Дигиталното евро стапува на сцена во 2026 година. Се очекува дека до тогаш еврото би можело да го добие својот дигитален „двојник“, стабилна валута што се развива во Европската централна банка (ЕЦБ).

Дигиталното евро ќе ја зголеми стабилноста и независноста на монетарниот систем на Европската унија и ќе ја зголеми ефикасноста на системот за дигитално плаќање, истакна Фабио Панета, член на извршниот одбор на Европската централна банка, за време на говорот на Ирскиот национален универзитет (NCI) во Даблин.
Дигиталното евро ќе отвори можност сите да ја користат заедничката валута за исклучиво дигитални плаќања, каде било, на лесен и безбеден начин. За разлика од криптовалутите, кои имаат шпекулативни карактеристики, оваа валута би била директно врзана за еврото, како еден вид стабилeн coin валута – иако, Панета предупреди дека дури и таквите монети може да го загубат своето „сидро“, како што се случи минатата недела со TerraUSD (како што пренесе Bug).
За да се спречат ваквите ситуации, Европската централна банка ќе стои зад дигиталното евро. Ова ќе ѝ даде доверба на оваа дигитална валута, која ќе биде дизајнирана како безбедна и во јавен интерес. Панета, исто така, истакнува дека во растечката дигитална средина, дигиталното евро треба да ги олесни дигиталните плаќања и на сите на пазарот да им даде можност да останат „во играта“. Така, нова можност би добиле и помалите посредници на финансиските пазари, кои досега не можеа да го следат чекорот со иновациите на големите играчи.
Овој систем на плаќање би бил бесплатен, лесен и достапен за секого и секаде, најави тој. Но, за да успеат во тоа, корисниците мора да видат дека тоа им носи придобивки, односно дека има предности во однос на сегашните начини на плаќање. Исто така, мора да биде прифатен насекаде - идеално кај сите трговци на мало во еврозоната, и во онлајн и во физичките продавници. Тоа го покажало прелиминарното истражување, во кое испитаниците рекле дека идеалната дигитална валута би овозможила и P2P плаќање (директен трансфер на пари на пријатели) со еден клик, без разлика која платформа или банка користите.
За спроведување на планот за дигитализација на еврото, ЕЦБ минатата година формираше двегодишна работна група за да ги истражи приоритетите за новата дигитална валута. Проектот потоа би можел да биде пуштен до крајот на 2023 година. Во втората фаза ќе се тестираат технолошките решенија и ќе се создаде деловно опкружување неопходно за масовно прифаќање на дигиталното евро. Ова би можело да потрае околу три години, па затоа дигиталното евро би можело да заживее во 2026 година.

Поднесен предлог-законот за дигитално евро
Европската комисија на почетокот на оваа година најави дека предлог-законот за дигитално евро ќе биде поднесен на стартот на 2023 година. Врз база на предлогот треба да се изгради законската рамка за легализација на дигиталното евро како криптовалута. Со ова ќе и се овозможи на Европската централна банка да продолжи со понатамошна техничка работа за развој на дигиталното евро.
Европската централна банка веќе работи на интерни тестирања на дигиталното евро. Првиот функционален прототип е најавен за 2023 година. Aко резултатите од овие тестови се позитивни, првите дигитални евра може да ги очекуваме веќе во 2025/26 година.
Дигиталното евро ќе биде дигитална валута со која ќе управува Европската централна банка и ќе се користи за трансакции во евро-зоната. Електронската валута нема да има никаква физичка форма туку ќе постои единствено онлајн. Со новата валута нема да се прават никакви промени на еврото, ниту на неговата физичка форма. Двата системи ќе продолжат да работат паралелно, а физичките евра ќе се употребуваат и понатаму.
По изгласување на законот во Европскиот парламент, потврда на дигиталното евро треба да дадат и од парламентите на државите членки на Унијата.