиште, загадувањето и емисиите на стакленички гасови.
Тимот научници истакнува дека нивната работа се заснова на постојните истражувања кои покажуваат дека храната од растително потекло е поздрава и помалку штетна за планетата од црвеното и преработеното месо.
Истражувачите се надеваат дека оваа информација ќе им помогне на јавно-здравствените власти да развијат стратегии за подобрување на јавното здравје со што ќе придонесат во борбата против климатските промени.
Според професори од (Лин Буи) Катедрата за исхрана на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот Харвард, предложениот нов план за исхрана ги вклучува најдобрите актуелни научни докази за ефектите на храната врз здравјето и животната средина.
„Резултатите ја потврдија научната хипотеза дека повисокиот планетарен индекс на здрава исхрана е поврзан со помал ризик од смртност“.
Откако развија алатка за пресметување на индексот, истражувачите ја искористија за да ги утврдат и анализираат резултатите на повеќе од 100.000 луѓе во САД, собрани од 1986 до 2018 година. Повеќе од 47.000 луѓе починаа во текот на последователниот период од повеќе од 30 години.
Тимот откри дека повисоките резултати на PHDI се поврзани со 15 отсто помал ризик од смрт од рак или срцеви заболувања, 20 отсто помал ризик од умирање од невродегенеративни болести и 50 отсто помал ризик од смрт од респираторни заболувања.
Стрручњаците од Харварсдскиот универзитет нагласиле дека споменатиот индекс можеби ќе треба да се прилагоди на различни земји, во зависност од нивната култура или религија.
Исто така, предупредуваат дека за оние со специфични здравствени состојби или проблеми со достапноста на храната, диетата „пријателска за планетата“ ќе биде поголем предизвик.