
Еден од нејреспектираните македонски музичари, Џијан Емин, за „Анторис“ зборува за активностите со Филхармонија, соработката со Дерик Меј и плејада други музичари, домашната асоцијација на џез музичари која во тешки времиња успева да ја крене музиката, која, според него и тоа како го спасува светот…
Деновиве е објавен на компакт-диск албумот „Dzijan Emin & Magical Orchestra“ од 2019 година, снимен на Концерт во Охрид. Албумот е првенче на ЗЏМ – Здружение на џез музичари и слободни уметници, асоцијација која постои неколку години. Колку тебе, лично, во овие тешки, и неизвесни времиња, особено за културата и музиката, ти значеше овој мал, симболичен потфат на ЗЏМ, со оглед дека во својата пребогата кариера имаш снимано, создавано и објавувано со различни групации музичари?

– Асоцијацијата на џез музичари и слободни уметници или ЗЏМ е убава приказна која ја започна Гоце Стевковски со цел подигнување на нивото на македонската музичка уметничка сцена и со желба за подигнување на нивото на свест на домашната публика воопшто. Се реализираа неколку фестивали, се оформи Биг бендот на ЗЏМ, се оддржаа неколку концерти со сериозни светски имиња…итн. Идејата се рашири низ музичките кругови и пред некој ден се оддржа петтото издание на Ден на џезот кое изобилуваше од млади уметници со одлична нова авторска музика.
Материјалот кој го има на новиот албум спиеше во фиока повеќе од една година, спремен за издавање. Чекавме погоден момент и на крај одлучивме да не чекаме туку да го издадеме и се се погоди како што треба. Имавме убава промоција и видовме многу ведри и насмеани лица. За мене е најголема среќа кога луѓето уживаат во она што ние уметниците го создаваме.
ЗЏМ рекордс има тенденција да се развива активно со неколку нови изданија кои ќе следат оваа година и мене ми е посебно драго што со мојата музика започна работењето на оваа нова издавачка куќа.

Во плејада на популарни и омилени македонски диригенти, мислам дека одамна во Македонија некој не е така сакан и почитуван како ти. Иако те познавам како скромен човек, уживаш ли во својата популарност?
– Драго ми е доколку сметаш дека сум популарен и омилен. Мислам дека немам непријатели музичари и сакам да бидам пријател со луѓето со кои работам. Музиката е поубава кога луѓето се сакаат или барем почитуваат. Не би рекол дека сум популарен и уште помалку да го почувствувам тоа. Македонија е мала земја и повеќе или помалку сите се знаат со сите, така да илузорно е некој да се смета за ѕвезда. Сепак убаво се чувствувам кога некој ќе ми пријде и ќе ми каже убав збор за мојата сценска уметничка работа. Ме инспирира позитивно.
Биг бендот ќе го свири Запа
Здружение на џез музичари и слободни уметници е прилично активна асоцијација, а и ти во неа, како еден од најистакнатите членови. Какви се планови за летото, со оглед дека, животот, полека се враќа на планетава?
– Летово имаме во план да се реализираат неколку различни концерти со биг бендот. Наскоро ќе се оддржи концертот со музиката на композиторот Илија Пејовски, па ќе следат неколку концерти со најистакнатите гитаристи од Македонија заедно со биг бендот, концерт со музиката на Френк Запа… И уште неколку концерти за кои ќе има посебна најава. Да се надеваме дека ќе се ослободиме од ковид кризата и ќе продолжиме да функционираме нормално.

Последниве години твојата работа се врзува за она што го работи Филхармонија, и незаборавните концерти, како: „Скопје за Боуви“, „Пинк флојд“ во Градскиот парк на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“… И, вистинска е штета што овие спектакли не се на редовен репертоар во Филхармонија.
Колку, на пример во проектот за Боуви, или Пинк Флојд, внесе дел од себе, бидејќи знам дека си израснал на најубавата и најрафинираната светска музика.
– Концертите во Градскиот парк во Скопје се убави настани кои се омилени и на музичарите и на публиката. Тоа е одличен начин кој помага на приближувањето на публиката кон сериозната музика преку т.н. популарни концерти. Покрај горенаведените би ги издвоил и концертот со Феми Кути и концертот Ну погоди.
Пристапот кон подготвувањето на музиката ми е генерално различен за секој проект. Со самото тоа веќе секој проект звучи поинаку од претходниот. Јас сум многу среќен што имав прилика да ги обработувам темите на музичките гиганти Дејвид Боуви и Пинк Флојд. Во процесот на подготовка јас сум целосно внесен во музиката и сакам да биде производот најдобар. Нормално со добра музика е полесно како основа и се обидов да направам пристоен превод кој беше изведен со симфониски оркестар. Сметам дека тоа беа убави концерти.

Од многуте соработки, остана запаметена онаа што пред неколку години ја имаше со Дерик Меј. Зошто не продолживте? Дали е на повидок нешто ново, со Меј, или некој со таков уметнички сензибилитет?
– Со Дерик Меј изминативе години имавме доста настапи низ светот, така да не застанавме, туку напротив бевме доста активни со проектот. Успеавме да го претставиме во Европа, Америка и Австралија. За жал, ковид кризата не оневозможи да оддржиме уште неколку концерти кои беа закажани. Се надевам наскоро ќе имаме прилика.
Покрај Дерик Меј имав и соработка со Хуан Аткинс и Џеф Милс, кои се многу значајни имиња во светот на електронската музика.
Следи нов проект со Франческо Тристано и Херник Шварц кој најверојатно наредната година ќе биде промовиран.
Од секого има што да се научи
Ако би правел некоја своја лична градација на меракот, од Архангел, Жлусти, Д.Н.О, Бодан Арсовски…, до филмска музика, Филхармонија и ЗЏМ Биг Бендот, каде најмногу си уживал?
– Со сите набројани уметници и групи сеуште имам одлична комуникација и добро чувство. Не можам да одвојам некоја група посебно, бидејќи јас со сите некако се чувствувам убаво и нормално. Од секого има што да се научи и тоа е бескрајно. Битно е човек да го сака она што го работи, така работата ќе му биде потполно уживање.
Штотуку помина Евровизија. Пред десетина години се сеќавам постоеше една иницијатива и ти да бидеш дел од настап на еден домашен изведувач… Успеа ли да го проследиш годинешново издание, иако знам дека ова не е „твоја музика“
– Ништо не успеав да видам. Сметам дека Евровизијата доколку продолжи да постои треба да го смени концептот и да промовира повисоки културни вредности.
Препорачувам дневна доза музика
Што во последно време на твојот телефон (или музички систем, ако го имаш) ти е на „рипид“?
– Нешто што одамна ми се нема случено да преслушам некој албум неколку пати, се случи непосредно пред три месеци со новиот албум на Курт Елинг со Данило Перез за кој го доби Греми за најдобар џез албум за 2020 година. Изборот на композиции е фантастичен, изведбата на Курт Елинг е неверојатна и секако на музичарите, и продукцијата е навистина сериозна. За љубители на добра музика топло го препорачувам.

Во текстот на сајтот на Филхармонија, каде ти си претставен во неколку зборови, стои дека твојот став е дека музиката има магична моќ. Оттаму, може ли таа, како една прекрасна уметност, да го спаси светот?
– Музиката е дефинитивно невидливиот борец против сите глупости кои се случуваат денес во светот. Сметам дека учествува во процесот на балансирање на енергиите и се надевам дека барем малку успева да ги направи луѓето среќни. Науката веќе има докажано дека човечкиот мозок е најактивен додека слуша музика.
Во ова брзо време на живеење каде информациите патуваат и стигнуваат пребрзо за да може реално да се испроцесираат, препорачувам дневна доза на слушање на омилената музика. Така сите ќе зрачиме со поубава енергија. Музиката го спасува светот веќе долго време, а ние денес треба да и дадеме малку простор за да ја покаже нејзината магија.
Иван Беќковиќ