„Monday“ е дигитална маркетинг агенција која во рамки на своите услуги организира и едукативни тренинг програми за индивидуалци и компании. Ко-основач на компанијата е Николина Цветановска. Таа од фриленсер влезе во бизнисот сферата со дигитална агенција, заедно со нејзиниот брат Мартин. Долги години работеле како фриленсери во маркетинг агенции и ИТ компании. На тој начин, вели Цветановска, тргнала по кариерна патека каде се пронашла најмногу.

„Се’ започна во 2014-та година. Работев како дизајнер во студентското списание „Излез“. Некое време работев како проектен менаџер во невладина организација. Потоа сакав да влезам во дигиталната индустрија. Дилемата беше дали моите 5 000 денари да ги потрошам на нов капут или да ги потрошам на некој курс за дигитален маркетинг. Одлучив да ги потрошам на курс, многу ме заинтерсира и од тогаш започна мојата кариера. Една година работев во едукативен центар. Потоа, работев во софтверска компанија и маркетинг агенција се до време кога започна пандемијата. Тогаш заедно со Мартин одлучивме да дадеме отказ од сигурна работа во најнесигурното време“, вели Цветановска.  

Првите клиенти на формираната компанија, биле клиенти за кои претходно нејзиниот брат Мартин работел како графички дизајнер. А таа, нудејќи ги своите услуги од дигиталниот маркетинг. Една година подоцна, „Monday“ добил нови клиенти. Меѓутоа, компанијата немала некаков интерен маркетинг и продажби.

„Ние влеговме во она што јас го нарекувам „црвен океан“, со многу маркетинг агенции, многу креативни центри. Но, она што никој не може да ви го земе е добрата работа. Сите фриленсери кои прашуваат и се сигурни во нивната работа – основајте свој бизнис се додека сте сигурни дека добро ја вршите вашата работа. После тоа што следува, се некои нови учења како да бидете менаџери, претприемачи. Односно како да сте се’ во едно“, порачува Цветановска.  

Една година по развој на „Monday“ се родила нова идеја и нова потреба кај клиентите - тоа е потреба за тренинг програми. Ваквата потреба дошла откако одреден клиент им пристапил со предизвик – сакал да ги пренасочи неговите вработени од маркетинг во продажба. На тој начин се развила идејата, со оглед и на претходното искуство на Николовски со едукативни центри – а тоа е да направат нивни сопствени тренинг програми.

„Првично ги понудивме на компаниите со кои работевме. Бидејќи тие сакаа внатре во тимот да си имаат луѓе кои ќе можат да ги работат нивните маркетинг стратегии.И да ги подобрат комуникациите со маркетинг агенциите или ИТ компаниите. Така, го направиме „Monday learning“. Така, ги добивме првите два од нашите постоечки клиенти и веќе одлучивме да ги понудиме програмите за пошироката јавност, односно за индивидуалци. Моментално ги спроведуваме како такви, односно немаме доволни капацитети да го комерцијализираме да излеземе на пазар и да ги понудиме на многу компании. За ова се потребни поголем број на луѓе кои имаат големо искуство во областа, а истовремено се добри едукатори“, вели Цветановска.  

Една година „Monday learning“ има преку 100 индивидуалци. Gолем дел доаѓаат од компаниите со кои работиме. Друг дел од оние кои сакаат да сменат кариера. „Monday“ моментално работи на нови софтверски решенија, отворени се за нови колеги, бидејќи работиме на два проекти од Шведска.

„Доколку веќе имаш постоечки клиенти мојот совет е – ако не можеш да постигнеш со работа, ангажирај некој што ќе ти помага. Ангажирај фриленсер – нека направи стратегија, нека го работи проектот. Брендирај се“, е пораката на Цветановска.