Дигитализацијата е новата енергија на управувањето, создава ефикасност, транспарентност и отпорност во сите сектори, особено во енергетиката, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој се обрати на сесијата „Дигитализација на енергетските системи – Забрзување на дејствијата преку координација и иновации“ во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој, што се одржува во Скопје.

 

Министерот, како што информираат од неговиот кабинет ја истакна потребата од заедничко делување и координирани напори во процесот на дигитална и енергетска трансформација.

 „Сите ние постигнуваме повеќе кога работиме заедно. Нашите разлики се важни, но нашата заедничка човечност е уште поважна,“ цитираше министерот Андоновски, нагласувајќи дека дигитализацијата може да ја забрза заедничката мисија за одржлива енергетска иднина.

Андоновски порача дека дигитализацијата е новата енергија на управувањето, создавајќи ефикасност, транспарентност и отпорност во сите сектори, особено во енергетиката.

 „Дигитализацијата е мостот што ги поврзува растечката енергетска побарувачка и потребата од декарбонизација. Таа овозможува секој ват, секој киловат-час и секоја политичка одлука да бидат попаметни, почисти и поинклузивни,“ изјави министерот.

Тој потенцираше дека дигитализацијата не е само технички процес, туку нов начин на размислување и управување – поврзување на податоците, институциите и граѓаните во корист на одржливи политики и зелена енергија.

Регионална соработка за поголем успех

Министерот Андоновски го презентираше напредокот што Македонија го постигна во дигиталната трансформација преку три клучни системи:

  • -Националната платформа за интероперабилност, што поврзува 74 институции и овозможува над два милиони безбедни трансакции месечно – што претставува зголемување од 160 проценти во однос на минатата година;
  • -Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk, преку кој граѓаните добиваат јавни услуги онлајн;
  • -Електронскиот систем за управување со документи (eDMS), кој го замени хартиеното работење во над 80 институции.

 „Овие системи не се само административни алатки; тие се темелот на ефикасното управување, интегритетот на податоците и транспарентноста,“ нагласи министерот.

Андоновски информираше дека Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Министерството за енергетка, рударство и минерални суровини, веќе имаат дигитализирано повеќе од 20 јавни услуги за граѓаните и бизнисите, како и воведување на интегрирани системи за документи и финансиско планирање.

Министерот ја претстави и новата генерација дигитални иницијативи во енергетиката:

Националниот центар за вештачка интелигенција – „Везилка“, кој развива АИ модели за предиктивно одржување на енергетската инфраструктура и предвидување на побарувачката;

Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT, кој ги поврзува академијата и приватниот сектор и обезбедува пристап до лаборатории и обуки за вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и автоматизација.

Овие иницијативи се дел од стратегијата SMART/MK 2030, визија за дигитална, зелена и човеково-центрирана трансформација, целосно усогласена со европската Дигитална декада.

Андоновски истакна дека дигиталната трансформација на енергетските системи бара регионална координација и заеднички пристап.

„Предизвиците се премногу комплексни за која било држава да ги решава сама. Затоа регионалната соработка е нашиот множител на успех,“ изјави тој.

Во заклучок, министерот повика на премин „од цели кон акција“ и изградба на одржливи дигитални екосистеми: „Ако успееме, нема само да ја декарбонизираме енергетската мрежа – ќе ја хуманизираме транзицијата, правејќи ја поефикасна, потранспарентна и поправедна.“