Задужбина на Милан Младеновиќ, која и годинава го распиша конкурсот за регионалната музичка награда за најдобра песна, која го носи името на овој извонреден автор ги обзнани имињата на 47 полуфиналисти кои се најдоа во потесниот круг. Меѓу нив се и македонските музичари: Дина Јашари со „Бои“, Funk Skui & Вера Љубојна со „Не време“ и ПМГ Колектив со „Вода“. Жирито во состав: Катарина Епштајн, Иван Феце Фирчи, Дамир Урбан, Кирил Џајковски и Зоран Стајчиќ преслуша 197 песни пристигнати на конкурсот од целиот регион, и ги избраа овие песни. Жирито до 20-ти август ќе ги објави имињата на 12 финалисти, а победникот ќе биде прогласен на денот кога е роден Милан – 21 септември.